Кандидатот за градоначалник од СДСМ и Коалиција за Куманово, Оливер Илиевски во изјавата дадена за медиумите рече, дека од обработените 97 проценти влегува во вториот круг од изборите.
– Заедно со Максим Димитриевски одиме во втор круг. Имаме изедначен број гласови со тоа што се обработени 97-8 проценти од бројот на гласовите, се менуваат бројките 30, 40 за едниот, другиот така што во вториот круг одиме со изедначен резултат, рече Илиевски.
Тој очекува дека како СДСМ и со коалицијата појасни резултати во вториот круг и победа. Одговарајќи на новинарски прашања дали е изенадувачки резултатот, Илиевски кажа дека не во голема мера.
– Дел од гласовите на ВМРО ДПМНЕ отидоа кај Димитриевски, така што мислиме дека на толкав број на гласови ќе остане и во вториот круг, изјави Илиевски.
Независниот кандидат за градоначалник од иницијативата „За наше Куманово“, Максим Димитриевски најави дека влегува во вториот круг од локалните избори 2021. Тој кажа дека води пред останатите кандидати, според обработените податоци.
– Ние ја добивме најголемата поддршка од граѓаните на Куманово без разлика на нивната партиска припадност. Нашиот концепт е од граѓаните за граѓаните. Нашата цел е да ја добиеме поддршката, да бидеме легитимни претставници на сите граѓани на нашиот град. Секоја политичка поддршка е добредојдена, а оттука па натаму граѓаните се тие кои одлучуваат, рече Димитриевски.