Повеќе од половина од Украинците кои учествуваа во анкетата на агенцијата „Галуп“ велат дека сакаат поскоро крај на војната преку преговори.
Последните анкети на Галуп за Украина, спроведени во август и октомври 2024 година, покажаа дека во просек 52 отсто од Украинците би сакале нивната земја да преговара за крај на војната што е можно поскоро, објави Галуп.
Речиси четири од секои десет Украинци (38%) веруваат дека нивната земја треба да продолжи да се бори до победа.
За споредба, во 2022 година процентот на испитаници кои сакаа нивната земја да продолжи со борбите изнесуваше 73%, додека само 22% се залагаа за преговори. Во 2023 година, 63% беа за продолжување на војната, а 27% за брзо завршување.
Според анкетата довербата на Украинците во Западот генерално опадна.
Околу 40% од испитаниците се уште ја одобруваат водечката улога на САД, додека 37% изразуваат скептицизам.
Набргу по почетокот на војната, одобрението за Вашингтон изнесуваше 66 отсто, а скептиците 16 отсто.
Мнозинството од населението се уште има позитивно мислење за улогата на Германците, а 50% ги поддржуваат акциите на Берлин. Во 2022 и 2023 година ова учество изнесуваше 46% и 53%, соодветно.
Анкетираните кои не ја одобруваат позицијата на Германија се 29%, додека во 2022 и 2023 година биле 35% и 20%.
Повеќето испитаници се уште се надеваат дека Украина ќе влезе во ЕУ и НАТО, но анкетата покажува пад на оптимизмот. Уделот на Украинците кои очекуваат нивната земја да стане полноправна членка на ЕУ во следните 10 години е намален од 73% на 61%. Оние кои се надеваа на членство во НАТО паднаа од 64% на 51%.