Важно е тоа што конечно ќе се донесе Закон за правична застапеност, кој уставното правило ќе го преточи во законска обврска со контролни механизми. Вакво нешто недостасуваше до сега, а особено со „балансер“, за кој што знаеме дека беше многу злоупотребен и не овозможуваше правична застапеност, смета вицепремиерот задолжен за политики за добро владеење, Арбен Фетаи.
Тој на денешната прес-конференција по повод 100-те дена нова Влада, одговорајќи на новинарско прашање дали се согласува Законот за правична застапеност да биде согласно препораките на Венецијанската комисија според барањето на премиерот, одговори дека е меѓународна пракса да се земе мислење од Венецијанската комисија.
Тој е на ставот дека замрзнувањето на „балансерот“ нема да ги спречи новите вработувања.
Правичната застапеност е дел од Уставот. „Балансерот“ беше дигитална алатка која овозможуваше реализирање на годишните планови за вработување. Замрзнувањето на „балансерот“ е додека да најдеме ново законско решение. Ова нема да ги спречи вработувањата. Ќе има вработувања според уставното правило на правична застапеност, како што кажа и премиерот. За Законот за правична застапеност се зборуваше со години. Јас сум еден од оние кој во рамките на мојата партија Алијанса за Албанците го изготви овој предлог закон со меѓународни експерти, рече Фетаи.