Општина Струмица ја напушта Заедницата на единиците на локална самоуправа -ЗЕЛС, а тоа го најави и градоначалникот на Општина Карпош.
Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски се надева дека ќе надвладее разумот и градоначалниците на Струмица и Карпош ќе ја преиспитаат одлуката. Ваквиот потег, Министерот за локална самоуправа Златко Перински вели не е решение, и дека најмногу губат граѓаните.
Ѓорѓиевски, во изјава за медиумите вчера попладне, рече дека досега до ЗЕЛС нема стигнато официјално барање за излегување од ЗЕЛС, а потегот на двајцата градоначалници го оцени како несериозен затоа што, како што рече, едниот ја соопштил одлуката преку социјални медиуми, а другиот преку прес-конференција без претходно како претседател на ЗЕЛС да биде информиран. Според Ѓорѓиевски, одлуката за влегување или излегување од ЗЕЛС носи Советот на општината и ги повика Костадиновски и Јакимовски „да се вразуват и малку посериозно да погледнат на овие нивни потези“.
ЗЕЛС е непрофитна организација и единствена национална асоцијација, во која на доброволна основа членуваат сите 80 општини и Градот Скопје, како посебна единица на локалната самоуправа. Таа е основана на 26 април, 1972 година, датум, што во Статутот на ЗЕЛС е прогласен за Ден на општинитe.