Close Menu
НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
What's Hot

Интервју со Павле Гацов: Малите економии имаат мал број алтернативи за справување со американскиот економски протекционизам

April 7, 2025

Интервју со Мирче Јовановски: Последиците од царините на САД – губење работни места и странски инвестиции и намален извоз

April 3, 2025

Интервју со пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска: Ни треба повеќе храброст но не во ветувањата туку во исполнувањата

March 25, 2025
НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
НОВА ТВНОВА ТВ

Јужна Африка: Белиот рај и црниот пекол на виножито нацијата

0
By Светлана Јовановска on January 1, 2016 ВЕСТИ
СПОДЕЛИ
Facebook Twitter LinkedIn Email

Добредојдовте во најмалиот хотел во Африка!, вели рекламата која гордо стои на трошната фасада на малиот Б&Б (кревет и појадок) хотел во населбата Каелича на неколку километри од Кејп Таун.

Со насмевка ме пречекува Вики, младата сопственичка:

“Го наследив ова од мајка ми. Кога таа го отвори хотелот тој беше прв ваков во тауншип”, вели таа.

Тауншип е името на сиромашните квартови во Јужна Африка, црнечки гета кои ги има низ целата земја. Најпознатиот го носи името Совето (SOuth WEst TOwnship) и се наоѓа во Јоханесбург. Таму денес живеат 4 милиони луѓе. Потоа на списокот по големина следат Ланга или Каелича, на неколку километри од Кејп Таун. Помеѓу 53 милиони жители на Јужна Африка, 80 отсто се црни а само 9 отсто бели. Остаткот е поделен помеѓу повеќе етнии.

Оваа приказна не е посветена на волшебната природа на Јужна Африка, убавината на Кејп Таун, африканската туристичка мека, од која ви застанува здивот и неговите луксузни куќи и ресторани, туку на тешката сиромаштија, невработеност и дискриминација кои и денес, 25 години по крајот на апартхејдот, се уште постојат во оваа земја на крајот на африканскиот континент.

Кога од Кејп Таун одите во тауншип влегувате во сосема друг свет, свет на сивило кого го разгалуваат само живите бои на облеката на неговите жители. Ниту една сиромаштија не може да ги натера црните жители на Јужна Африка да се откажат од веселите бои на својата облека.

Во хотелот на Вики има два спрата и шест соби. Секоја во различна боја и сите со мала бања и туш. Вики нуди ноќевање, појадок и вечера за 250 ранда (околу 15 евра) и со тоа успева да заработи за пристоен живот.

Кога тргнав за Јужна Африка прочитав дека најопасниот град во земјата е Јоханесбург. Но, се чини дека Кејп Таун го презеде шампионското место. Според листата на мексиканска невладина организација за јавна безбедност, Кејп Таун му го одзеде на Јоханесбург првото место во Јужна Африка и се наоѓа на 20 место помеѓу 50 најопасни места во светот.

Оваа организација мерела според процентот на убиства на примерок од 100.000 граѓани годишно вон од зоните во кои има војна. Врз оваа основа Кејп Таун има 51 процент со што градот е најопасниот во земјата но и во цела Африка.

Но, мора да се биде прецизен. Кејп Таун е безбеден град. Овде станува збор за неговите тауншип предградија како Каелича или Ланга. Па така, откако ја видов целата убавина на Кејп Таун решив да ги проверам овие застрашувачки статистики. Со помош на една туристичка агенција договорив посета на овие две тауншип зони. Советите за туристи велат – никако сами во тауншип.

За да се разбере што точно претставуваат овие предградија треба кусо потсетување на историјата на оваа земја со волшебна природа. Како што на шега вели еден мој пријател: “Знаеле колонизаторите зошто се сместиле овде!”

Апартхејдот беше воведен во 1948 година, доктрина која воведува стриктна расистичка сегрегација во целото општество и која има корени во историјата на земјата со доаѓањето, во 17 век, на првите холандски колонизатори кои саделе ограда од бадемово дрво за да ги спречат “црните смрдливи пци”, како што тогаш ги нарекувале, да излезат од нивната зона. Црнците морале да имаат специјална дозвола за да можат да се движат низ земјата.


Музејот на апартхејдот во Кејп Таун сведочи за сегрегацијата. Овие натписи станаа илегални дури во 1994 година.

Модерната Јужна Африка е креирана во 1910 година од страна на Африканерите (потомци на холандските колонизатори) и Британците. Огромното црно мнозинство жители на земјата продолжува да биде тотално игнорирано а сегрегацијата им забранува да купуваат земја вон од посебните зони резервирани за сиромашните црнци.

“Забрането било изучување предмети како математика или физика или практикување на одредени професии за кои е потребна квалификација”, раскажува младиот Џо, водичот со кој се шетам низ Ланга, кој и самиот живее овде.

Апартхејдот го дели населението на четири раси – белци, индуси, мешани и црнци. «Оваа поделба е еден вид пресуда и рамка од која тешко може да се излезе», раскажува Џо.

