Македонците се многу горди на своето културно наследство. Цркви, стари градски јадра, чаршии, амами, антички градови и градби, карактеристична архитектура од минатите векови… Но, дали грижата за тие локалитети и објекти е соодветна на гордоста со нив? Состојбата укажува дека не е. А, се работи за деликатна материја, која мора да биде максимално стурчно изведена, за да го имаме и да им го оставиме на следните генерации она што сме го наследиле од претходните.
Д-р. Донка Барџиева Трајковска е еден од најголемите експерти во Македонија за заштита на материјалното културно наследство, која целиот работен век го поминала во таа област, во Републичкиот завод за заштита на споменици на културата, и во други институции и тела, чија работа е грижата за старите објекти со културна вредност, нивната реставрацијата и конзервацијата.
Најново во областа на заштитата на културното наследство е одлуката на Владата од пред некој ден, да го прогласи Аквадуктот во Скопје за објект од исклучитело значење, со што тој го доби највисокиот степен на заштита.Барем формално.Што ќе значи тоа за него? Со години го гледавме како пропаѓа, плашејќи се дека на некои делови ќе се урне. Што би требало да следува сега, по оваа одлука, и верувате ли дека тоа ќе се реализира?
Станува збор за законски востановена постапка која ја спроведуваат надлежните институции по претходно изработена програма на Управата за заштита, која сензационалистички ја злоупотреби Министерството за култура. Имено,преку изработен елаборат за ревалоризација се утврдува категоријата по вредност, и се одредува режимот на заштита. Според членот 175 од Законот за заштита на културно наследство (2004), на ниво на држава, оваа постапка требаше да заврши во рок од три години за недвижното културно наследство, и една година за движното. Гломазната процедура и лошо осмислениот процес на ревалоризација, овозможија пробивање на сите рокови, и ги остави имателите без соодветен режим на заштита. Без пропишан режим на заштита, имателите не можат да се грижат и да ги одржуваат спомениците на соодветен начин. Општите пропишани мерки во законот се покажаа недоволни, поради отсуство на континуирано следење на состојбата и укажување на стручна помош. Од друга страна, бројката на ревалоризирани споменици е занемарлива во однос целокупниот фундус со кој располагаме. но и понатаму се инсистира на ваков начин на работа, кој за жал им одговара на двете страни, поради можноста за злоупотреба на категоријата по вредност. Во однос на Аквадуктот, прогласувањето претставува правен институт, кој требаше да претходи на изработката на проектот за реставрација. Во интерес на јавноста е неопходно да потсетиме дека и пред ревалоризацијата, односно прогласувањето, Аквадуктот беше правно заштитен со две решенија – од 1952 година и од 1967година. Од друга страна, со прогласувањето, законот предвидува промена на надлежноста, бидејќи споменикот на култура од највисока поткатегорија – исклучително значење, треба да премине во надлежност на НУ-Национален конзерваторски центар,Скопје. Според точка три од членот 146: (3) Националниот конзерваторски центар врши стручни работи на заштита за недвижното културно наследство од исклучително значење. При промената на надлежноста може да се случи и промена во пристапот на стручниот тим, кој би бил надлежен за проектот и неговата реализација. Прашањето е далеку посложено отколку што некој сака да го прикаже, како веќе решен проблем од правно-стручен аспект. Поинаку кажано, погрешно разбраната постапка на ревалоризацијата, како административна, а не научна постапка, не е спроведлива во пракса. Случајот со Аквадуктот е токму нагледен пример за слабостите на ваквото решение, бидејќи институцијата која ја извршила ревалоризацијата на споменикот е .територијално надлежна, но не и стручна за негова заштита. Самиот закон има голема грешка, која предизвикува директна штета на спомениците, бидејќи со намалувањето на поткатегоријата се намалува и режимот на заштита. Ревалоризацијата припаѓа на науката, која за жал, кај нас е целосно исфрлена од заштитата, и не случајно во концептот на новиот закон за заштита предложивме формирање на Институт за реставрација.
Уште еден простор од културното наследство, кој сериозно се наоѓа под закана е старото градско јадро во Охрид. Таму е состојбата алармантна, со предупредувањето од УНЕСКО дека ќе биде одземен статусот на заштитетно подрачје. Има ли спас за Охрид, или е веќе предоцна? Предупредувањата траат неколку години, а досега само една дивоградба во заштитеното подрачје е срушена (или беше почната да се руши).
