До крајот на неделава се очекува да заврши ажурирањето на апликацијата „Мој ДДВ“, по што граѓаните ќе бидат информирани кога повторно ќе можат да го користат напредниот начин на скенирање, велат од Управата за јавни приходи (УЈП).
„Тимот на УЈП е целосно ангажиран, со цел во најкраток можен рок да заврши овој процес на прилагодување на апликацијата. Вчера и денеска, беа направени дополнителни прилагодувања и веќе до крајот на неделата очекуваме да се заврши процесот, по што ќе ги информираме корисниците од кога повторно ќе можат да користат напреден начин на скенирање. Благодариме на разбирањето за процесот на прилагодување и додека времено се користи овој основен начин на скенирање, кој е базиран на можностите на телефонот и не е доволен за сите граѓани да можат брзо и ефикасно да ги скенираат бар кодовите од фискалните сметки“, велат во УЈП.
Затоа, додаваат од УЈП, се прави дополнителна надградба на софтверот за да се овозможи напреден начин на скенирање, со што ќе се изедначат можностите на сите граѓани, без разлика каков телефон поседуваат.
„Поради прилагодувањето на апликацијата на новиот технолошки развој, на понапредниот начин на скенирање, во моментот е возможно да се користи единствено бар код читачот кој го овозможува телефонот“, појаснуваат од УЈП.
Оттаму информираат дека во август на граѓаните ќе им бидат исплатени средства од „МојДДВ“.