Во Брисел денеска почнува дводневното заседание на Советот за надворешни работи на ЕУ – – ФАК, на чии маргини утре шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцински и високиот претставник на Унијата за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел ќе го потпишат Договорот за безбедносно и одбранбено партнерство меѓу Република Северна Македонија и Европската Унија.
Советот денеска ќе заседава на ниво на министри за надворешни работи на земјите членки на ЕУ, кои се очекува да ги изнесат своите ставови и мислења по предлогот на Борел за прекин на политичкиот дијалог во рамки на Договорот за асоцијација меѓу Израел и Унијата.
Борел, кој ќе претседава со ФАК, ќе ги информира министрите за најновата правна оценка за почитувањето на човековите права и меѓународното хуманитарно право од страна на Израел, како и за израелската регулатива за УНРВА.
Дебатата за односите со Израел ќе биде во рамки на точката посветена на состојбата на Блискиот Исток, која е една од темите на заседанието на Советот, заедно со последниот развој на настаните поврзани со руската агресија врз Украина, односите ЕУ-САД и случувањата во Грузија и во реонот на Рогот на Африка.
Во делот на расправата на ФАК посветена на Блискиот Исток, министрите ќе дебатираат и за најновите случувања во Газа и Либан, како и за пошироката регионална ситуација, вклучително и за следното заседание на Глобалната алијанса за спроведување на решението за две држави на Блискиот Исток, што треба да се одржи кон крајот на ноември во Брисел.
Дебатата за руска агресија врз Украина ќе започне со неформална размена на мислења преку видео конференциска врска на европските шефови на дипломатија со украинскиот министер за надворешни работи на Украина, Андриј Сибиха за најновите случување на бојното поле.
Пред средбата на министрите за одбрана ќе се одржи состанок на Управниот одбор на Европската агенција за одбрана -ЕДА, на кој меѓу другото ќе се расправа нејзиниот буџет за 2025 година, за тригодишната рамка за планирање, за извештајот за Координираниот годишен преглед на одбрана – КАРД, за 2024 година и за трошоците за одбрана на земјите членки на ЕУ и нивните одбранбени планови.