Минатиот викенд 10.000 Полјаци го минаа на улица за да ја бранат демократијата во нивната земја. Според овој спонтан собир, демократијата е под закана со доаѓањето на власт на партијата Право и правда на Јарослав Качински која дојде на власт пред околу еден месец.
“Ќе ги браниме Уставот и Уставниот суд”, извикуваа демонстрантите во саботата пред Парламентот во Варшава каде што партијата “Право и правда” има апсолутно мнозинство.
Организатор на протестот е граѓанското движење Комитет за одбрана на демократијата кое е родено на социјалните мрежи и кое организирало повеќе протести низ повеќе градови во Полска и во повеќе европски градови.
На првиот протест се собраа 50.000 граѓани. На што владеачката партија организираше контра протест на кој излегоа 20.000 граѓани за да ја одбранат “политиката на рефроми” на владеачката партија.
Анти-владините протести го споредуваат Качински со белорускиот или северно-корејскиот диктатор а ситуацијата потсетува по малку на настаните од минатото кога синдикатот Солидарност организираше ноќни протести пред домот на комунистичкиот генерал Војчех Јарузелски.
Качински изјави дека луѓето што протестираат се “медиокритети”, “комунисти”, “крадци” а ги спореди дури и со Гестапо.
– Главниот, но не единствениот мотив за протестите се поврзани со работата на Уставниот суд на Полска, за која според протестантите дошло до нарушување и ингеренции на партијата на власт при изборот на одредени судии. Власта се брани дека таквата практика ја започнала всушност претходната влада на центро-десничарската Граѓанската платформа, од која потекнува сегашниот претседател на Европскиот совет Доналд Туск. Последниве неколку викенди во речиси сите поголеми полски градови дојде до релативно масовни протести на приврзаници на опозициските партии, но главно на партијата Современа.пл на засега најактивниот опозиционер Ришард Петру, банкарски аналитичар и во моментов најголем критичар на актуелната власт, вели за НОВА Здравко Стаматоски, доктор по филолошки науки од Универзитетот Адам Мицкјевич во Познањ.
Стаматоски додава дека «самиот тој факт дека лице од ваков калибар застанува на чело на овие протести, во редовите на владејачката формација предизвика коментари од типот дека “банкарско-корпоративниот систем што досега управуваше со Полска нема намера да се помири со изборните порази“, како и дека “протестите се раководени од западните центри на моќ“.
Партијата Право и правда сака да донесе политички промени кои беа најавени за време на изборната кампања. Помеѓу нив е донесување закон за Уставниот суд со кој би се вовело правило на квалификувано дво-третинско мнозинство за секоја одлука на судот кој ќе биде приморан да одлучува во присуство на 13 судии од петнаесетмината кои работат во овој суд. Според експертите, овој начин на одлучување ќе го парализира судот.
Јарослав Качински, претседател на Право и правда и премиерката Беата Шидло
Според Стаматоски “на протестите, освен за нарушувањето на демократските принципи за владеење и “мешањето на политиката во судството“, можеа да се слушнат и пароли дека “оваа власт сака да функционира како државен банкомат и да дели пари што впрочем ги нема во буџетот“, повикувајќи се на најавените реформи од страна на актуелната влада.
Овие реформи имаат за цел да ја зајакнaт демографската политика на Полска преку редица социјални бенефиции, од кои најконтраверзна е одлуката на оние семејства што имаат 3 или повеќе деца да им се исплаќаат околу 120 евра од дете секој месец, објаснува Стаматоски. Но за власта, буџетскиот дефицит е наследство од претходната власт и изнесува и околу 13 милијарди евра па критичарите на овие реформи немаат право да го креваат гласот за тоа како власта ќе ги троши буџетските пари.
Анти-владиното движење смета дека Право и правда «врши државен удар и си ја присвојува државата», анализа која ја дели од претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц. На ова владеачката партија луто одговара дека се се прави според законот и демократските правила бидејќи «сите промени се прават поради тоа што Пољаците тоа го одлучиле на избори» на 25 октомври 2015 година.
Сепак, многу европски медиуми сметаат дека е тешко да се зборува за правна држава кога се знае дека полскиот претседател Анджеј Дуда во 4 часот наутро ги добива заклетвите на судиите од Уставниот суд именувани од партијата на Качински на која и припаѓа и Дуда. Уште еден настан во овој кус период од доаѓањето на власт на партијата на Качински ја шокираше Полска: функционери на министерството за одбрана ја смениле дирекцијата на разузнавачките служби и тоа преку ноќ во вистинската смисла на зборот.
Анджеј Дуда
Популарноста на Качински падна од 42 на 27 отсто за само месец дена. «Ниту една партија во Полcка не регистрирала таков пад на популарност во толку малку време», вели за агенцијата АФП Мацеј Гдула од Варшавскиот универзитет и додава дека луѓето се чувствуваат предадени од оваа партија која најавувала «добри промени».
Според Стаматоски, атмосферата во Полска «е зрела за појава на некој вид трета опција на политичката сцена, особено што како резултат на овие превирања, најголемиот дел од граѓаните не се ни упатија на изборите главно аргументирајќи го своето неучество со зборовите – “едноставно нема за кого да се гласа“ и дека веќе им е доста од овие превирања меѓу двете најголеми полски партии последниве деценија и половина. Исто така вреди да се истакне дека владејачката формација поседува неверојатен кредибилитет и авторитет кај полската католичка црква, факт што во вакви моменти може да одигра можеби пресудна улога.»