Кон книгата „Кафеана на крајот и на почетокот од Универзумот“ од Валентин Нешовски
Рецензија на Отец Теофан (Мијалковски)
Нешовски за книгава заслужува промотор од рангот на Нил ДеГрас Тајсон, за елоквентно да образложи во кој сегмент од делото пишува теоретски како професор од МИТ, каде се однесува како научник од ЦЕРН, а каде како астроном на НАСА, кој преку телескопот Хабл ѕирнал до најоддалечените ќошиња на галаксијата. Друг подеднакво вреден промотор би бил Џон Клиз или Мајкл Палин, па од прва рака да чуете за хуморот во книгата кој толку многу соодветствува на Даглас Адамсовиот.
Историјата на човештвото познава мноштво примери на синхроницитети, во безмалку сите области на живеењето. Особено се интересни оние што ги среќаваме во книжевноста.
Таков пример е истоименото дело „Муви“ на Жан Пол Сарт и на Иван Бунин. Загатката и ден денес останува неодгатната, односно мистеријата како драмата на Сартр создадена на едниот крај од Европа, дели толку многу со нешто што е напишано илјадници милји поделеку, односно со расказот на Бунин. И двете дела ја третираат како тема надежта, припаѓаат на егзистенцијализмот, поточно рускиот религиозен егзистенцијализам, и двете преку мувите метафорично го гледаат, паднатото, темното, демонското.
Слично нешто, воочив од неодамна, локализирано, омеѓено во просторот на нашата некогашна држава.
Во месец септември, Борис Дежуловиќ, едно од најострите хрватски новинарски пера, го промовираше третиот по ред роман, со наслов „Кој е тој човек?“.
Еве, три месеци подоцна, новинарот, соборец на Дежуловиќ, Валентин Нешовски, нè собра на промоција на неговиот трет роман, „Кафеана на крајот и на почетокот од универзумот“.
Едниот, со своето писание нè носи во минатото, другиот во далечната иднина, но фасцинатното и кај двајцата е користењето на иста методологија за полесно да го поднесеме тоа патување. Имено, за да продреме во Минхен од 20 тите години на минатиот век и сиот раскош на Вајмарската република, Дежуловиќ, на почетокот нè запознава со физичарот и математичар Пјер Симон Лаплас, и потоа се редат Руџер Јосип Бошкович, Макс Планк, Исак Њутон, Вернер Хаисенберг, и астрономот Едвин Хабл.
Нешовски, од друга страна пак, на почетокот од книгата, несебично го споделува напластеното енциклопедиското знаење, со иста цел, да бидеме добри сопатници на авантурата низ која нè води. Тука ќе се запознаеме со статистичарот Крис Картер, демографот Бенџамин Гот, свештеникот и математичар Томас Бајес, физичарите Хендрик Казимир и Ервин Шродингер …
Пишувајќи, на ум ми дојде Умберто Еко, кој самоиронизирајќи, околу комплексноста и обемот на својот дебитански роман „Името на розата“ ќе напише:
„Првите 100 страници од книгата се како периодот на искушеништвото во манастирот. Кој ќе ги издржи, ќе ја прочита книгата до крај …“
Моето љубопитство за последното дело на Нешовски започна со самиот наслов на книгата. Парадоксалноста на кованицата за истовремен „крај и почеток“ ме врати во тинејџерските години, кога искрено се воодушевував на генијалноста на Били Корган, и луцидното поигрување со „the end is the beginning is the end“, за веќе во позрелите години да откријам дека гитарскиот херој од Чикаго, па и не бил којзнае колку оригинален, односно некој друг, многу порано се претставил како алфа и омега, почеток и крај.
Со поднасловот, веднаш доаѓа и втората фрлена ракавица од страна на авторот, кога првите слова на евангелието на Свети Јован Богослов, Нешовски провокативно ќе ги преиначи „На Почетокот беше Информацијата …“. Не случајно е избран библиски автор кој во првата своја книга – Евангелието, пишува за почетокот, за во другата книга од Светото Писмо – Откровението, ни го претстави преку скриен симболички јазик и самиот крај на светот. Низ сиот период од постоењето на христијанството таа книга е обвиткана со велот на мистерион-от, и тајно ги чува алегориските загатки за последните времиња. Токму заради тоа ги одвратила од толкување и едни од најпросветлените светоотечки умови и егзегети, а многумина кои се дрзнале, за жал, и погрешно ги протолкувале тајните кои ги крие.
Но, тоа не е пречка за создателот на оваа книжевна трилогија, кој ко врвен архитект изградил мноштво светови во неа да си изгради и сопствена догма и сопствен канон по кој ќе ги води ликовите низ истата. Па така, низ тој космолошки лавиринт, ќе се запознаеме со еден врховен триумвират од далечната иднина, Природата, Спектар, и Монореј, кои го условуваат опстанокот на човештвото. Пред тој навидум нерешлив безилез, самопринесувањето на олтарот на жртвената љубов ќе го даде и одговорот на етичката дилема што Нешовски ни ја сервира. По мене тоа е и зенитот на сите можни философски дилеми кои провејуваат низ страниците на делото, а пред кои сме исправени како читатели, за катарзично да се ослободиме токму преку ИЗБОРОТ. Преку жртвувањето, да си потврдиме, сè додека има барем еден човек да ја направи жртвата за другиот, човештвото заслужува да опстане.
Но местото каде што најмногу се доближува до евангелскиот идеал на љубовта е следниот фрагмент:
„Роб имаше и љубов. Ја сакаше Лена целосно. Со сите емоции. Таа беше совршена како и сите други. Но, беше уште посовршена бидејќи тој ја сакаше …“.
