Поранешниот пратеник и министер Џевдет Насуфи му ветил на директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој, назначен во време на ВМРО-ДПМНЕ, 50 илјади евра поткуп за да добие пари од ИПАРД-програмата, иако не ги исполнувал условите.
Директорот, Илија Стоилев, кој бил и претседател на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Свети Николе, вчера бил фатен со 400 евра кои ги зел како аванс за поткупот.
Вчера попладне полицајци и истражители од Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција уапсија петмина за давање и примање на поткуп.
Првоосомничениот, управител на правно лице, од крајот на февруари годинава до вчера, искористувајќи ист траен однос и исти прилики, во повеќе наврати, директно и преку посредници му ветил подарок – парични средства од значителна вредност на директорот на Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој на РСМ.
Останатите тројца осомничени од кои еден даночен референт во УЈП РД Скопје и еден државен службеник вработен во Министерство за земјоделство шумарство и водостопанство, искористувајки го своето реално влијание и службената положба побарале и го потикнаале директорот на агенцијата да изврши службено дејствие што не смеел да го изврши.
Имено, иако правното лице на првоосомничениот не ги исполнувало условите предвидени во Јавниот повик бр.01/24 за доставување на барања за користење на средства од ИПАРД Програмата за мерка 3, директорот по применото ветување за подарок од значителна вредност во износ од 50 000 евра, во текот на вчерашниот ден потпишал договор за користење на финансиски средства со правното лице и притоа примил дел од паричните средства во износ од 400 евра кои при претрес се пронајдени и одземени – соопшти Обвинителството.
Обвинителството бара притвор за уапсените, а попладнево сите беа однесени пред судија на претходна постапка.
Стоилев за директор на Агенцијата е назначен во јули 2024 година од страна на Владата. Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој е институција акредитирана за спроведување на ИПАРД-програмата. Таа ги прима и обработува апликациите, спроведува контроли и ја врши исплатата на средствата од европските фондови за рурален развој, во согласност со правилата на Европската унија.

