Некои од истражувачките стории објавени во последните две години го збогатија секојдневниот говор на политичарите, новинарите, но и на обичните граѓани со зборовите „Белизе“, „Лугано“ и „офшор“. Опозициските политичари активно ги користат во својот настап, новинарите во текстовите, прилози, аналитичарите во коментарите, а најголемата сатисфакција дека она што како новинар сте го откриле допрело до јавноста е употребата на овие зборови на социјалните мрежи и во невиртуелнотосекојдневние, кога на пример таксистот ќе ви рече „Остај, они во Белизе се си однеле, ние што ќе правиме“.
На добар дел од тие стории посветено работеа и новинари на НОВА и во изминатите две години за прв пат се откри дека македонски компании кои можат да се поврзат со моќници од власта во својата сопственичка структура кријат компании регистрирани во офшор- државите или земјите – даночни прибежишта. Овие компании никогаш не беа случајни, туку компании чијшто финансиски успех во голема мера се должи на користењето на државните пари, но и друг вид на политичка предност при добивањето зделки и при купувањето имот.
Нивните газди во последниве неколку години имаат „обичај“ да си ги кријат имињата во Лугано, Британските девствени острови, Белизе, Лихтенштајн и други даночни прибежишта.
А деновиве најактуелна е државата Белизе во Централна Америка. Со последната „бомба“ на опозицијата, но и дополнителните истражувања на новинарите, за прв пат името на премиерот се поврза со конкретни бизниси чиишто траги мистериозно завршуваат во оваа држава којашто им го нуди сиот комфор на анонимност на оние кои не сакаат да откријат што поседуваат.
Сите инвестиции од Белизе
„Сирах Лимитед“ е компанија којашто во Македонија ја формира фирмата ќерка „СирахИнжинеринг“, со којашто пак, управува кумот од првиот брак на премиерот Никола Груевски, Ристо Новачевски. Тоа е последното име со кое ќе се сретнеме во приказната за мистериозниот купувач на илјадници хектари земја во елитната скопска населба Водно, бидејќи државата Белизе на своите клиенти им го нуди она што го нудат малку држави во светот – нетранспарентно односно тајно сопствеништво и тајно финансиско работење.
Сѐ што знаеме е дека оваа компанија во Македонија е основана со влог од 1,2 милиони евра, пари за кои јавноста не знае како кумот на премиерот ги стекнал бидејќи тој, како член на Управен одбор на јавно претпријатие нема доставено имотна состојба во Антикорупциската комисија, иако тоа е спротивно на законот. Со колку средства располага фирмата од Белизе која ја формирала фирмата од Македонија можеби и никогаш нема да дознаеме, бидејќи, како рековме, во државата Белизе овие податоци се тајна.
Се чини дека „СирахИнжинеринг“ нема никакви други активности во Македонија освен купувањето земја на Водно, за што веќе пишувавме. Формирана е во 2012 година, или истата година кога го купува земјиштето од 11.000 хектари шума во најелитниот кварт во Македонија.
Но, она што го одвлече нашето внимание беше адресата на којашто е регистрирана компанијата во Белизе, а тоа е 1 ½ „Мајлснортенхајвеј. На оваа адреса, покрај „Сирах Лимитед“, има уште три други компании коишто во Македонија имаат свои бизниси.
1. „Базики лимитед“
[Искра ММ – станбен комплекс кај фабриката ФАС 11 Октомври]
„Базики лимитед“ од Белизе заедно со уште една компанија и со еден бизнисмен ја поседуваа градежната компанија „Искра ММ“. Покрај „Базики лимитед“ во „Искра ММ“ како сопственик се јавува бизнисменот Цветан Панделески, инаку татко на Дејан Панделески – кумашинот на министерот за транспрот и врски Миле Јанакиески. Панделески е извршен директор во АД Пелистерка. И покрај „Базики лимитед“ и Цветан Панделески во „Искра ММ“ како партнер се јавува и фамозната фирма со швајцарски капитал од Лугано – „Ексико“.
