Инволвирањето на етничкиот идентитет во правни одредници е манипулативна и опасна категорија која нема да не’ спаси од никакви диктати и наменски непријатели во ликот на сите соседи (освен еден), туку не’ води директно во диктат. Без никаков идентитет.
Никица Корубин
“Државјанството е правна врска меѓу лицата и државата и не го означува етничкото потекло на лицата” вели членот 1, став 2 од Законот за државјанството на Република Северна Македонија. Согласно оваа одредба од наш закон, која патем речено е на сила од 2004 година, државјанството е правна, а не етничка односно идентитетска одредница, што по автоматизам значи дека терминот “македонско” државјанство означува државјани на Република Северна Македонија, а не етнички Македонци.
Кое што е идентитично формулирано и во Преспанскиот договор: “Државјанството на Втората страна ќе биде македонско/граѓанин на Република Северна Македонија, како што ќе биде заведено во сите патни документи”.
Што не’ води директно до името на државата, која по аналогија на државјанството исто така не означува етничка, односно идентитетска одредница; туку е правен и политички термин, односно име на држава, која остварува “правна врска” со сопствените државјани, односно граѓани.
Како тогаш, Преспанскиот договор и името на државата, Северна Македонија “го загрозува нашиот идентитет”, кога “идентитет” и повластена “етничка припадност” и самите со својот закон не сме предвиделе, во кое би се “македонизирало” државјанството. Односно, сме формулирале граѓанска и легалистичка опција, каде правниот поредок е ист за сите граѓани.
Ако, оваа легалистичка и правна материја, ја примениме на правото на поседување на двојно државјанство, како што вели членот 2, во став 1 од истиот закон: “Државјанин на Република Северна Македонија може да има и државјанство на друга држава”; тогаш исправно, а во контекст на член 1 не може никој, освен самото лице да имплицира етничка припадност, со самото поседување на државјанство, која етничка припадност, слободно ја искажува самиот граѓанин.
Во пракса, а во актуелниот контекст на “одбрана на идентитетот, таму каде што го нема”, од “бугарскиот диктат” тоа би звучело вака: тие што имаат двојно државјанство македонско и бугарско, според нашиот закон, “имаат правна врска со државата” и не значи дека се Македонци или Бугари, се’ додека самите не се изјаснат што се. Ама, не значи и дека не се. Што се, само тие знаат, согласно нашиот закон или законот на друга држава, од која поседуваат државјанство.
“Економски врски” нашето законодавство не познава, а согласно на тоа, инсистирањето дека македонските државјани, кои истовремено поседуваат и бугарски или било каков друг пасош, тоа го прават од економски причини, се обесмислува со начинот на кој самите ние го толкуваме терминот државјанство.
Па, всушност тие наши сограѓани, само остваруваат “правни врски со друга држава” ослободени од било каква етничка припадност, односно идентитет. Се чини дека по потреба, можат да бидат се’? А, во меѓувреме со чиста совест и двоен идентитет полесно до ЕУ, додека државата го “брани македонскиот идентитет” за нас “еднодржавјаните” која самата го одвоила од себе.
Токму затоа, инволвирањето на етничкиот идентитет во правни одредници е манипулативна и опасна категорија, која нема да не’ спаси од никакви диктати и наменски непријатели во ликот на сите соседи (освен еден), туку не’ води директно во диктат. Без никаков идентитет.
Од флуидноста и злоупотребата, тој е претворен во обична алатка за блокада на сите, освен сопствениците на било кое друго, освен македонското државјанство. Македонци за внатрешна употреба. Добро напредува “одбраната на идентитетот”.
Уште само да ја кажат магичната формула, како било кој идентитет и етничка припадност може да биде заштитетен без функционална и европска држава? А, држава во која единствено може да постои македонски идентитет или било кој друг идентитет на наши граѓани е само една, Северна Македонија.
Времињата се можеби матни, ама вистината е секогаш кристално чиста. А, со вистината доаѓа и перспективата која се’ уште ја имаме. За оние што сакаат да ја видат и за оние што упорно ја кријат. Или диктираат, сеедно.
Од Фејзбук ѕидот на авторката