ЕУ со нетрпение очекува да се надмине долгорочната политичка криза преку договорот од Пржино посредуван од ЕУ и САД и прифатен од главните политички партии, со јасни насоки во тој правец за одговорност и ставање на прво место на интересите на земјата. Тие насоки се клучни не само за имплементација на овој договор, туку и за имплементирање на неопходните реформи за подобра иднина на вашите граѓани.
Ова денеска го нагласи новоименуваниот евроамбасадор Самуел Жбогар, кој му ги предаде акредитивните писма на претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов. Тој потенцира дека функцијата на која доаѓа истовремено е привилегија, но и предизвик.
Евроамбасадорот Жбогар истакна дека мора да биеме посветени на вредностите на ЕУ, демократија, дијалог, владеење на правото и почитување на човековите права.
Земјите членки на ЕУ и солидарно се поврзани со земјите партнери, што го покажавме во неколку цивилни катастрофи и за време на мигрантската криза, рече меѓу другото Жбогар, додавајќи оти РМ не е сама на патот на исполнувањето на реформите, а успехот во овој процес, подвлече, ќе овозможи РМ да го заземе местото меѓу нејзините пријатели.
Претседателот Иванов изрази уверување дека за време на неговиот мандат дополнително ќе се зајакнат и развијат меѓусебните односи и ќе се продлабочи активната соработка во сите сфери.
Нагласувајќи дека членството во ЕУ за Република Македонија е највисока стратешка цел, Иванов изрази надеж за што побрезо деблокирање на евроинтеграциските процеси. Секое натамошно пролонгирање на овој процес, истакна, сериозно ќе влијае на темпото на реформите, на нивото на политичката култура во државата и на културата на дијалог и компромиси.
– Не станува збор за алиби со кое би се оправдале некои внатрешни состојби, напротив, станува збор за реален факт со реални импликации. Постојаното одлагање на почетокот на пристапните преговори се покажа како контрапродуктивно. Во време на сериозни предизвици како за Европа, така и за нашиот реигон и за Република Македонија, крајно време е за промена на пристапот, а ние сме подготвени да го преземеме својот дел од задачата за иднината на ЕУ, му порача претседателот Иванов на новиот евроамбасадор Жбогар.
Иванов меѓу другото рече дека верува оти Унијата ќе го исправи досегашниот погрешен пристап кон Македонија. Според Иванов, блокирањето на евроатлантската интеграција на Македонија е пример за тоа како не треба да се гради безбедноста во регионот. Тој изрази надеж дека ЕУ и земјите-членки ќе покажат поголемо разбирање за геоплотичките предизвици, уважувајќи го меѓуанродното право преку почитување на пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг.




