Народната банка соопшти дека на 30.јуни2024 година, нето надворешниот долг изнесувал 4 481 милион евра или 30,8 отсто од проектираниот БДП.
Нето надворешниот долг во вториот квартал од 2024 година е зголемен за 109 милиони евра или за 2,5 проценти.
Од аспект на структурата, приватниот нето-долг и натаму има поголемо учество во вкупниот нето-долг со 64 отсто.
Во текот на вториот квартал од 2024 година, негативната нето меѓународна инвестициска позиција (МИП) е зголемена за 185 милиони евра и изнесува 8 622 милионa евра, што претставува 59,2 отсто од проектираниот БДП за 2024 година. Од овој износ, најголемиот дел или 88 проценти се нето-обврски врз основа на директните инвестиции, од кои 71 отсто се врз основа на сопственички капитал.
-На крајот на вториот квартал од 2024 година, бруто надворешниот долг изнесува 11.875 милиони евра и забележа квартално зголемување од 76 милиони евра. Бруто надворешните побарувања се намалија за 33 милиони евра и изнесуваат 7.394 милиони евра. Кварталното зголемување на обврските, при истовремено nамалување на побарувањата доведе до зголемување на нето надворешниот долг за 109 милиони евра, така што на крајот на јуни 2024 година тој изнесува 4.481 милион евра, наведува Банката.
Во споредба со крајот на 2023 година, бруто надворешниот долг е повисок за 519 милиони евра, или за 4,6%.