Несреќата во Нови Сад стана симбол не само за колапсот на државата, туку и за целиот политички систем што многумина во Србија го сметаат за корумпиран, арогантен и како систем што ги презира луѓето, пишува денеска на својата веб-страница германската јавна телевизиска станица ЗДФ.
Протестите што започнаа по трагичното уривање на настрешницата на железничката станица во Нови Сад траат веќе една година и добија сосема нова динамика бидејќи за првпат учествуваат и неполитички класи – ученици, студенти, семејства.
ЗДФ наведува дека работата за реставрација на настрешницата е извршена „без транспарентен тендер и е доделена на компании блиски до владата“.
„Судско расклопување? Засега, ништо од тоа“, пишува ЗДФ – втората програма на германската јавно-правна телевизија.
Телевизијата оценува дека претседателот на Србија, Александар Вучиќ, е под зголемен притисок. „Неговата влада, вистина е, се обидува да се допадне со теории на заговор, контрапротести и репресивни мерки, но поддршката што ја ужива се намалува“, пишува ЗДФ.
Политичкиот аналитичар од Белград, Срѓан Цвијиќ, смета дека масовното протестно движење длабоко го потресе изборниот потенцијал на владејачката Српска напредна партија (СНС). Според него, особено младата генерација, која претходно беше отпишана како аполитична, сега стана предводник на демократските протести.
ЗДФ пишува дека гневот поради несреќата во Нови Сад одамна се споил со незадоволството од ситуацијата во земјата.
Инфлација, енергетска криза, недостаток на перспектива“, пишува ЗДФ и ги пренесува зборовите на учесник во протестот кој дошол од Белград во Нови Сад пеш, дека повеќе нема доверба „ниту во политиката, ниту во судството, ниту во медиумите.
Европската Унија долго време беше воздржана кон Вучиќ, но неодамна го заостри својот тон. Европскиот парламент во резолуцијата зборува за „автократски режим, а сега со нетрпение се очекува новиот извештај на Европската комисија за Србија, пишува ЗДФ.
Наведувајќи дека има сè погласни барања за распишување избори во Србија, но дека властите се двоумат, телевизијата ја емитува оценката на Срѓан Цвијиќ дека изборите се единственото решение за политичката криза, но дека Вучиќ „ќе ги дозволи само кога ќе биде сигурен дека може да ги манипулира“.

