Пожарот на подрачјето меѓу беровските села Митрашинци и Будинарци сè уште е активен. Ветрот прави проблеми за ставање под целосна контрола на огнените јазици. Состојбата се менува од час во час, изјави Владо Клинчарски, директор на ЈП „Македонски шуми – Малешево“ – Берово, за МИА.
Тој посочи дека пожарот во моментот го гаснат околу 100 пожарникари од Берово, но и од Виница, од Кочани, од Радовиш, од Струмица и од други градови, како и специјални тимови на Дирекцијата за заштита и спасување, на Центарот за управување со кризи, полиција, гранична полиција и вработени во „Македонски шуми“.
Клинчарски вели дека во борбата со огнената стихија моментно се дејствува само од земја, бидејќи ертракторот е повлечен напладне по 12 часот кога имаше драстично покачување на температурите.
Тој нагласи дека екипите остануваат на терен, бидејќи ветерот и високите температури не одат во прилог на гаснење на овој пожар кој зафати околу 50 хектари високо стеблеста шума.