Отпуштањето на 20 вработени од Медија принт Македонија, од кои мнозинство новинари од дневниот весник Вест, претставува смислен удар врз професионалното новинарство и слободата на медиумите, се вели во реакцијата на ЗНМ.
– По смената на главниот уредник Горан Михајловски, со новите откази, менаџментот се пресметува со новинарите основачи на весникот кои не дозволуваат да се злоупотреби новинарството заради интересите на власта. Откако новиот уреднички тим не успеа да го искористи старото руво на Вест за да се протурат ставови на власта, менаџментот се реши да го умртви весникот. Со откази менаџментот на компанијата не ги решава причините на кризата. Тие не треба да ги бараат кај основачите на весникот, кои од Вест направија најчитан весник во Македонија, туку во новата уредувачка политика, која весникот го претвори во навивач на власта. Во светот се уште не е смислен успешен медиумски бизнис модел, кој е заснован на партизирано новинарство. МПМ е типичен пример како медиумите се користат како монета за поткусурување за задоволување на интересите на нивните сопственици и власта. Само во недемократски земји, медиумите се жртвуваат заради клиентелистичките односи на политиката и бизнисот, велат од ЗНМ.
НОВА вчера објави дека најголем дел од листата за отпуштање се новинари од стариот состав на Вест.
Од Вест си заминуваат поранешните помошници на уредникот од основачкиот состав Марина Костова и Снежана Ванкова, како и новинарите Орданче Костов, Елица Бучваровска, Бети Тимиовска и Мирослав Илиоски и плус еден возач и дактилографка. Од „новите луѓе“ во Вест донесени по промена на уредничкиот тим, медиумот ќе треба да го напушти само новинарката Ивана Трајковска.
НОВА се обиде да стапи во контакт со главниот и одговорен уредник на „Вест“ – Горан Петрески, кој накусо само рече дека е надвор од земјата.
Со одлуката МПМ соопштиле дека бројот на вработени лица се намалува од деловни причини, бидејќи компанијата е во криза. Во некои од медиумите е намален бројот на вработени, а во дел се укинати и рубрики.
Истакната била и листа на бодување, а одлучувачко за тоа кој ќе добие најмалку бодови и со тоа ќе мора да ја напушти компанијата, од 0 до 50 поени давaл главниот и одговорен уредник, а останатите 50 поени зависат од образованието, стажот, социјалната и економска положба на вработениот.
Отпуштените ќе добијат испратнина во износ од една до пет плати. Дел од вработените кои се на списокот за отпуштање велат дека МПМ внимавала да бидат запазени сите законски процедури, но и покрај тоа тие ќе ја обжалат одлуката.
Најавите на компанијата за отпуштање на десетици вработени и намалување на платите од 10 до 20 проценти уште минатата година, беа причина тимот на „Вест“ точно пред една година да излезе на мирен протест под прозорецот на канцеларијата на претседателот на извршниот одбор на МПМ, Срѓан Керим.
Од канцелариите на МПМ за време на протестот вработени од прозорците ги снимаа и фотографираа оние кои протестираа, но се трудеа да останат незабележани.




