Никола Груевски заминува од власта. Договорот од Пржино како кулминација на целиот „бомбашки процес“ ги отвори вратите на овој неповратен процес. Дебатите на чаршијата ( нормалната цивилизирана јавна дебата е суспендирана во 2008 ) за тоа дали ќе ја освои Груевски власта на изборите во април се беспредметни бидејќи самиот тој добро знае дека во периодот до и оној по изборите единствено што може да направи е да ја крене својата политичка цена за да обезбеди каков таков нормален пост политички живот по рецептот на неговиот ментор Љубчо Георгиевски.
Едноставно нема магична гумичка која од досието на Никола Груевски ќе ги избрише сите податоци откриени во бомбите за тој по изборите во април да се исправи повторно како лидер кој на Македонија би и обезбедил било каква иднина во контекст на евроатлантските перспективи на државата кои како што покажа и примерот на Грција во овие геополитички констелации едноставно немаат алтернатива. Груевски не може да биде веќе кредибилен партнер во било каква меѓународна комуникација. Неговата приказна како носител на било каква извршна функција заврши.
Колку за потсетување Георгиевски во 2001 и 2002 ја искористи наивноста на Љубе Бошковски за да ја доведе ситуацијата во Македонија до прагот на крвава граѓанска војна по што уследи политички договор во кој еден важен меѓународен фактор на Георгиевски му ја обезбеди амнестијата од сите сомнежи за коруптивни дејанија во замена за негово целосно повлекување од политиката.
Сега не е 2001 година што впрочем многу експлицитно беше демонстрирано на 9 мај во Куманово. Обидите да се предизвикаат меѓуетнички тензии се осудени на пропаст бидејќи за нив не постои никаков потенцијал. Ако некој воопшто мислеше дека такво нешто е можно во Куманово го доби најсилниот демант. Значи на Груевски му останува само една карта во раката а тоа е да покаже целосна конструктивност при имплементацијата на Договорите од Пржино и оној од 2 јуни.
Со оглед на искуството кое го имаме од неговото владеење повеќе од јасно е дека има многу аргументи за да се сомневаме во тоа дека тој овој пат ќе биде доследен или конструктивен во спроведување на било каков договор направен вон рамките на тесното партиско опкружување. Сепак треба да се има во предвид сериозниот ангажман и влог на ЕУ и САД во целиот процес кои во ниеден случај не смеат да си дозволат да бидат изиграни од дискредитиран политичар каков што е тој бидејќи во тој случај би го довеле во прашање сопствениот кредибилитет во целиот регион. Изигрувањето на овој политички договор ќе значи целосно уништување на трасформациската моќ на процесот на проширувањето на ЕУ кој пак е во сржта на овој најуспешен проект во историјата на самата европска конструкција. Она што е исто така многу важно е дека САД се подеднакво загрижени за успехот на овој процес што Викторија Нуланд при последната посета на Скопје многу јасно им го порача на своите соговорници.
Ова значи дека ако Груегвски се обиде да ја минира имплементацијата на политичкиот договор тоа ќе биде негов суициден потег за кој тешко е да се претпостави дека ќе биде следен од Али Ахмети или Мендух Тачи кои исто така имаа можности да се запознаат со интересите на ЕУ и САД на Балканов во актуелните геополитички прилики. Тоа значи дека во едно вакво сценарио Груевски ќе мора да се соочи со ново парламентарно мнозинство кое ќе го добие легитимитетот на меѓународната заедница. Во тој случај Груевски самиот и сите негови приврзаници ги изложува на за нив најцрните сценарија.
Второто за него многу подобро сценарио е да се посвети на имплементацијата на политичкиот договор, процес во кој тој е клучен гарант за негово имплементирање што го прави да биде важен политички фактор што само посебе носи извесни привилегии и извесна заштита од активностите на специјалниот јавен обвинител. Во овие услови Груевски може на изборите во април да освои значаен број на пратенички места во Собранието кои во пост изборниот период барем на среден рок како лидер на опозицијата ќе му овозможат да ја задржи позицијата на политички фактор. Во овој контекст се зборува за победа на Груевски во април. Дел од аргументите во корист на оваа хипотеза не се без основа. Сепак „бомбашкиот процес“ и она што ќе следи по назначувањето на Специјалниот јавен обвинител му нанесоа смртоносни рани како на самиот Груевски така и на целата ВМРО ДПМНЕ. Во тие услови дури и при победа тешко е да се замисли Собрание со повеќе од 45 вмровски пратеници што се секако далеку од можност да се формира ново старата владеачка коалиција бидејќи ни Ахмети ниту пак Тачи како што напишав погоре нема да се качат во нов воз тргнат во правец кон никаде.
Конечно доаѓаме до вистинското прашање . Што понатаму? Фино звучи Зоран Заев кога зборува за демократијата и владеењето на правото па сепак од неговите убави зборови и веројатно добри намери до реалноста има огромни предизвици. Груевски ќе замине но дали со него ќе се збогуваме и од груевизмот како парадигма на состојбата на духот во кој е затечена Македонија во изминатите 25 години. Како ќе обезбедиме општество во кое не сме слуги на државата -партија туку држава која е слуга на граѓанството? Ова е прашање во чиј одговор мора да сфатиме дека не е содржано било чие име на некој нов лидер туку дека сме вградени сите ние како поединци со секоја наша активност насочена кон градење на граѓанско општество какви што се оние за кои штедиме пари за да си ги испратиме нашите деца свесни дека за нив тука нема повеќе никаква перспектива. Ќе успееме ли да се ослободиме од митовите на политички инструметализираната историја кои ни го всадија деморализирачкиот комплекс на нечии жртви кои се во постојана потрага на некоја правда низ сенките на минатото во кој целосно се губи светлината на иднината?
Ова се само дел од прашањата по чии одговори треба веднаш да почнеме да трагаме за да не дојдеме во ситуација кога целата негативна енергија која е сега проектирана во ликот и делото на Груевски кога тој ќе замине ја свртиме кон нас самите и нашите семејства бидејќи сакале ние да си признаеме или не груевизмот не е дело на самиот Груевски туку е резултат и огледало на она што сме сите ние.