Во 1949 година се забрануваат бракови и сексуални односи помеѓу различни раси. Точно се знае кој дел од градот е «белиот рај» а кој «црниот пекол».

Во цела Јужна Африка биле насилно избркани 3.5 милиони луѓе а нивните земји и куќи им биле доделени на белците. Црнците морале да имаат дозвола за движење која ја добивале само ако работеле во «белата зона».

Нелсон Мандела, кој помина 27 години во затвор, почина во 2013 година

Апартхејдот е укинат дури во 1994 година со првите мулти-расни избори и доаѓањето на власт на Нелсон Мандела. «Сега е време да градиме за нас», вели Мандела во својот прв говор како претседател на земјата лансирајќи го проектот за реконструкција и развој. Со проектот се изградени 3,6 милиони домови низ целата земја кои биле бесплатни за оние кои заработувале помалку од 3.500 ранда (околу 230 евра).

Но, наместо проблемот да се реши се чини дека проектот само ја зајакнал сегрегацијата со тоа што сиромашните жители останувале да живеат во тауншип зоните на градските периферии без речиси никакви шанси да најдат дом во поубавите делови на градот.


Тауншип Каелича во кој живеат околу милион луѓе

«За жал, сите проблеми не се решени. Се уште ќе видите ресторани во кои луѓето со бела кожа се гости а луѓето со црна кожа ги служат», слегнува со рамениците Џо кој не губи надеж и верува дека социјалната правда ќе дојде а дискриминацијата ќе заврши на ѓубриштето на историјата.

Според нашиот соговорник, луѓето кои добиле бесплатна куќа по 10-15 години чекање, ја продаваат за мала заработка и остануваат да живеат во бараки од картон или метал. Со заработката многумина почнуваат некаков бизнис кој им дозволува скромно да живеат.

Овие приправени и крпени бараки и денес ги има илјадници. Најголемиот број жители на тауншип зоните живеат во мизерни услови. Четвртина од семејствата немаат струја, 20 семејства делат една чешма а 10 семејства делат еден тоалет. Семејства од пет, шест, десет или повеќе лица живеат во одвај 50 метри квадратни. Луѓето и понатаму се доселуваат во овие предградија. Доаѓаат од провинција бидејќи таму нема ни најмала шанса да најдат работа. Според статистиките, околу 10.000 нови лимени бараки се градат годишно во Каелича која на почетокот била предвидена за 200.000 луѓе. Денес ги има речиси еден милион. Официјалниот попис од 2001 година вели дека ги има 400.000 но таа бројка е далеку под реалноста.

Овој непрекинат бран нови луѓе, кои им се придружуваат на оние што се веќе таму, произведува речиси 70 отсто невработени. Помеѓу нив многумина се млади, без голема надеж за подобар живот. И сето тоа ги води во банди кои ја прават репутацијата на Каелича како место на кое не треба да се оди без придружба на локалните жители. Според полицијата неделно има четири убиства. Некои зони во кои владеат банди се практично зони непристапни на полицијата. Децата одбиваат понекогаш да одат на училиште од страв да не се најдат сред пукотници и меѓусебна пресметка на бандите.

Во Каелича и Ланга има сосема коректни мали ѕидани куќи. Во Ланга има улица што се вика Беверли Хилс токму поради овие пристојни градби кои имаат и дворови. Но оваа малечка “идила” брзо се распрснува кога ќе ги видите бараките од картон или лим во кои нема бањи и тоалети.


Беверли Хилс, Ланга

Кони ме поканува кај неа дома, ѕидана барака со две простории од 20 метри квадратни и малечка бања. Во едната соба има дел кој Кони го нарекува кујна. Покрај шпоретот и фрижидерот, Кони гордо ми покажува машина за садови, вистинска реткост во овие населби.

“Со мајка ми, браќата и сестрите ние сме десет луѓе дома”, вели таа. И ми ги чита мислите. Додека се прашувам – како во овој простор спијат десет луѓе, Кони вели: “Тргаме се на страна навевечер и ставаме душеци на подот. Но тоа е ок. Лошо е што мајка ми болна и многу често мора да оди на доктор и мора да пешачи 20 км до докторот. Се надевам дека уште долго ќе може да печаши. Нема автобус а ние немаме кола”.


Пазар за туристи во Ланга


Специјалитет во тауншип зоните е јагнешка глава наречена «јагнешки смајли», овде една жена го подготвува јадењето

Тауншип зоните се всушност цели градови во кои има дуќани, фризери, училишта, градинки, кафеани, библиотеки… Но од сите нив зрачи сиромаштија. Дуќаните се заградени со железни шипки: «Ако сакате да купите нешто давате пари низ шипките а продавачот излегува да ви го даде производот. Тоа е така поради бандите кои владеат во овие зони», објаснува Кони, млада и амбициозна жена од 25 години која се надева дека ќе успее да заврши факултет и да купи куќа.


