Собранието денеска ќе ја продолжи 12. седница на која треба да расправа за Предлог-законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизација на претпријатијата со доминантна сопственост на државата, во јавноста познат како закон за стечајците.

Законот е поднесен од пратеници од парламентарното мнозинство, а со него се очекува да се реши статусот на стечајците кои не беа опфатени со претходниот закон.

Министерство за труд: 3000 стечајци ќе добијат 7.596 денари месечно

На дневен ред на оваа седница се и предлог-измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, односно за укинување на радиодифузната такса.

Вчера по целодневна дебата, со 70 гласа „за“, без воздржани и против, изгласан е Законот за зголемување на минималната плата, со кој официјално треба да започне исплатата на минималната плата во износ од 12.000 денари.

Зголемувањето на минималната плата ќе се однесува на сите работници, односно таа ќе треба да биде исплатена и за вработените во кожарската, текстилната и индустријата за обувки. За таа цел, месечно ќе се одвојуваат 1,5 милиони евра буџетски средства со кои ќе се поддржуваат компаниите да го исплаќаат овој износ на минимална плата.

Според пратениците од опозицијата, со Законот се дерогира Изборниот законик и се носи популистичко решение кое нема да има никакви ефекти на среден и на долг рок. Овој закон, сметаат од ВМРО-ДПМНЕ, е наменет за предизборни цели и се очекува дека со неговото донесување работниците кои ќе добијат покачување на минималната плата ќе гласаат за СДСМ на претстојните избори.

Пратениците од парламентарното мнозинство ги негираа обвинувањата, истакнувајќи дека Законот не е предизборен политички маркетинг, туку дека како лево ориентирана партија предлагаат закони кои имаат социјална димензија.

Според пратениците од СДСМ со Законот се враќаат парите кај граѓаните со ниски приходи, ќе придонесе само да има правилна распределба на приходите и граѓаните да се чувствуваат рамноправни, додека со субвенционирање ќе се покријат 70 проценти од трошоците на работодавците за исплата на минималната плата.