„Искра ММ“ во медиумите се најавуваше како инвеститор на голем станбен комплекс во скопска Гази Баба, во непосредна близина на поранешната фабрика за автобуси ФАС 11 Октомври. Опозицијата во 2011 година обвинуваше дека изградбата на овој објект, меѓудругото, е една од причините зошто власта го рушеше „Космос“ на Фиат Цаноски.
2. „Иресине лимитед“
[Портал и неделник „Република“]
„Иресине лимитед“ од Белизе преку фирмата „Прва Република“ стoи зад порталот republika.mk и зад неделникот „Република“. Не се знае кој е сопственик на „Иресине лимитед“, а тоа досега не го откриле ниту генералниот директорот на „Прва Република“ Доне Доневски, ниту пак маркетинг директорот на оваа фирма, Стојан Георгиевски – Тото.
3. „Игра инвест лимитед“
[Спортски центар „Јане Сандански“ и Хотел Русијa]
„Игра инвест лимитед“ од Белизе е газда на кипарската компанија „Бет сити лимитед“ која стоеше зад изградбата на новиот спорстски центар „Јане Сандански“ и хотелот „Русија“ во скопски Аеродром. Во јавноста, како сопственик-концесионер на овие објекти беше презентиран рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко, меѓутоа тој одбива да објасни која е фирмата од Белизе.
Белизе: Егзотика, сиромаштија и добро чувани тајни
На фотографијата подолу е надворешната влезна врата од зградата во која што се наоѓаат седиштата на основачите на сите четири македонски компании. Тоа е адресата 1 ½ „Мајлснортенхајвеј во градот Белизе Сити. На таблите се испишани имињата на адвокатските куќи коишто ги вршат услугите за регистрација на компаниите. Помеѓу нив е ифирмата „ФронитерИнтершенлн Бизнис Сервисес Лимитед“ или токму онаа која ги има регистрирано „Сирах Лимитед“ и останатите „инвестиции“ од Белизе во Македонија.
Зградата на 1 ½ „Мајлс нортен хајвеј каде што се наоѓа “Фронтиер Интернешнл“
Влезот во ходникот на зградата каде што стојат сертификатите на адвокатските куќи коишто сведочат дека компанијата има дозвола од држаата да дава вакви услуги на странските клиенти
Фотографиите од местото во Белизе, кое се „прослави“ во Македонија, ги направи соработник на НОВА во оваа земја. Нашите очекувања дека ќе нѐ дочекаат слики со егзготичен декор беа срушени кога ги погледнавме фотографиите кои нѐ потсетија на околината околу скопскиотКванташки пазар. Соработникот ни објаснува дека Белизе е доста неразвиена и сиромашна земја, а дека песокот, плажите и егзотиката се резервирани за предградијата кадешто живеат дипломатите, странците и богатите мештани, како и за туристичките места во земјата. Следните фотографии го покажуваат она што во Белизе го нарекуваат автопат, односно „Мајлснортенхајвеј“.
Белизе Сити е најголем град во Белизе и поранешен главен град, а низ него поминуваат два автопата, Западен и Северен. По должината на северниот автопат од десната страна се наоѓаат поелитните населби во коишто, на пример, живее и премиерот. По должина на автопатот има многу компании и седишта на фирми. Половината која што стои крај адресата која што нас нѐ интересира 1 ½ „Мајлснортенхајвеј, всушност, ја означува оддалеченоста на местото од почетокот на автопатот, или во превод, седиштата на инвеститорите од Македонија се наоѓаат на милја и половина од почетокот на автопатот.
Но, легитимно е прашањето зошто некој би отворал фирма во поранешната британска колонија во којашто повеќе од половината граѓани живеат под прагот на сиромаштија, ако се суди по извештаите на Обединетите нации. Економијата, исто така, е далеку од силна страна на Белизе, а според Индексот за економски слободи 2015 Белизе е опишана како држава во којашто „корупцијата е доминантна, судството е слабо и политички ранливо, а државата е претворена во рај за перење пари и транзит на дрога“. Според истиот извештај, Белизе има и многу висока стапка на криминал, но и голем процент за заболени од ХИВ/СИДА.