Ваквото степенување преку љубовта, како лествица која води кон совршенството, го става Нешовски во друштво на Џон Колтрејн и неговота Love Supreme, и е рефлексија на Свети Павловата, Ода на љубовта, од Првото послание до Коринтјаните.
„Да зборувам на сите човечки јазици, па дури и на ангелски, штом љубов немам, ќе бидам бакар, што ѕвони, или кимвал, што ѕвечи.
Да имам пророчки дар и да ги знам сите тајни, да ги имам сите знаења за сите работи, а и така силна вера, што и планини да преместувам, – ако љубов немам, ништо не сум“.
Универзалноста на трихотомијата, се огледува и низ темите што ги третира Нешоски. Од најосновите човекови прашања – од каде е светот и векот, кои сме и што сме во првата книга, до искушението и изборот, како проблеми од втората, за во последната книга да зборува за надежта и слободната волја, тој свет грал по кој трага човекот низ сите фази од своето постоење, дали се работи за племенските верувања, древните митологии, источните учења, античките философски школи, ренесансните мислители, па сè до анархистите од минатиот век. Нешовски многу интересно, на слободната волја ѝ`доделува улога на лакмус во однос на тестот на стварноста наспроти симулацијата.
Авторот со ништо ограничен, создава своевиден небесен мизансцен по кој го распослал патувањето низ краиштата на универзумот, поништувајки го просторот и времето. Во таа интергалктичка пустоловина ќе отидете до само теоретски знајните пространства, a каде тој не носи, т.н. е погледот на Господ. Понатаму ќе откриете како го спасува деструктивното човештво од самото себе, му обезбедува долготраен и досаден мир, утописки прогрес и единство, но и како вешто го слика неговиот крај.
Тоа по мене е една од најоригиналните, од сите можни апокалиптични претпоставки што сум ги прочитал. Стоички исправен пред неминовното, најпомирително, со лудост на бестрашен јуродив соочен со сопствениот крај, кој екстатично одбира да танцува на лебедовата песна која одекнува во небитието …
Ликот на Дон може да биде персонификација на едно колективно „ние“ кое наспроти сè, тврдоглаво, се одлучува да постои. Архетипски насликан, тој волк самотник, простум исправен пред искушенијата, едноставно се отелотворува во стиховите:
I am the master of my fate:
I am the captain of my soul.
И не можам да завршам а да не го потенцирам хуманизмот кој провејува низ страниците на книгата. Рациновата „ куќа цел свет братски ми е“ е за некоја светлосна година надградена и проширена и одговара на – куќа цела галаксија ми е. На вака креираниот нов свет, му е накалемен и универзален музички јазик, па покрај Пинк Флојд кои провејуваат ко фон дур читате, ќе ги чуете и Чарли Паркер, Џон Колтрејн, Мајлс Дејвис, Телониус Монк.
Последното нешто што ме фасцинира, е кога авторот се јавува во улога на „претеча“ на сегашноста, верувам ќе се согласите со мене, нешто кое за дело од овој вид треба да е и најсилната верификација. Имено, многупати споменуваната идеја „за животот кој ја имитира уметноста“ се обистинува катадневно, по читањето на трилогијата, но ќе ви посочам само два примери …
Постариот е од втората книга, од не толку далечната 2023 , кога генералната вештачка интелегенција, постои само во главата на авторот, а тој, во едно од поглавјата, мангупски си поигрува со роботите шахисти кои постојано ремизираат, бидејќи се на исто ниво на развој и користат ист ресурс. И тоа е сосема во ред, се додека едно ладно декемвриско утро не се разбудиме со веста за шаховскиот турнир помеѓу различните модели на вештачката интелегенција. Но, сега веќе годината е 2025 – та.
Другиот пример ми е позабавен, и со него не завршува и профетскиот одек од книгите. Една многу интелегентно поставена книжевна замка, беше уште поелегантно решена. Нешовски во манир на окситански трубадур преку ликот на Роб и`пишува љубовно – криптирана песна на саканата Лена, со што успева да ги ослободи своите книжевни јунаци со помош на поезијата. Реалноста пак, ко лош плагијатор на авторот, ни сервираше вест за тоа како се заштитуваат моделите на Вештачката интелегенција – со во стихови спакувани прашања, преку поезија …
Верувам дека книгава, ќе биде инспирација за некои идни читатели кои умно ќе ги компарираат достигнувањата од својата епоха и литерарните „пророштва“ на Нешовски, со иста страст со која тој, ги споредувал делата на Жил Верн, Херберт Џорџ Велс, Исак Асимов, Станислав Лем и Артур Кларк, со ерата која ја живее.
Да се разбереме, ова е многу повеќе од книга која припаѓа на жанрот научна фантастика. Да, таа почива на науката и е фантастично напишана, но е воедно и философски трактат, антрополошки спис, теолошка полемика, социолошка студија, космогониска претпоставка и футуристички манифест.
Нешовски за книгава заслужува промотор од рангот на Нил ДеГрас Тајсон, за елоквентно да ви образложи во кој сегмент од делото пишува теоретски како професор од МИТ, каде се однесува како научник од ЦЕРН, а каде како астроном на НАСА, кој преку телескопот Хабл ѕирнал до најоддалечените ќошиња на галаксијата. Друг подеднакво вреден промотор би бил Џон Клиз или Мајкл Палин, па од прва рака да чуете за хуморот во книгата кој толку многу соодветствува на Даглас Адамсовиот, со кој двајцата пајтоновци имале прилика да се дружат и работат.
За крај не случајно го избрав Хемингвеј. Запрашан да ја објасни разликата во пишувањето како новинар и книжевник, ќе каже:
“Новинарот работи за утрешниот ден, а писателот за бесмртноста …Но утрешниот ден е извесен, а бесмртноста не е …“
Нешовски со трилогијата пополека си го поплочува патот кон бесмртноста.








