Со највисоки почести, со интонирање на химните на двете земји, денеска во Приштина беше пречекан премиерот на Републикја Северна Македонија Христијан Мицкоски од страна на својот колега, премиерот на Косово Албин Курти.
Во македонската делегација е речиси целиот владин состав.
Македонската и косовската влада денеска ќе одржат заедничка меѓувладина седница во Приштина, по која ќе бидат потпишани протоколи и меморандуми за соработка во три области.
Со првиот меморандум, како што информираа утринава од Владата, ќе се дефинираат иницијативи за соработка во полето на енергетиката, гас, јаглен, електрична енергија и на релевантни инфраструктурни проекти за интерконекција за гас и други проектни иницијативи, како и иницирање соработка за испитување на можноста за развој на нова директна врска за гас Косово – Северна Македонија.
Вториот е информација за склучување на Протокол помеѓу Владите на Северна Македонија и Косово за спроведување на Договорот за заеднички гранични премини „Блаце – Елез Хан“ и „Јажинце-Глобочица“. Со овој протокол се регулира начинот на проверки и царинска контрола, инфраструктурата на заедничките гранични точки, меѓусебно поврзување на системите на гранично управување, и начинот на одржување на објектите.
Третиот документ е меморандум за разбирање и соработка меѓу Министерството за образование и наука на Северна Македонија и Министерството за образование, наука, технологија и иновации на Косово со кој, како што посочуваат од Владата, имаат за цел подигање на квалитетот во стручното образование и обука и во образованието на возрасните во двете држави.
Пред почетокот на меѓувладината седница предвидено е премиерите Мицкоски и Курти да одржат тет-а-тет средба, а таква средба ќе има и меѓу министрите на двете влади.