Одложувањето на судењето за случајот „Нарачани шамари од Груевски за Жерновски и демолирањето на општината“ покажува дека Груевски бега од соочување, рече градонашалникот на општина Центар Андреј Жерновски, во синоќешното гостување во емисијата „360 степени“ на Алсат М.
Тој вели дека е банална причината на Груевски за непојавувањето на суд. Со тоа, вели Жерновски, тој докажува дека е виновен, но убеден е дека правдата наскоро ќе биде задоволена.
За вчерашната прес конференција на СЈО за новиот случај „Таргет“, во кој се посочува УБК како нарачател и реализатор на прислушкувањето, Жерновски вели:
„Пропаднаа во вода сите лаги на Груевски за некакви странски служби и жолти комбиња, сечени лепени и монтирани разговори. По отварање на случајот “Таргет”, јасно е кој прислушкувал и за чии потреби. Потврдено е дека разговорите се вистинити, а со тоа и сите криминалии и насилства кои во нив ги слушнавме“, вели Жерновски.
Случајот со дивоградбата на претседателот на Кривичниот Суд, Владимир Панчевски, според Жерновски е јасен и нема дилеми дека општинската инспекција постапила законски.
Тој рече дека тоа што Панчевски сам почнал со уривање на делот што беше означен како дивоградба докажува дека случајот е чист.
„Тоа е еден од најчистите случаи кои сме ги имале. Нема никаква дилема и законот јасно потврдува дека е дивоградба. Инвеститорите имале дозвола за реконструкција на фасадата, а не за доградба или проширување“, рече Жерновски.
Тој вели дека е запрепастувачки што Владимир Панчевски од позиција на претседател на суд си дозволил да го прекрши законот кој мора да важи за сите исто.





