Темелко Ристески: Крај на септември. Шетам со пријателите Ване и Тоше по кејот на Вардар. Ване и Тоше „муабетат.“ Јас, по обичај, молчам, гледам во небеското синило по кое пловат ретки, бели облаци и го слушам „муабетот. Тема на „муабетењето“ беше очекуваното покачување на пензиите.
Тоше му вели на Ване: За два дена на сметката ќе ни легнат по две и пол илјади денари покачување на пензијата; охо, хо, хо! Ги трие длановите и радосно се смее.
Ване прекорно го погледнува и прашува: Колку пензија имаш бре брат?
Нешто преку педесет илјади денари, зачудено одговара Тоше.
Ајде пресметај колку се две и пол илјади на твојата пензија, му наредува Ване. Нешто помалку од 5%, а! додава тој.
Тоше се подзамислува: Стварно мајката! По кратка пауза додава: Последниве пет шест години никогаш не сум добил помалку од 5% покачување.
Го погледнувам и забележувам набрано чело, дигнати веѓи и плачливо спуштени усни.