Светската здравствена организација препорача, Европската агенција за лекови даде зелено светло, а македонските и српските здравствени власти летово ќе анализираат дали децата на возраст помеѓу 12 и 16 години треба да примат анти ковид вакцина?
Од Здружението на педијатри на Република Северна Македонија велат дека приоритет во имунизацијата и натаму ќе имаат повозрасните граѓани, а потоа тинејџерите на возраст од 16 до 19 години бидејќи со појавата на британската мутација се покажало дека и оваа млада категорија на пациенти развиле слични симптоми како и повозрасните. Европската агенција за лекови (ЕМА) донесе одлука децата на возраст помеѓу 12 и 16 години да примат анти ковид вакцина, бидејќи постои опасност тие да бидат носители на одредени мутации на вирусот.
„Покрај тоа што децата се последни во случајот за вакцинирање, сепак да не бидат изземени бидејќи тие како носители на одредена варијација на вирусот можат да направат повторно некоја нова мутација која може да не чини нови изгубени животи“, рече неодамна доктор Аспазија Софијанова, директор на Клиниката за детски болести и член на Здружението на педијатри.
Софијанова е децидна дека сите вакцини се квалитетни на свој начин, но времето и искуството покажува дека одредени производители даваат посилен имунитет кај децата од останатите.
„Се покажа дека Фајзер дава еден доста јак имунитет кој е потребен за создавање на тој колективен имунитет што ќе не заштити сите. Без разлика од која држава доаѓа, квалитетот на вакцината на Фајзер покажа дека ќе биде доволно добра за да го спречи ширењето и создавањето на одредени мутации бидејчи создава еден т.н. селективен имунитет кон конкретниот проблем и поради тоа е препорачана и кај децата, и не предизвикува никакви нус реакци од досега спроведените студии, бидејќи оваа вакцина веќе се употребува во САД“, вели доктор Софијанова.
Но, дел од стручната фела не се согласува со тезата дека децата треба да се вакцинираат против корона вирусот, особено не во време кога земјава кубури со вакцини и се уште нема доволно ниту за поризичните категории на граѓани. Микробиологот Никола Пановски, за НОВА ТВ, вели дека децата полесно ја поминуваат болеста, компликациите кај нив се многу ретки и затоа не треба да се брза со имунизација на тинејџерите.
„Кај нас се уште е рано да се вакцинираат децата. Пред се, би требало да се вакцинираат барем 80 отсто од полнолетните граѓани, а потоа да се размислува за вакцинација на децата. Јас не верувам дека оваа учебна година ќе го постигнеме тоа со ова темпо на имунизација“, вели доктор Пановски.
Професорот смета дека децата треба да се вратат во училишните клупи во новата учебна година бидејќи состојбата со пандемијата е мирна и додава дека најверојатно половина од учениците во земјава веќе го прележале вирусот или биле во контакт со болеста. Во однос на тоа која вакцина би била најбезбедна за помладите, доктор Пановски вели дека децата може да се вакцинираат со која било вакцина, онака како што е и кај возрасните, со исклучок на вакцината „Астра Зенека“ за која надлежните во земјава донесоа одлука да не се дава на помлади од 60 години.
„Да оставиме да видиме од септември како ќе се развива епидемиолошката состојба во Македонија. Сметам, ако не се стигне да се вакцинираат децата пред стартот на учебната година не би требало да се вакцинираат понатаму, ако нема ширење. Во иднина, искуството ќе покаже дали можеби за децата ќе биде доволна и само една доза од анти ковид вакцината. Сепак, мислам дека децата од 12 до 16 години за сега не би требало да се имунизираат“, вели доктор Пановски.
Вакцинацијата во Македонија е доброволна, како за возрасните, така и за децата. Но, родителите стравуваат дека, ако „падне“ одлука децата на возраст од 12 до 16 години да може да примат анти ковид вакцина, тоа да биде и услов само вакцинираните да седнат во училишните клупи. Оние родители кои се уште се скептични дали и самите да се заштитат од корона висурот, за сега не размислуваат да ги вакцинираат нивните деца.
„Ние го прележавме вирусот и имаме антитела. Децата не сме ги тестирале, но можеби и тие покрај нас имаат создаден имунитет. За сега не планираме да ги пријавиме за вакцинација нашите деца кои се тинејџери и се надевам дека тоа нема да биде услов за посетување на настава со физичко присуство од септември. Тоа не би било чесно, да се делат децата на вакцинирани и невакцинирани. Секој родител треба сам да одлучи за своето дете“, вели мајка на 12-годишната Ангела, која од септември треба да оди во шесто одделение.