Старото градско јадро на Охрид и Охридскиот регион во целина претставуваат единствено, интегрирано природно и културно добро, заштитено од УНЕСКО. Од моментот на впишувањето во Листата во 1979/1980година, состојбата перманентно се влошува, за да кулминира во последните 30 години. Односот кон природното и културното наследство на охридскиот регион претставува парадигма за состојбата на заштитата на наследството во целина. Животната средина, природното и културното наследство, ни се дадени на користење и наша цивилизациска должност е да ги сочуваме и да ги пренесеме на идните генерации.Од нашиот однос кон овие вредности зависи нашиот опстаноккако човечки (биолошки), односно општествено-политички битија. Во општеството ние сме упатени едни на други, и треба да бидеме свесни дека со уништувањето на една вредност се осиромашува целото човештво. Тоа требаше да ни стане јасно во ова време на пандемија и да нѐ поттикне да се менуваме. Но, тоа не се случува. Ние сѐ уште живееме како на изолиран остров на кој сопственикот на своето парче земја се однесува како што сака. Тоа со децении се случува во Охрид, и покрај воспоставениот институционален систем на заштита. Со децении надлежните од УНЕСКО укажуваат на проблемите и ни даваат препораки. Со децении, експертската јавност и невладиниот сектор предупредуваат и укажуваат на потребата од промени… Со примери укажувавме дека се постапува спротивно на меѓународните конвенции и стандарди, кои како држава сме се обврзале да ги почитуваме. Во однос на Охрид, сите надлежни институции потфрлија – од Министерството за култура, преку Управата за заштита, до НУ-Завод и Музеј Охрид. Токму оние кои се платени да се грижат за Охрид манипулираат со наследството. Старото градско јадро е валоризирано во поткатегоријата – големо значење, а УНЕСКО говори за неговите исклучителни вредности! Го ре-креираа Плаошник, од старите примероци на познатата охридска куќа направија лоши копии, изградија базени и поткровја, ја уништија калдрмата, направија авторски проектантски решенија на цркви од крајот на 13. век, ја реконструираа (бетонираа) Самуиловата тврдина, Музејот на вода… Во Струга не ја знаеме ниту реалната состојба, затоа што надлежната институција „нема возило за да изврши увид“. Додека сето ова се случуваше пред нашите очи и пред очите на експертите од УНЕСКО, во Собранието на Република Македонија се одржа надзорна расправа посветена на состојбата на Охридскиот регион. Беа донесени заклучоци, кои Владата требаше да ги реализира. Во меѓувреме претседателката на собраниската Комисија за култура, стана министерка за култура, но ниту еднаш не ги спомена заклучоците од надзорната расправа, која ја раководеше. Планот за управување со Охридскиот регион, отпочнат во времето на претходната власт (со истиот тим) стана официјален владин документ! Одговорот на Вашето прашање ќе го завршам со прашање: како очекувате(ме) да се подобрат состојбите во Охридскиот регион, ако во заштитата е обезбеден континуитет со претходната власт и со кадарот, кој директно учествуваше во девастирањето на неговите вредности?
Што се случува со цркавата Св. Ѓорѓи во Курбиново? Нејзиното реставрирање и конзервирање трае со години, но со различен интензитет, кој беше најавено дека ќе се засили во последниов период, дури и со помош на експерти од Грција. Вие имавте забелешки за тоа што се прави таму, за материјалите со кои се реставрира, за постапките итн.Каква е моментната состојба со тој објект?
