Коалицијата Европски фронт предводена од ДУИ денеска соопшти дека со поднесени приговори до ДИК од други политички партии за нерегуларности на избирачки места во изборните единици 5 и 6 и се прави обид да им се одземат два пратенички мандата.
Шефот на изборниот штаб на Европски фронт, Арбер Адеми на прес-конференција попладнево рече дека постојат сериозни обиди со политички дил, со политички договор да има изборен инженеринг, да се поткопува демократијата и слободната волја на граѓаните и на легитимитетот“.
Другите политички партии врз основа на непринципиелен политички дил и договор и газејќи врз волјата на граѓаните, на оркестриран начин поднеле приговори за избирачки места во Петтата и Шестата изборна единица, иако не е констатирана ниту една неправилност додека траеше изборниот процес и по неговото завршување. А дека тоа е така се самите потписи на сите членови на избирачките одбори предложени од самите политички партии кои денеска и овие денови поднеле приговори.
Целта е јасна – сакаат на Европскиот фронт да му одземат два пратенички мандати иако тие се резултат на чистата волја на граѓаните и на нивното слободно изразување, изјави Адеми.
Адеми апелираше до Државната изборна комисија дека „има одговорноста за секоја нивна одлука“ за заштита на слободното изразување на гласачите и за демократските гласови на граѓаните. За тие, како што рече, „темни сценарија за изборен инженеринг кои се кривично дело“ ја информирале меѓународната заедница односно САД и ЕУ, НАТО, ОБСЕ и ОДИХР.