Доминик Страус-Кан денес веројатно ќе беше претседател на Франција. Но, судбината одлучи поинаку. Судбината, неговото силно либидо или политиката. Тоа најверојатно нема брзо да го дознаеме.
Поранешниот директор на Меѓународниот монетарен фонд Страус-Кан (ДСК како што го викаат Французите) беше подготвен да се кандидира за претседател на Франција и речиси сите аналитичари беа уверени дека неговите шанси да влезе во Елисејската палата се огромни. Се до тој 14 мај 2011 година кога една жена во САД го обвини дека ја силувал.
Од тука работите тргнуваат надолу. ДСК е уапсен, потоа пуштен со кауција благодарение на неговата богата сопруга која е една од најславните француски новинарки и наследничка на богат татко. Следи процес во кој ДСК е ослободен од обвинувањето за силување но не и прогласен за невин.
Овој чуден исход е резултат на американското судство кое е поинакво од европските. Ако ДСК беше суден во Франција ќе требаше судот сосема да го ослободи или да го обвини. Во САД нема истражен судија и нема истрага за и против. Тужителката (the complaignant ou complaining witness) во САД не е дел од двете страни во процесот. Тоа е обвинителот (District Attorney) кој го застапува американскиот народ и поднесува обвинение за да дојде до судење.
Обвинителот Сајрус Венс (син на дипломатот со исто име познат во Македонија поради својата работа на проблемот со името) му објасни на судот дека нема доволно докази и поради тоа вината на обвинетиот се потпира единствено на сведочењето на тужителката. А ова сведочење не беше убедливо и таа, Нафисату Диало, немаше да може да го убеди судот дека ДСК е виновен. Патем, доколку беше обвинет ризикувапе казна од 74 години затвор.
ДСК и тужителката Нафисату Диало во САД
Накусо, од овој процес ДСК излезе ни виновен ни невин. Нема докази за вината но никој не може да докаже дека е невин исто така. Така, ДСК и Диало договорија финансиска трансакција. Бидејќи ДСК всушност не беше суден тој никогаш не ја даде својата верзија на настаните на суд па така судот не може да каже дали е виновен или не.
“Карлтон” процес
Но, судската одисеја на ДСК не заврши тука. По враќањето во Франција ДСК мораше да се соочи со уште едно обвинување: за проксенетизам.
ДСК и уште 12 осомничени лица беа судени за нивните сексуални средби и за фактурирани договори помеѓу хотелот Карлтон во Лил и борделите на Додо Сомур во Белгија како и за либертинските ноќи во кои се среќавале осомничените со проститутки во Париз и Вашингтон. Судење кое требаше да утврди кривична одговорност за обвинетите дека плаќале оргии и судење кое требаше да каже дали тоа е кривичен престап или само неморално однесување кое не е надлежност на судството.
Осомичените во процесот “Карлтон”
Исходот беше тотален неуспех за обвинителството, барем кога станува збор за ДСК и другите учесници на оргиите. Осуден беше само еден сопственик на бордел. ДСК излезе слободен од судењето.
Самата појава на славниот ДСК на ова судење мобилизираше 300 новинари од целиот свет кој беше претставен дека болува од сексуална булимија. Според еден полски новинар цитиран во весникот Либерасион, судењето може да опише како одлична приказна полна со “секс, моќ, откритија….”!
Според една од проститутките која сведочеше, таа работела во борделот на Додо во Белгија и понекогаш ја викале во Лил на ручек. Директорот за коминикација на хотелот Карлтон ја водел во апартман и потоа следувале сексуални сесии кои можат да се наречат и оргии во кои имало и многу алкохол. Според ова сведочење, проститутките кои доаѓале на овие забави морале да одговорат на многу сексуални барања на присутните мажи.
Обвинетите им се обраќале на овие жени како да се добиток, ги нарекувале “материјал” и имало многу навреди. Од судењето се доби впечаток дека сите тие организирани сексуални забави биле мизерни. Додо Белгиецот вели, во еден телефонски разговор, дека “доаѓа со стадото”. “Вие вака им се обраќате на жените?”, прашува судијата. А Додо, со збунет израз на лицето, одговара: “Да, јас така зборувам”.
