Агенцијата за филм го поништи конкурсот за финансирање проекти за филмови за 2024 година.
Одлуката е донесена на 30-ти октомври, а се темели на „неправилности и незаконитости“ во процесот на спроведување на конкурсот.
Конкретниот Конкурс се поништува поради тоа што со поведувањето и спроведувањето на истиот се утврди дека постојат неправилности и незаконитости во дејствија, стои во одлуката.
Причините за поништувањето, се појаснува, вклучуваат ненавремени одлуки за пријавените проекти кои не беа донесени ниту во април ниту по продолжениот рок што е во спротивност со законските рокови.
Исто така, постоеле интерни акти кои не биле усогласени со законите за евалуација на проектите, а имало и нејасности околу роковите и критериумите за пријавите.
Поради овие проблеми, Агенцијата за Филм на Република Северна Македонија оценила дека понатамошното спроведување на конкурсот би било законски спорно па го поништи во целост.