Дуќан во Ланга


Градинка во Ланга

Бандите за кои зборува Кони и кои се влезени во светските статистики главно шверцуваат дрога, понекогаш со помош на корумпирани полицајци. Бандите лесно регрутираат млади луѓе па дури и деца од 12 години кои не одат на училиште и живеат во тешка сиромаштија. Малолетните деца се вистинска шанса за бандите бидејќи, ако бидат фатени, не одат во затвор. Да се биде член на банда на младите им дава не само приход туку и статус на припадност на организација која им ветува дека ќе ги штити. Според Институтот за безбедносни студии на Јужна Африка, во Кејп Таун има 130 банди со околу 100.000 членови. Постои дури основано стравување дека лидерите на овие банди лесно можат да влезат во власта и да ја нарушат демократијата во земјата.

На власт долго години во Јужна Африка е партијата на Нелсон Мандела, Афикански национален конгрес (АНК). Но долгите години власт донесоа корупција па така денес во Јужна Африка често има протести на кои се бара оставка од претседателот Јакоб Зума кој е власт од 2009 година. Во Јужна Африка претседателот е шеф на државата и шеф на владата и именуван е од парламентот.


Протест на студентите во Кејп Таун

Во пролетта 2015 година протести почнаа поради најавата дека ќе се зголеми уписот на факултет. Масовните протести ја натераа владата да отстапи од ова зголемување но лутината е и понатаму присутна. Поради високата невработеност и корупцијата на власта која не успева да најде трајни решенија за половината млади кои не можат да најдат работа.

На пример, фрапантен е бројот на луѓето кои во Кејп Таун ме застануваа на улица. Не бараа пари. Бараа само да им купам нешто за јадење.

АНК е партијата на Мандела која се бореше против апартхејод и во тоа успеа. Оваа слобода на АНК со години и носи гласови со кои ја освојуваат власта. Но, очигледно дека скорешната историја повеќе нема да биде доволна. Новата генерација кои порасна без апартхејд сега се чувствува легитимна за да се крене против луѓето кои за нивните родители биле ослободителите од апартхејдот.

Оваа историска легитимност почнува да губи гласови кај црното мнозинство иако од 1994 година партијата на Мандела редовно ги добива изборите. Младите се тие кои сметаат дека партијата повеќе не ги слуша нивните проблеми и се нурната во клиентелизам и корупција.

Промената можеби ќе дојде со младиот црн лидер на главната опозициска Демократската алијанса Ммуси Маиман, енергичен, образован, секогаш елегантен и оженет за бела жена што во оваа земја е вистинска реткост. За него велат дека јужно-афричкиот Обама.


Mмуси Мајман со сопругата Натали

Но, партијата се смета за “партија на белите”. Партијата неодамна ги тргна сликите од својот сајт на кој јасно се гледаше дека најголемиот број членови во партиската хиерархија се бели. Нејзината либерално-конзервативна идеологија се смета за неповолна за огромната сиромаштија во земјата.

Следните избори во Јужна Африка се предвидени за 2019 година.

Дезмонд Туту, по падот на апартхејдот, нацијата ја нарече “виножито” пред која стои просперитет и кохабитација на сите ентички групи. За младата јужно-африканска демократија поимот се уште е само надеж која чека да стане реалност.

Share. Facebook Twitter LinkedIn Email
ТИКЕР

Експлозија во зграда во главниот германски град

October 13, 2025

Почнува тридневната турнеја на Фон дер Лајен низ Западниот Балкан, в среда доаѓа во Скопје  

October 13, 2025

Првичните изборни резултати неповолни за Курти: Уште не службено но реакциите на опозицијата се дека ја изгуби јужна Митровица и дека во Приштина нема мнозинство

October 12, 2025

Албанија ги забрани електричните тротинети – засега времено

October 12, 2025

Четири лица загинаа, а најмалку 20 се ранети во масовно пукање во бар во Јужна Каролина

October 12, 2025
ФОКУС

Потпишан договорот за прекин на огнот во Газа

ВЕСТИ October 13, 2025

Американскиот претседател Доналд Трамп, како и медијаторите Египет, Катар и Турција, попладнево го потпишаа договорот…

Тел Авив: Ослободени сите живи заложници од Газа

October 13, 2025

Хамас започна со ослободување на заложниците во Газа

October 13, 2025

Блокади за „Пулс“ во Кочани- ќе траат по еден час секој ден

October 12, 2025
ТИКЕР

Експлозија во зграда во главниот германски град

October 13, 2025

Почнува тридневната турнеја на Фон дер Лајен низ Западниот Балкан, в среда доаѓа во Скопје  

October 13, 2025

Првичните изборни резултати неповолни за Курти: Уште не службено но реакциите на опозицијата се дека ја изгуби јужна Митровица и дека во Приштина нема мнозинство

October 12, 2025

Албанија ги забрани електричните тротинети – засега времено

October 12, 2025

Четири лица загинаа, а најмалку 20 се ранети во масовно пукање во бар во Јужна Каролина

October 12, 2025
CIVICA
Facebook
  • Редакција
  • Маркетинг
  • Политика на приватност
© 2025 НОВА ТВ

Type above and press Enter to search. Press Esc to cancel.