Опасноста од класична воена закана на подолг рок за Македонија и нејзиното непосредно опкружување не е очекувана, но затоа невоените закани не само што ја модифицираат својата форма, туку се адаптираат на современото живеење, станаа разновидни и се зголемија, по интензитет, простор и време.

Ова е заклучок од денешната конференција „Безбедноста од аспект на внатрешните актуелни состојби и глобалните асиметрични закани“, организирана од Клубот на генерали, Дипломатскиот клуб на Македонија, Балкански форум за безбедност и Здружението на ветерани и резервисти од одбраната и безбедноста.

Благоја Марковски, претседател на Балканскиот форум за безбедност истакна дека конференцијата се случува во исклучително важен период за земјата, на внатрешен и надворешен план.

„Своевидна експанзија на безбедносни предизвици за земјата на внатрешен план се дисбалансот во развојот на демократските процеси, девијациите предизвикани од организираниот криминал и националниот радикализам. Од надворешен аспект на влијанија се појавија нови нетрадиционални ризици и асиметрични закани како што се меѓународниот тероризам, организираниот криминал, етничките и религиозни контроверзи, илегалното ширење на оружје и технологии за нивно производство, бегалски и миграциски проблеми, закани за информациските системи, трговијата со дрога и луѓе“, рече Марковски.

Деканот на Факултетот за безбедност, Никола Дујовски, изрази очекување дека наскоро ќе има посериозен напредок во однос на интегрирањето на Македонија во НАТО.

„Безбедноста во Македонија е на стабилно ниво, а предностите со членството во НАТО, пред се’ се однесуваат на владеење на правото, борбата против организираниот криминал, корупцијата, а најмногу можноста за економски напредок. Корупцијата е еден од најсериозните проблеми во една држава, но овој феномен не е првенствено поврзан со безбедноста на државата, туку повеќе со владеењето на правото, со институциите“, рече Дујовски.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски напомена дека развојот на безбедносен сегмент, како во однос на неговата системска поставеност, така и во поглед на безбедносните предизвици, е правопропорционален со интензитетот и динамиката на општествениот и цивилизацискиот развој.

– Настаните во оваа ера на така наречен глобализам, не само што ја потврдуваат „динамична меѓузависност“ на предизвиците и одговорите кон нив, туку бараат континуирано следење и изнаоѓање нови концепти во сферата на внатрешната, регионалната и колективната безбедност. Дотолку повеќе што е очигледно дека светот денес повторно се наоѓа пред нова глобална и крајно сериозна геополитичка крстосница, со сите евидентни економски, социјални, културни, цивилизациски и конечно безбедносни импликации“, рече Спасовски.