Во претходниот „режим“, кој толку многу го критикуваше актуелната власт, а и ние граѓаните, акцентот во заштитата беше ставен на археологијата и ре-креацијата на културното наследството. Одвреме-навреме, се појавуваше и по некој пример на заштита и реставрација на средновековните византиски цркви, кои беа ставени на маргините. Црквата Св.Ѓорги во Курбиново беше целосно запоставена, и само поради притисокот од јавноста започна нешто да се работи, но целосно погрешно. Во времето на министерувањето на м-р Роберт Алаѓозовски, се соочивме со бројни проблеми, поврзани со нестручно изведени истражувачки работи и пропусти во методолошката постапка, кои во Св. Богородица во Трескавец и црквата Св.Никола во Манастир, Мариово резултираа со загрозување на статитката на спомениците. Во рамките на надлежностите на Министерството за култура, во соработка со матичната институција за заштита, НУ-Национален конзерваторски центар, Скопје, беа формирани експертски комисии, кои направија ревизија на нивното работење. Во однос на Курбиново, работата беше канализирана во вистинската насока, и на почетокот на 2020 година тоа резултираше со одобрен Проект за конзервација и реставрација на архитектурата. Во фазата на реализацијата на дополнителните истражувачки работи и изработката на проектот, бев вклучена како стручен консултант на тимот. Сум работела во Курбиново, и го знам проблемот, вклучително старите техники и стариот конструктивен систем. Токму затоа, инсистирав со проектот да биде реставриран стариот конструктивен систем, а реставрацијата да биде изведена со автентични материјали. За жал, моите сугестии не беа уважени и од тие причини не се потпишав на проектот. Институциите реално немаат капацитет, ниту познавање на старите техники. Дополнително, не постоеше ниту желба за промена на нивната востановена пракса. Тоа е реалноста со која се соочуваме во сите институции. Од друга страна, директниот упад на Министерството за култура во тајмингот за отпочнување на реставраторските работи, претставуваше дополнителен ризик за влошување на состојбата на споменикот. Оттука и моите остри реакции во јавноста, и предупредувања за внимателно постапување, затоа што во месец декември никогаш не се вршеле реставраторски работи на ниту еден споменик на културата! Курбиново е преголем влог за да се прават вакви несоодветности, независно од нечии „добри намери“. Во однос на вклучувањето на странски експерти во реставрацијата на Курбиново, лично сметам дека соработката со експерти од регионот е за поздравување. Уште во 1999 година, во времето на моето директорување со тогашниот Републички завод за заштита на споменици на културата, обезбедивме соработка со експерти од Грција. Ги посетивме најзначајните византиски споменици, особено во Костур, а во Атина бевме примени од заменичката министерка за култура. Но,тежината на работата и понатаму треба да ја понесат домашните експерти. Домашни експерти, за среќа има, иако не секогаш се добредојдени за соработка, поради концепциските разлики во пристапот.
Неодамна беше потпишан договор меѓу Министерството за култура и Асоцијацијата на архитекти за соработка во областа на архитектурата и на заштитата на недвижното културно наследство. Изразивте резерва кон тој договор. Зошто?
Искрено да ви кажам, не ја разбирам потребата за потпишување меморандум за соработка на Министерството за култура, како орган на управа, со обично еснавско здружение. Било какво еснавско здружение не може да се јави како партнер на ваков висок орган на управа. Разбирам да беше склучен меморандум со Градежниот или Архитектонскиот факултет, бидејќи тоа е далеку повисоко ниво. Лично сметам дека е направен недоволно обмислен потег, кој во заштитата на културното наследство нема да може да се реализира, затоа што станува збор за специјалистичка дејност.
Има ли државата стратегија во оваа област?
Главниот проблем во оваа област е токму отсуството на стратегија. Сите влади само декларативно се повикуваат на заштитата на културното наследство, но во пракса се однесуваат несоодветно. Со формирањето на Владата на СДСМ во 2017 година, се создадоа услови за решавање на проблемите во културата воопшто, па и во заштитата како дејност. Сите приоритети и реформски активности беа преточени во стратешкиот документ, Национална стратегија за развој на културата 2018-2022година, која беше донесена од Собранието во 2018 година. Тогаш беа формирани бројни тимови за изработка на анализи и елаборати за реформи во сите дејности. Најголемиот дел од материјалите се изработени и доставени до Министерството за култура. Во однос на заштитата на културното наследството беше отпочната работата на новиот закон за заштита, кој и покрај бројните опструкции стигна до фазата на концепт. И толку. Министерката Ирена Стефоска во неколку наврати спомена дека се работи на новиот закон за заштита, но јас како актуелен претседател на работната група, ниту сум повикана, ниту сум известена дека сум разрешена. За жал, оваа влада, која започна како реформска, без посебна најава и образложение ги прекина реформите. Состојбата во заштитата е иста или многу слична од периодот пред 2017година. Изминува третата година од донесувањето на Националната стратегија за развој на културата 2018-2022 година, а ниту една активност не е реализирана, ниту една реформа не е имплементирана, а кон средината на следната година треба да започне да се изработува новата национална стратегија. Собранието, кое ја донесе оваа стратегија би требало да реагира и да ја потсети Владата за потребата од исполнување на преземените обврски.
