ДУИ со соопштение реагираа на најавата дека Уставен суд ќе расправа по поднесоците за законот за јазиците и за балансерот.
По политичките изјави на ВМРО, ЗНАМ и други претставници на власта против Балансерот и службената употреба на албанскиот јазик, денеска слушнавме и вознемирувачка изјава од претседателот на Уставниот суд, за наводно „отстранување на дилемите“ за Балансерот и законот за јазиците, којашто сметаме дека е политички мотивирана изјава, се истакнува во соопштението.
Дуи смета дека отворањето на вакви теми и секоја евентуална одлука во насока на кршење на механизмите и правата што произлегуваат од Охридскиот договор, не е ништо друго освен враќање на Северна Македонија во времето пред Охридскиот договор. Овие изјави и постапки се вистинските сценарија за провокација и јасно покажуваат кои се тие што сакаат и предизвикуваат меѓуетнички тензии.
Сакаме да ја потсетиме актуелната власт, порачуваат од ДУИ, дека за овие теми нема дилеми и се затворени со уставните амандмани и другите закони кои се во сила, кои беа изгласани со двојно и апсолутно мнозинство, од различни парламентарни состави каде што сите партии учествуваа најголем број Македонци.
Потенцијалните дилеми се разрешени во највисоката законодавна институција, во Собранието на Република Северна Македонија, а огромното мнозинство од нив се донесени до политички консензус, укажуваат од оартијата.
Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски упати честитка по повод 33-годишнината од донесувањето на првиот Устав.
Сите ние имаме должност доследно да го применуваме и најважно, да му бидеме лојални на Уставот. Денеска, упатувам апел до секој еден од нас дека силата на Уставот произлегува од одлучноста на секој граѓанин да застане зад него и да го брани, посочува Костадиновски.
Денешниот ден, вели тој, нека биде уште една потврда за граѓаните, да бидат сигурни дека Уставниот суд бескомпромисно ќе го чува и штити Уставот со сите негови вредности, ќе ја брани слободата, демократијата и правната држава.