Францускиот претседател Емануел Макрон денеска одржа неформална видео конференција со 19 европски земји и Канада за да ја зајакне координацијата за Украина, соопшти Елисејската палата.
Новата рунда разговори следи по кризниот самит одржан во понеделникот во Париз, кој не даде конкретни резултати. Состанокот на водечките европски држави кои го поддржуваат Киев заврши со поделени мислења за потенцијални мировни сили на терен во Украина.
Германија не учествува во денешната рунда преговори.
Дискусиите доаѓаат во време кога Европа се соочува со критично прашање: како да одговори на драматичната промена на САД во нејзината политика за Украина.
Иницијативите на францускиот претседател Емануел Макрон кои вклучуваат мировни преговори за Украина се спротивни на тоа на што Европа повика на конференцијата во Минхен, изјави денеска словачкиот претседател Петер Пелегрини.
Европа, по острите изјави од САД, откако виде дека прво ќе се одржат мировни преговори меѓу САД и Русија, дури и без Украина, повика на единство и здружување на силите во потрагата по конкретна европска позиција за ова прашање – рече Пелегрини.
Според него, „невообичаениот“ пристап на Макрон е токму спротивен на тој апел и ја дели Европската унија.