Познатиот историчар на уметност, проф. д-р Коста Балабанов, своевремено изјави: „Ако не знаете компетентно да откопате некој археолошки предмет, подобро е да го оставите во земјата, бидејќи таму е сигурен, и може уште долго да чека човек, кој ќе знае да го извади правилно. Нестручно откопување, може да го уништи засекогаш“. Веројатно е така и во работата со културното наследство над земја. Колку е објектите со историско-културна вредност во Македонија се зачувани, а колку се неповратно уништени?
Целосно е во право професор Балабанов. Неговото повеќедецениско искуство претставува гаранција за вистинитоста на ова што го говори. За жал, ниту една институција не е задолжена за вршење на континуиран увид во состојбата на недвижното културно наследство. Во постојниот закон, увидот беше внесен, амандмански во 2014 година, но повторно не облигаторно. Затоа и не можеме да говориме за реалната состојба на теренот. Парцијално ние, како Центар за културно наследство, во 2013 година извршивме увид на најзначајните примероци на културното наследство, но тоа не е доволно за да се добие целосна слика. Целосно е маргинализирана руралната архитектура, која инцидентно се посетува од одредени ентузијасти, проучувачи на нејзините вредности. Надлежните институции не ја вршат оваа работа, делумно поради немање кадар, а делумно поради отсуство на интерес. Проблемот е системски, и мора така да се решава. Во концептот на новиот закон, кој го изработивме, предвиден е континуиран увид во состојбота, во функција на дефинирање на прироритетите за планирање и програмирање. Исто така, предвидуваме изработка на досие за секој поединечен споменик, и изработка на студии за ревитализација на руралните целини. Но, ништо од ова што го предлагаме не верувам дека ќе се реализира.
Што помислувате кога поминувате преку Камениот мост во Скопје, и ја гледате неговата сегашна состојба, особено искршените камени плочи во пешачкиот дел? Едвај 20 години се поминати од неговта реконструкција, а веќе изгледа како да му е потребна нова реконструкција.
Во развиените европски држави една од главните ставки е одржувањето на спомениците на културата. Не можете за го реконструирате споменикот, и потоа да го заборавите. Неопходни се промени во законската регулатива во која одржувањето ќе добие приоритет. Континуираното одржување претставува гаранција за добра презентација и долгорочно опстојување на културното наследство. Токму доброто одржување на културното наследство е првата слика за нашиот однос, која ја забележуваат посетителите.
Кој е најголемот проблем во оваа област: Немањето доволно стручен кадар, недостигот на финансии, судирот на потребата од зачувување на старите објекти, со некои актуелни интереси (за градење и слично) или нешто четврто?
Сето тоа заедно и уште неколку аспекти ја формираат сликата за состојбата на културното наследство. Во едно од претходните прашања говоревме за отсуство на стратегија, и тука лежи главниот проблем. Но, најнапред институциите треба да се ослободат од влијанието на партиските политики. Затоа што институциите се сѐ уште заробени. Тоа е првиот чекор, кој никако да биде направен. Сѐ додека институциите се полнат со партиски послушници, а не со компетентни кадри, не можеме да зборуваме за заштита како дејност. Првиот услов е добар закон со конзистентно изведени односи, надлежности, функции и организациска поставеност, затоа што заштитата претпоставува специјалистички пристап на специјалистички едуцирани кадри, кои во нашето образование ( со мали исклучоци) не се продуцираат. Потребни се изградени личности со професионален и морален интегритет, кои вредностите на наследството ќе ги почитуваат и вреднуваат како свои. Потребно е континуирано учење од наследството и следење на системот на предците, кои го изградиле, а не сопствениот авторски, проектантски пристап. Кога сето ова ќе се обезбеди, и на чело на институцијата ќе седне авторитет со компетентна биографија, ќе можеме конечно да зборуваме за заштита.

