Па уште на почетокот на судењето веќе е јасно дека ова ќе биде едно долго и мачно, но спектакуларно судење, обременето со голем број обвинети, во преполна судница и со обвинение и докази што постојано ќе се спорат. Судење што ќе ги изморува семејствата и кое ќе им покажува дека се немоќни пред системот што само се обидува да се пресмета со минатото и ќе им дава лажна надеж дека правдата ќе ги стигне виновниците. Но, тоа ќе биде и една популистичка правда во емотивно наелектризирана атмосфера.
Фросина Факова Серафиновиќ
Ова ќе биде едно долго и мачно, но спектакуларно судење што ќе ги изморува семејствата и ќе им покажува дека се немоќни пред системот што само се обидува да се пресмета со минатото и ќе им дава лажна надеж дека правдата ќе ги стигне виновниците.
Ана ова го направив за тебе, е пораката на Германката Мариане, која во далечната 1981 година стана позната како „мајката одмаздничка“. Снимката на која се гледа како мајката со седум куршуми го застрелува силувачот и убиец на седумгодишната ќерка е достапна и денес и нè потсетува како жената, најголемата болка што може да ја доживее една мајка, ја престори во одмазда. Па наместо судот, сама му пресуди на месарот што ја силувал, а потоа ја задушил ќерка ѝ.
Иста болка имаат 63 мајки од Кочани, чии деца се задушија и изгореа во дивата дискотека, која е само еден симбол на вековната корупција на гордата Македонија. Мариене го „решила“ човекот што насилно ѝ го прекинал животот на ќерка ѝ, но кочанските мајки завиени во црно и со слики на своите деца не можат да го решат убиецот на нивните деца. За нив сопственикот на „Пулс“ е монструм, парољубец, но гневот нема да им помине ни со 35-темина на обвинителна клупа и уште речиси толку полицајци што треба да седнат.
Срцата ќе им бидат распарани цел живот, но она што ќе ги јаде е немоќта да биде казнет убиецот. Затоа што за оваа трагедија сите се виновни и никој не е виновен. Корумпираниот систем им ги уби децата, но него не може да го убијат. Напротив, тој продолжува да ги убива и нив и сите нас.
Емотивниот говор на обвинителот од Кочани, кој сигурно го знаат и лично, и судијката која им вети дека ќе направи сѐ за вистината, им даде трошка надеж, но веќе на второто рочиште го истурија револтот кон адвокатите, нивни сограѓани што решиле да бранат дел од обвинетите.
Всушност, болката во малото гратче е уште поголема кога во очи секојдневно ги гледаат и обвинетите, но и сите сограѓани што не им даваат поддршка. И тој гнев е оправдан особено откако големата трагедија ни докажа дека нам душата ни е скапана од корупција.
Во едно општествено лицемерие во кое јавно сите се чесни и независни, се борат против криминалот и корупцијата сè додека не ги засегне нив. Тогаш доследно ги рушат сите правила, закони и наоѓаат милион оправдувања. Не нѐ освести ни смртта на кочанската младина, во една атмосфера во која власта сака да ја направи невидлива болката на родителите, а обвинителството, на чиј шеф секојдневно премиерот му се заканува дека ќе го разреши и никако да го разреши, сака да ни демонстрира дека нема пардон за никој. Па обвини над 30-мина за смртта на децата, а не за коруптивни дела, за на јавноста да ѝ докаже дека, ете, правдата дошла.
Обвинителите се децидни дека ќе докажат дека, на пример, Крешник Бектеши, кој пред повеќе од десет години потпишал некоја дозвола за кабарето, е виновен за смртта на секое дете во кабарето, а не за злоупотреби на службена положба или други дела од Кривичниот законик.
Но, затоа вакви дела најдоа откако беа објавени пораките што си ги праќале синот на сопственикот на дискотеката и братот на претседателката на Кривичниот суд, кој земал пари и подароци за да им ги дојавува акциите од УЈП. Во судница, пак, адвокатите се гласни во одбрана на обвинетите, додека обвинителот е тивок и во судница, но и пред јавноста. Адвокатите даваат изјави пред медиумите, но од почетокот на судењето никој од 15-те обвинители што стојат зад обвинението не застана пред новинарите.
Во судницата дури се слушна и дека стотиците докази што ги имаат биле хаотични, а во споеното обвинение било со сменето време на извршување на кривичното дело на обвинетите што обвинителот го нарече коригирање на техничките грешки.
Па уште на почетокот на судењето веќе е јасно дека ова ќе биде едно долго и мачно, но спектакуларно судење, обременето со голем број обвинети, во преполна судница и со обвинение и докази што постојано ќе се спорат. Судење што ќе ги изморува семејствата и кое ќе им покажува дека се немоќни пред системот што само се обидува да се пресмета со минатото и ќе им дава лажна надеж дека правдата ќе ги стигне виновниците. Но, тоа ќе биде и една популистичка правда во емотивно наелектризирана атмосфера.
Мајките може нема да успеат да го убијат системот, но никогаш нема да престанат да се борат и да нѐ потсетуваат дека животот на сечие дете е под закана на корупцијата што ни е истетовирана во кодот. Но, и на лицемерите што секогаш ќе го свртат грбот и жртвите ќе ги направат виновници само за да не ги изгубат ситните привилегии и да не бидат против партиските шерифи што им фрлаат трошки.
Текстот е сопственост на Слободен печат.мк

