Здружението на новинарите на Македонија соопшти дека се солидаризира со барањата на новинарите на трите весника на издавачот Медиа принт Македонија веднаш да се исплатат заостанатите плати за декември и јануари и хонарарите на дописниците.

ЗНМ ја поддржува одлуката на штрајкувачкиот одбор на новинарите на Дневник, Утрински и Вест да стапат во штрајк ако најдоцна до 15 февруари не се исплатат заостанатите плати.

„Ги повикуваме сопствениците и менаџментот на МПМ сериозно да се зафатат со решавање на проблемите и да ја прекинат агонијата во компанијата. Недозволиво е весниците и новинарите да се претворат во заложници на дневно политички интереси“, соопштија од ЗНМ.

Оттаму велат дека единствено трајно и одржливо решение за состојбата во МПМ е да се ослободат весниците од партиската контрола.

Одлуката за штрајк во МПМ денеска доби поддршка и од Меѓународната и од Европската федерација на новинари.