ДСК и Додо, сопственик на белгиски бордел
Но во судењето сведочеше и поранешниот полициски комесар Жоел Спек кој бил шеф на бригада за борба против криминал во Лил. Тој раскажува дека добил дозвола да отвори прислушкување класирано како тајно. Еден од адвокатите на ДСК прашува: “Што ставивте како мотив за прислушувањето за да добиете дозвола за тоа? Знаеме дека комисијата која за тоа одлучува е преполна со барања за многу потешки случаи и таа многу од барањата одбива. Што имаше толку важно во ова досие за да се дозволи прислушување?”. Спек одговара со само една реченица која ја повторува во повеќе наврати: “Нашата истрага се однесуваше на мрежа на проституција помеѓу Франција и Белгија”.
Според многу шпекулации, ова прислушување било дозволено со само една цел – да се најде скандал кој ќе ја уништи политичката кариера на ДСК.
Во текот на судењето сведочеа повеќе познати лица од судството како адвокати или бизнисмени. Тие и проститутките со кои имале односи раскажуваат дека нивните врски биле платени. Една од нив вели дека доколку овие богати клиенти не плаќале немало да има ни секс. Овие клиенти често имале секс со проститутките за да проверат дали таа жена ќе му одговара на ДСК кога тој ќе дојде. Клиентите ги опишуваат вечерите како «професионални». На прашањето на судијата зошто тој опис, еден од нив вели дека за него целта на тие забави била за одржува врска со ДСК: «Цел живот сум гледал како моите шефови прават вакви забави за да бизнис интереси».
Најочекуваното сведочење беше се разбира на ДСК. На судот тој му раскажува дека бил многу близок пријател со другите осомничени во процесот. Според него, овие вечери се одржувале четири пати во годината, осомничените си разменувале смс пораки но тоа не било често случај. Судијата тврди дека овие забави се организирале само на барање на ДСК.
Сведочењето на една од проститутките достигнува врв на она што може да се изговори во јавност. Жената М. имала однос со ДСК на една од тие забави. Тој сакал содомија. М. покажала дека тоа не и се допаѓа и дека не сака содомија, тврди дека плачела и велела дека тоа ја боли. ДСК признава дека навистина работите така се случиле, но тврди дека не забележал дека таа плаче и ни најмалку не го има истиот впечаток како таа од целиот настан.
Во текот на судењето, според многубројните француски новинари кои го следеа настанот, често бил изговаран зборот «кланица». Сведочењето на Жад, една од проститутките, раскажува една од забавите со ДСК во 2009 година: «Ми ставија јасно на знаење дека сум тука за ДСК. Но кога ја видов таа мешаница на голи тела која личеше на кланица, си реков – не, не можам да одам таму».
На последниот ден од судењето самиот ДСК раскажува дека тој признава дека има сексуалност која е «тешка»: «Се согласувам дека се однесувам како што се однесувам во сексот и секој слободно може тоа да не го одобрува. Оваа пракса е сепак многу раширена. Но тоа со ништо не докажува дека сум знаел дека тие жени се проститутки», вели ДСК и додава дека не гледа зошто судот треба тоа да го суди, освен за неморална сексуална пракса која повеќе не е кривично дело во Франција.
Хотелот Карлтон во Лил
Така целата франко-американска судска одисеја се заврши без осуда на ДСК. Нема сомнение дека сега целиот свет знае дека тој има «сирова сексуалност» како што тој самиот ја опиша. Сексуалност која многу жени ја почувствувале и која ја осудуваат. Но, за правдата во тоа очигледно нема место. ДСК е слободен човек. Но овие настани и пресудија на неговата политичка кариера.
Набљудувачите на настаните со нетрпение очекуваат да дознаат повеќе за тоа дали ДСК е жртва на својата «тешка сексуалност» или жртва на политичките игри чија што единствена цел беше да го спречат да застане на чело на Франција.