Во ерата на интернетот, сензационализмот и навредата се најлесниот пат до кликови, но и најбрзиот пат до распад на јавниот дискурс. Кога етикетите ја заменуваат анализата, а потсмевот аргументот, јавноста не станува поинформирана, туку поуморна, поцинична и пооддалечена од разумот.
Жанета Ќосе
Најфилозофската страна на историјата, запишал Волтер, е во тоа што не не запознава со човековата мудрост, туку со неговата самоуверена глупост. Не онаа наивната, туку арогантната, самодоволна глупост, што се појавува во мигот кога човек ќе си помисли дека ја собрал целата памет и дека повеќе нема што да учи. Зашто додека трага по вистината, човек може да биде мудрец, но кога ќе поверува дека ја поседува – станува будала.
Во тој опасен јаз меѓу потрагата и самозадоволството се раѓа и најчесто злоупотребуваниот волтеровски принцип – дека не мора да се согласуваме со она што некој го кажува, но мора да го браниме неговото право да го каже. Кај нас, меѓутоа, тој принцип одамна е сведен на евтина парола, на алиби за простачки говор, зад кој што се крие навредата, понижувањето и комплетното отсуство на професионална одговорност.
Но Волтер не ја брани глупоста. Тој ја толерира слободата таа да биде јавно изговорена, за јавно да биде разобличена. Разликата е суштинска, но намерно се брише. Токму тука почнува и проблемот со серијата колумни на еден самопрогласен „бард“, кој одамна повеќе личи на гласноговорник со агресивен јавен стил без професионална дистанца, отколку на новинар.
Не затоа што текстовите се остри – демократијата живее од конфликт. Не затоа што се политички ангажирани, тоа е легитимно. Туку затоа што јазикот што во нив доминира одамна ја напуштил територијата на критиката и се преселил во зоната на понижување, етикетирање и вербална агресија, каде што аргументот е заменет со „глупандерски соопштенија“, а анализата со простачки досетки.
Така, наместо расправа со политики, факти и идеи, добиваме континуирана информерска кампања, во која политичка партија и нејзиното раководство се третираат како легитимна мета за навреди, исмејување и деградација како „незнајковци“, „шапшали“, „будали“, „лајпрди“, „клиенти желни за внимание“. Тоа не е слободен говор во волтеровска смисла, туку демонстрација на медиумска сила во служба на лична војна.
Такви изрази не се „остар стил“. Тие се симптом на професионална ерозија, на ентропија на јавниот говор, каде што формата ја изела содржината, а вербалната врева ја заменила смислата. Кога новинарот престанува да биде коректив и се претвора во војник во туѓа битка, кога наместо јавен интерес служи хејтерска агенда, тогаш веќе не зборуваме за слобода, туку за злоупотреба на влијанието.
Слободата на изразување, како што јасно укажува судската пракса на Европскиот суд за човекови права, е широка и штити и провокативен, вознемирувачки, па дури и навредлив говор во одбрана на интересите на јавноста. Но таа слобода никогаш не била слобода од одговорност. Правото прави јасна разлика меѓу критика што ја збогатува јавната дебата и лични навреди, чија единствена функција е понижување.
Декриминализацијата на клеветата и навредата не е амнестија. Таа е потсетник дека демократијата не се брани со „јадење гомна“, туку со култура на говор. Дури и кога просторот на слободата се шири, границата останува јасна – систематското понижување не ужива заштита.
Парадоксот е што најгласните повикувачи на слободата на говор често се првите што кукаат, плачат и се повикуваат на институции кога ќе добијат аргументиран одговор или јавна осуда. А тоа не е волтеровска традиција, туку нејзина карикатура – логика во која слободата значи право да удираш, но не и да примиш удар.
Во ерата на интернетот, сензационализмот и навредата се најлесниот пат до кликови, но и најбрзиот пат до распад на јавниот дискурс. Кога етикетите ја заменуваат анализата, а потсмевот аргументот, јавноста не станува поинформирана, туку поуморна, поцинична и пооддалечена од разумот.
Античкиот свештеник и пророк Лаокоон предупредувал дека треба да се плашиме од Данajците и кога носат дарови. Денес тоа значи дека не секоја „слободна реч“ е подарок за демократијата. Некои зборови се тројански коњи внесени во градот во име на слободата, а ноќе ја отвораат портата за распад на смислената дебата.
Затоа поентата, волтеровски кажано, е непријатно јасна – правото на новинарот да пишува мора да се брани, но со истата решителност мора да се брани и правото на јавноста да каже ова не е новинарство, туку негово изопачување. Волтер би ја бранел слободата на говорот. Будалите, пак, би ги препознал веднаш. И токму во тоа препознавање, а не во релативизирањето, е лекцијата што историјата упорно ни ја повторува додека ние, тврдоглаво, се правиме дека не ја слушаме.