Милиони компании од целиот свет, сепак, се регистрирани токму тука. Судејќи по економските параметри, граѓаните на Белизе немаат речиси никаков бенефит од овие компании.
Отвори фирма во Белизе и остани далеку од радарот
Но, кој и зошто отвора фирми во Белизе или во другите офшор дестинации како Британските девствени острови, Панама, Ст. Винсент и Гренадини, Џерси, Лихтенштајн, Луганоитн?! Еден од наједноставните и најилустративните одговори го дава Интернационалниот конзорциум за истражувачко новинарство со седиште во Вашингтон, организација во чијшто фокус на работа е токму борбата против перењето пари низ мрежите на таканаречените офшор компании. Оваа организација на јавноста ѝ е позната по својот последен проект „Свисликс“ во којшто обелоденија тајни банкарски сметки на илјадници лица од целиот свет.
„Ако сте бизнисмен и не сакате да платите данок во земјата во која што живеете, ако сте криминалец и сакате да ги исперете парите од шверц на дрога, оружје или бело робје, или, ако сте политичар и сакате да го сокриете вашиот имот од јавноста, или, едноставно, како човек сакате да сокриете пари и од вашата сопруга, тогаш офшор државите тоа го нудат на супер едноставен начин“,вака кусо е се објаснети таканаречените офшор-фирми во една од видео презентациите на Итернационалниот конзорциум за истражувачко новинарство.
Многу од оние кои низ историјата биле фатени со тајни сметки во офшор државите секогаш се бранеле дека „сѐ што правеле било легално“. Вистината е на нивна страна, дефинитивно. Да имаш компанија во Белизе е навистина легално според тамошните, но и според овдешните закони. Нивните закони гарантираат дека вистинскиот сопственик може да се открие јавно само доколку тој го сака тоа или доколку е предмет на истрага на тамошните власти, или, доколку трета влада или меѓународна полиција побара такво нешто. Освен што го крие вашето име, државата ги крие и вашите пари. Па, така, контото на вашата фирма според закон секогаш ќе биде скриено од љубопитните очи на јавноста. Некои од офшор државите одат и чекори подалеку, па од фирмите не бараат ниту завршни сметки ниту ажурирање на промени во компаниите. Така е и со Белизе.
Овие компании во Белизе не се предмет на никакви даноци без разлика каде се заработени средствата, според упатствата на Централната банка во Белизе. Оттаму информираат дека фирма може да се отвори за 24 часа, а сѐ што е потребно е да поднесете меморандум за асоцијација и да платите 100 долари фиксен годишен надоместок за името.
Многу адвокатски канцеларии ширум светот посредуваат при отворање фирма во ваквите држави. Голем дел од нив отворено ги рекламираат потенцијалните бенефити за своите клиенти кои во земјата во којашто се наоѓаат дефинитивно биле кривично дело. На пример, еве како една фирма од Лондон ги намамува кандидатите да отворат офшор-фирма и сметка:
„САКАТЕ ДА СТЕ НЕВИДЛИВ ЗА СТРАНКИ ВО СПОРОВОИ, ЗА ДАНОЧНИТЕ ОРГАНИ И ЗА ДРУГИТЕ ПРЕДАТОРИ?“
Видео истражување на НОВА со илустрации од офшор компаниите присутни во проектот Скопје 2014, како и видео презентација која опишува што е „офшор“
Изнајми име и отвори си фирма
Во 2012 година британскиот весник „Гардијан“ во соработка со Интернационалниот конзорциум за истражувачко новинарство и уште неколку други медиумски партнери спроведоа големо истражување за таканаречените офшор-компании откривајќи цели бизнис империи на политичари и бизнисмени од разни делови на светот кои своите богатства ги криеле во даночните прибежишта.