Реакциите на родителите на социјалните мрежи се поделени. Стравуваат дека вакцините против Ковид 19 сеуште не се доволно проучени и дека не треба да се брза со имунизација на децата.
„Се уште е рано да се размислува околу вакцинација на децата. Треба да почекаме и убаво да ги проследиме искуствата од други земји пред да ги вакцинираме нашите деца“, пишуваат родители на Фејсбук.
Но има и такви кои не кријат дека веќе ги пријавиле своите тинејџери за вакцинација.
“Јас и мојот сопруг се вакциниравме. Ги пријавивме и нашите ќерки на возраст од 17 и 19 години. Тие се активни, одат во училиште и на факултет, се дружат со пријателите и сакаме да бидат безбедни. Вирусот мутира и никогаш не можеме да бидеме сигурни дека утре некој нов сој нема да удри и по здравјето на децата“, вели мајка од Тетово.
Комитетот за имунизација летоска ќе анализира дали да препорача вакцини за децата
Комисијата за заразни болести и МОН во текот на летото ќе ги усоглавуваат протоколите за тоа под кои услови децата од септември би можеле да се вратат во училишните клупи. Комитетот за имунизација, од друга страна ќе врши евалуација на стручни студии и ќе ги следи светските искуства, дали децата од 12 до 16 години треба да се вакцинираат. Ова пред повеќе од две недели го обелодени токму министерот за здравство Венко Филипче.
„Еве има потврда од Американската агенција за лекови дека вакцината на Фајзер е одобрена за деца. Во нашите планови за пристигнување на вакцини, таа бројка што е на деца од 12 до 16 години може да ја покриеме со количини и ќе ја зачуваме. Ќе ја проектираме да биде за децата, нормално дека нема таа вакцина задолжителна“, рече Филипче.
ЕМА и Европска агенција на педијатри усвоија заклучок дека децата на возраст од 12 до 16 години ќе треба да влезат во системот за имунизација, бидејќи во спротивно, токму оваа категорија на адолесценти би можела да стане ризик за ширење на нови и опасни мутации на вирусот.
САД, Канада, Израел и Германија ја почнаа имунизацијата кај тинејџери
Европската агенција за лекови даде зелено светло за употреба на вакцината на Фајзер за деца помеѓу 12 и 15-годишна возраст. Вакцината е веќе одобрена за лица над 16-годишна возраст и ќе се аплицира во две дози исто како и кај другите возрасни групи.
Експертот на СЗО за вакцинација д-р Кејт О’Брајан вели дека вакцинацијата на децата, кои обично не се изложени на ризик да се разболат сериозно или да починат од ковид-19, главно има за цел да го запре пренесувањето, наместо да ги заштити од болеста.
Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, претходно ги повика богатите земји да им ги донираат своите вакцини на сиромашните, наместо да ги имунизираат своите адолесценти и деца.
Канада, САД и Израел веќе почнаа со процесот на имунизација кај децата. Вакцинацијата против Ковид 19 кај деца во Израел почна уште на 23 јануари, а таму над 1000 деца над 12 години до сега ја примиле вакцината на „Фајзер“.
Германија од вчера почна да прима пријави на деца постари од 12 години за имунизаиција од корона вирусот. Германската канцеларка Ангела Меркел најави дека до крајот на летото вакцината ќе им биде понудена на сите над 12-годишна возраст.
И САД почна кампања за вакцинација на деца на возраст од 12 до 15 години. Според тамошните власти целта на кампањата била сите деца од оваа возрасна група да бидат целосно вакцинирани до почетокот на следната учебна година.
Српските педијатри со препорака за вакцинирање
Докторите во Србија, исто како и кај нас, во текот на летото ќе ги разгледуваат можностите за имунизација на децата против Ковид 19. Шефот на Детската клиника на КБЦ „Д-р Драгиша Мисовиќ“, д-р Оливера Остојиќ, за РТС вели дека педијатрите се секогаш за вакцинирање.
„Ние многу добро знаеме дека во календарот за задолжителна вакцинација, вакцините против болести кои беа со компликации, понекогаш се смртоносни, и тие се искоренети, и благодарение на нив, имаме здрави деца. Апсолутно сме за вакцинирање на деца на возраст од 16 години, бидејќи токму на таа возраст имаше најтешки клинички слики, тие најмногу се движат и се најсоцијални. И уште од 12-та година, треба да размислите за таа вакцина, бидејќи и тие деца се загрозени и се носители на инфекции. Видовме дека вакцината е и сигурна и безбедна и дека нема никакви компликации, освен некои локални реакции што се нормални по секоја вакцинација. Така шт педијатрите се секогаш за имунизација “, вели доктор Остојиќ.
Биљана Божиновска