Арената за сите битки да се пресели во парламентот, а не да се шират повици за насилство и на луѓето да им се оди дома пред врата со нарачани закани, порача вечерва лидерот на СДСМ, Зоран Заев во интервју за Канал 5.

Заев ги повика на дуел Никола Груевски и претседателот Ѓорѓе Иванов за јавно да разговараат за сите отворени прашања.

Тој истакна дека правото на протест е загарантирано, но не и да се скандираат повици на насилство и да се шири албанофобија или други видови омраза.

Според Заев, спречувањето на мирен трансфер на власта е државен удар.

„Груевски преговараше и заврши неуспешно со преговорите, јас разговарав, не преговарав бидејќи немам мандат. Имаме програма на влада, сто посто од интерес на граѓаните на Македонија. Како би било јас да кажам дека Груевски е дел од Тиранска влада затоа што е со ДУИ. Но тоа не е во ред и не е добро да се каже“, рече Заев и додаде нивниот опонент да не се обидува да прави манипулации.

На прашањето на водителката, која од неодамна стана и уредник на Канал 5, кое е алтернативното решение доколку Иванов не го даде мандатот.

„Не сакаме да размислуваме за алтернативни решенија. Новиот претседател треба да му пушти допис на Иванов, се со цел традицијата и формалниот симболичен чин да биде даден на мандаторот за да се обиде да состави влада. Јас треба да добијам шанса и не знам можеби исто нема да успеам, можеби исто ќе го вратам мандатот“, рече Заев.

Тој кажа дека Талат Џафери е еден од посериозните кандидати за претседател на Собранието бидејќи има најголемо искуство во Собранието, но треба да се реши и поддржи од сите.

За повикот на Груевски да направат малцинска влада, Заев рече дека тоа е во суштина федерализација на државата.

„Ако само Македониците направат влада, каде ќе бидат Албанците. Зошто Груевски кога имаше 62 пратеници го повика Груевски да прави влада, значи тој е принципот. Нуди малцинска влада. Зошто кога може да направиме мнозинска влада? Доста се лагите. Утре ќе се избере претседател на Македонија. Ако не утре, задутре. Арената за сите битки да се пресели во парламентот, а не да се шират повици за насилство и на луѓето пред врата да им се оди и да им се закануваат. Правото на протест е загарантирано но не и да се скандираат повици на насилство“, рече Заев.

Заев уште еднаш повтори дека нема да се менуваат химната, знамето, униформите ниту банкнотите, туку ќе се донесе нов Закон за јазици.

„Јас немам мандат и не преговарав туку разговарав. Македонија нема да биде бинационална држава, туку мултиетничка држава и затоа ќе има нов Закон за јазици. Лага е дека ќе плаќа некој казни ако не знае албански. Или дека некој во Гевгелија ќе морал да знае албански. Лаги. Само ќе се унапредат правата на оние кои зборат други јазици според Уставот“, рече Заев.

Во однос на прашањето за евентуална промена на името, Заев рече дека со инклузивен процес заедно со опозицијата ќе се дискутира за предлозите и секој предлог ќе оди на референдум во кој граѓаните ќе го имаат последниот збор.

„Груевски вели ќе ја снемало Македонија, будала работа, како може да ја снема Македонија, единствено тој нема да биде на власт. Целата моја фамилија живее во Македонија, зарем е можно да работиме да ја снема Македонија“, рече Заев.

Во однос на посетите на Хан и Могерини, Заев рече дека во моментот „се зависи од нас“. „Тие беа многу директни, дадете ни причини ќе отвориме претпристапен дијалог, наскоро ќе бидеме можеби поканети и од НАТО. Влијанието на Русија има и добри работи, тоа ја провоцира Евроатланската унија повеќе да се сврти со погледот кон нас. Имаме наклонети моменти, може да ги искористиме, дајте да направиме влада и тргнеме напред“, рече Заев.