Временскиот период кога компанијата на Божиновска го направила долгот, а не го платила, е за првите три месеци од 2017 година, кога на власт е сѐ уште ВМРО-ДПМНЕ. Промената на власта дојде на почетокот на јуни 2017 година кога СДСМ на чело со Зоран Заев формираше влада, а суспензијата на фирмата на Божиновска од пазарот со електрична енергија се случи во септември 2017.
Соња ТАНЕСКА
Поминаа неколку дена откако јавноста дозна за скандалот поврзан со новата министерка за енергетика Сања Божиновска која како поранешна сопственика на фирмата „ЕНГ сервис трејд ДОО Скопје “ во период од 2016 до 2017 направила долгови од речиси 1 милион евра кон државната компанија МЕПСО.
По одредено време, МЕПСО покренува постапка за наплата на долгот и иницира тужба против фирмата на Божиновска. Во 2019 година, спроведено е и вештачење од судски вештак кој ја утврдил вистината на каматите на фирмата на Божиновска која му должела на МЕПСО.
Божиновска го менува името на фирмата и прераснува во друг субјект, а Одлуката за изменување на лиценцата за вршење дејност издава и Регулаторната комисија на ден 5 ноември 2020 година.
Наместо „ЕНГ Сервис Трејд“ сега се вика „КАРСЗЗ ТРАДЕ ДООЕЛ Скопје“. Тоа што е сомнително е што веќе во 2022 година, фирмата „КАРСЗЗ ТРАДЕ ДООЕЛ Скопје“ работи со загуби и станува деловно неактивна, а фирмата е избришана од Централниот регистар бидејќи не поднела годишна даночна пријава за 2019 година.
Државната компанија МЕПСО е прва која требало да реагира за долгот на фирмите во кои била сегашната министерка за енергетика, Сања Божиновска, смета претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимовски. Тој вели дека нема ингеренции во однос на должниците кон енергетските фирми на државата.
„МЕПСО не изреагирал и тој долг понатака дел по дел е исплаќан, во изминатиот период делови од долгот, колку што имам информации. Тоа е тековна работа“, вели Бислимовски.
Зошто МЕПСО не успеал да го наплати долгот на Божиновска?
Од МЕПСО не ни доставија информација колкав е долгот на компанијата на сегашната министерка Сања Божиновска и до каде е наплатата, иако пред два дена сепак признаа дека оваа компанија има долг.
-Согласно законските и подзаконските акти кои се на располагање за наплата на заостанатите обврски, активирана е банкарска гаранција депонирана од „ЕНГ Сервис Трејд“, а доспеаните и неплатени фактури се директно дадени на извршување кај надлежен извршител, соопштија од МЕПСО за тв 24.
Во септември 2017 година, МЕПСО објави дека вкупниот долг кон нив како државна компанија за таа година изнесува 57 милиони денари или 926.829 евра.
Од него, најголемиот дел бил направен во првите три месеци од 2017 година, а 70 насто отпаѓал на компанијата „ЕНГ сервис Трејд“, чиј основач и еден од управителите била токму Божиновска.
Компанијата добила лиценца од Регулаторната комисија за енергетика на пазарот за снабдување со електрична енергија на први октомври 2014 година.
На прес конференција, тогашниот директор на МЕПСО Симон Шутиновски најави суспендирање на компанијата од пазарот како снабдувач на електрична енергија.
Според оваа изјава, временскиот период кога компанијата на Божиновска го направила долгот, а не го платила, е за првите три месеци од 2017 година, кога на власт е сѐ уште ВМРО-ДПМНЕ. Промената на власта дојде на почетокот на јуни 2017 година кога СДСМ на чело со Зоран Заев формираше влада, а суспензијата на фирмата на Божиновска од пазарот со електрична енергија се случи во септември 2017.
Иако испративме прашања, ниту министерката Божиновска не одговори дали компанијата со која раководела се раздолжила кон државната МЕПСО.
Мицкоски молчи, ВМРО-ДПМНЕ напаѓа
Одговори во врска со сканадалот поврзан министерката Божиновска побаравме и од премиерот Мицкоски, но и од Владата, но веќе втор ден молчат. Од друга страна пак ВМРО-ДПМНЕ пак преку соопштенија секојдневно ја напаѓа претходната власт дека отпишала 14 милиони евра побарувања на МЕПСО кон неколку фирми трговци со струја. Дали ова значи дека се бара прошка и за Божиновска или пак е отворена закана СДСМ да не објавува документи за можните финансиски малверзации?
Која е всушност министерката Божиновска?
Енергетиката е област каде што се заработуваат многу пари, а добро школуваната Божиновска, барем според она што е наведено во анкетниот лист, има завидно богатство.
Два стана во Шпанија, по еден во Португалија и во Србија, како и два стана во скопски Центар (еден од 87, а другиот од 60 метри квадратни), е дел од недвижниот имот што го пријавила министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, во анкетниот лист доставен до државната комисија за спречување на корупцијата. Според наведените износи, вкупната вредност на становите надминува 1 милион евра.
Божиновска е еден од важните кадри на премиерот Мицкоски и доаѓа од областа во која тој имал компании – енергетиката. Уште во предизборието беше познато дека таа е главен кандидат да го раководи новото министерство за енергетика .
Во анкетниот лист таа навела и дека има трансакциска сметка и девизни сметки во Чешка, Португалија и Шпанија (во оваа земја остварува приходи од закупнина, односно од издавањето на становите).
Покрај становите, Божиновска пријавила дека поседува и земјоделско земјиште, помошни простории, како и возило „нисан инфинити“, стекнато во 2013 година и регистрирано во Чешка, а исто така и подвижен имот кој не подлежи на регистрација во земјава во вкупен износ од 2,9 милиони денари или околу 48 илјади евра.
Исто така, таа поседува и фирма во Чешка (sustainable services с.р.о.) каде што е основач и сопственик. Линк