Градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновскиденеска во 12 часот треба да се појави на распит во Специјалното јавно обвинителство. Како што соопштуваат од општината се сознанија на Жерновски кои треба да придонесат за оценка на веродостојноста на наводите од поднесени кривични пријави.
Се работи за нарачаните шамари врз Жерновски и за демолирањето на општинските бараки. Како што се слуша во една од „бомбите“ на опозицијата, тогашниот премиер Никола Груевски, во разговор со поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиевски, нарачува и договара протест пред општина Центар во наводна одбрана за рушењето на новата црква, при што дел од донесените граѓани треба да влезат во салата на Советот и, пред сите советници и медиуми, да му “врзат три-четири јаки шамари” на тукушто избраниот градоначалник на општина Центар.
– У петок ќе му собереме едно 2.000 луѓе пред Центар, дел ќе си влезат и внатре, пошо нели имаат право граѓани да влезат, па да видиме да размислиме дали еден да стане и едно три четири шамари јаки да му врзе пред сите. Не може ништо да му се напраи, нема тешка телесна повреда тука за кривична, има прекршочна само, се слуша на аудио материјалот што во април годинава го објави СДСМ, тврдејќи дека се работи за разговор меѓу тогашниот премиер Груевски и министерот за транспорт Јанакиески.
За вандализмот и демолирањето на општината, градоначалникот Жерновски во неколку дописи до екс министерката за внатрешни Гордана Јануловска, бараше одговорност за нарачателите и сторителите. Сепак, иако дел од нив беа фотографирани со неа и со Груевски, односно беа и делегати на Конвенцијата за избор на Ѓорге Иванов за претседателски кандидат на ВМРО- ДПМНЕ, до денес истите не се идентификувани и санкционирани.
Жерновски за овој случај поднесе кривична пријава против Груевски.