Имињата кои најчесто стојат на овие компании се на таканаречени „застапници“ чиишто услуги можат да се изнајмат за ситни пари. Услугите подразбираат само изнајмување на името за потпишување документи и за финансиски трансакции со цел вистинскиот корисник да остане апсолутно таен. „Гардијан“ во тоа време објави дека еден брачен пар од Британија ги изнајмил своите имиња на повеќе од 1.200 компании, од компании на руските олигарси, порно индустријата, коцкарскиот бизнис и многу други. Податоците на вистинските сопственици тогаш „протекоа“ од една адвокатска куќа којашто се занимаваше со асистирање при регистрирање на офшор-компании.
„Гардијан“ пишуваше дека луѓето како оваа британска двојка многу често воопшто и не знаат за што ќе бидат употребени нивните имиња. Тие го добиваат својот месечен надоместок од адвокатските канцеларии и понатаму не се интересираат за активностите зад коишто стојат нивните имиња.
Милијарди евра штети за земјите во развој
Извештаите на меѓународните организации покажуваат дека земјите во развој, каква што е и Македонија,заедно годишно губат 160 милијарди долари како резултат на даночно затајување од страна на компаниите. Тие се користат со лажни фактури и преку матни трансфери парите наместо во даноци завршуваат во земјите кои важат за даночни прибежишта. Според анализата на „КристианАид“, ако овие пари им беа дадени на земјите во развој и на неразвиените земји, ќе беа доволни да спасуваат 1.000 деца дневно секој ден. Ова ја надминува потребата од 62 милијарди долари кои недостасуваат за да се постигнат
„Милениумските развојни цели“ дизајнирани од страна на Обединетите нации со намера да ја намалат екстремната сиромаштија и гладот на земјата до 2015 година.
И според меѓународната „Мрежа за даночна правда“, земјите во развој губат помеѓу 120 и 160 милиони долари годишно од потенцијалното собирање даноци поради скриените богатства на нивните граѓани во офшор-државите.
Владата од Македонија сака да прави Белизе
Минатата година владата предвиде пакет промени во Уставот, а една од најконтроверзните новини предвидува креирање на слободна финансиска зона во Македонија.
-Постојат повеќе работи кои се спорни (дискутабилни) во однос на офшор- финансиските центри. Само да ги наброиме: можноста за пониско оданочување или целосно даночно ослободување, можноста за посебното правно регулирање што често претставува начин за избегнување на одредени „непожелни“ правила, можноста за постоење тајност на одредени податоци (за сопствениците на одредени средства) или за избегнување стечајни постапки, вака професорот Ванчо Узунов во своја колумна од јули месец во „Утрински весник“ го објаснува терминот даночен рај или офшор.
Пратеникот Павле Трајанов на првата собраниска расправа по повод предложените измени уште поостро ќе ја критикува намерата на владата да овозможи формирање на даночен рај во земјава.
-Тие зони може да станат рај за перење валкани пари од трговијата со дрога или од тероризам, затоа што државата во тие зони нема никакви инструменти да го контролира текот на парите. Тоа може да биде од голема штета за Македонија и може да ги загрози нашите стратешки интереси да станеме членка на НАТО и на ЕУ, рече Трајанов.
Во интервју за НОВА една од наједоставнитедефиници за тоа што е офшор ја даде поранешниот гувернер Петар Гошев кој ќе рече „Офшорот не е ништо друго освен завера на богатите против сиромашните – завера поддржана од владите низ светот“.
Според последниот извештај на “Глобал ФајненшлИнтергрити” вкупно 4,6 милијарди американски долари од 2001 до 2010 година се одлеале преку нелегални трансакции надвор од Македонија. Од овие пари, дури три милијарди се „изнесени од 2007 па наваму.
Серијалот истражувања е поддржан од НЕД во рамки на проектот „Промовирање на истражувачкото новинарство во сферата на јавните трошења“