На денешниот состанок на претседателството на партијата ДУИ, ќе се разговара за тоа дали тие да ја поддржат владата од опозиција или пак да бидат дел од неа, дознава НОВА од извори во оваа партија.

Според нашите извори, во 13:30 на состанокот на ДУИ ќе се разгледуваат две опции: првата е тие да ја подржат владата на Зоран Заев и законот за употреба на јазици кој е договорен, но да останат во опозиција, односно да немаат учество во владата.

Втората опција пак е целосно да ја подржат владата и да бидат дел од неа.

Преку ова сценарио, ДУИ би се обиделе да ги „задоволат“ и двете македонски партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски неодамна изјави дека ако ДУИ не го почитува принципот кој досега важел во составувањето коалиција за „победник со победник“, тогаш тие во иднина ќе постапуваат поинаку со неодамнешниот стар коалициски партнер. Од друга страна пак, со давање на потписите на СДСМ, тие не би го кочеле составувањето на нова влада, но нема да бидат нивни коалициски партнери.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети пред почетокот на Централното претседателство во Мала Речица денеска рече дека е мала можноста оваа партија да донесе одлука за тоа дали ќе коалицира со СДСМ и ќе состават влада.

– Ќе разговараме за сите опции, во смисла на тоа дали да бидеме опозиција, рече кратко Ахмети.

Според Ахмети, се уште во партијата нема договор дали таа ќе ги даде потписите на лидерот на СДСМ, Зоран Заев за тој да го добие мандатот за составување Влада од претседателот Ѓорге Иванов.

Ахмети и претходно на денешната средба со британскиот министер за Европа и Америка Алан Данкан рекол дека на денешниот состанок на Централното претседателство на ДУИ ќе се разговара за можностите и опциите на ДУИ имајќи во предвид изборниот резултат, вклучувајќи ја и можноста ДУИ да остане во опозиција.

Со овие најави од ДУИ се појасно е дека во игра е и составување на малцинска влада на СДСМ со потписи од ДУИ и уште некоја од албанските партии.

ДУИ на изборите освои 10 пратеници, додека СДСМ пак освои 49 пратеници. Слични најави за тоа дека ќе му ги дадат потписите на Заев за да собере парламентарно мнозинство, најавија и Движењето Алијанса за Албанците и БЕСА. Првите имаат 3 пратеници, додека вторите освоија пет пратенички места. Од Беса изјавија дека давањето потписи за состав на влада, не значи дека ќе бидат дел од неа.