Како да се нахрани волкот а овците истовремено да бидат на број? Ова е равенката која Европската унија (ЕУ) и САД се обидуваат да ја решат откако започна кризата во Украина и особено откако Русија пружи рака кон Крим од кој нема намера да се тргне.
ЕУ го извади своето, во моментов, најсилно оружје: министерска и лидерска средба, заканувачки изјави и санкции. Санкции пред се против украинското раководство кое е одговорно за смртта на лицата кои протестираа во Киев во февруари. Но потешко одеше решавањето на тоа дали и какви санкции треба да има против Русија поради обидот да се превземе Крим.
По повеќе часови разговори во Брисел, ЕУ одлучи да ги прекине преговорите за ослободување од визен режим кои ги води со Москва. И се закани дека ќе донесе економски санкции доколку Русија не се повлече од Крим и доколку тензиите продолжат.
Познавачите тврдат дека економски санкции никогаш нема да се случат и дека на Владимир Путин овие визни преговори не му се важни. “Преговорите за визна либерализација со Русија се водат одамна и не донеле значаен резултат. Така што прекинувањето на преговорите е квази-мерка која нема влијание ни врз ЕУ ни врз Москва”, објаснува еден европски дипломат.
ЕУ лидерите во потрага по разумно решение на украинската криза и доби односи со Москва
Поранешниот генерален секретар на НАТО Вили Клас на белгиското радио изјави дека за ЕУ е исклучително важно да го продолжи дијалогот со Русија, но дека Москва нема да излезе од Крим. “За 28 земји членки на ЕУ приоритет е економијата. Имаме голема трговска размена со Русија и верувам дека индустриското лоби во Германија работи со полна пареа. Тоа значи дека треба да се одржат дијалогот и соработката со Москва”, рече Клас.
За време на самитот во Брисел лидерите на големите земји членки, преку своите изјави, најавија дека се движат кон насока која треба да одржи добри односи со Русија. Така Британецот Дејвид Камерон во својата изјава пред новинарите рече дека руското однесување е неприфатливо. Но, од друга страна пред неколку дена беа објавени тајни официјални документи во кои британската влада ја открива намерата да не поддржи економски санкции против Русија и да не им ја затвори вратата на руските милијардери бизнисмени во лондонскиот Сити.
Слична е и француската приказна. Додека Франсоа Оланд испраќа остри пораки дека “треба да се продолжи со најсилна можна пресија врз Москва”, неговите советници брифираат дека “логиката на Франција е да се излезе од кризата но без санкции кон Русија”.
Но самата ЕУ тоновите се различни. Полска и Литванија се двете земји кои се најсилни заговарачи на санкции кон Русија поради разбранувана историја на овие две земји со Украина и Русија.
Полска и Литванија бараа остри санкции против Русија
Полска, која се чувствува небезбедна пред Русија, на пример одлучи да се утеши со поддршката на САД која и вети дека двете земји ќе имаат заеднички воздушни вежби и дека Вашингтон ќе и помогне на Варшава доколку дојде до прекин на рускиот гас.
Литванија ја обвини дури Европа дека не разбира што се случува во Крим и побара итна акција за да се одговори на “бруталната агресија”: “По Украина ќе дојде на ред Молдавија а потоа и други земји”, изјави претседателката на оваа земја.
Чешка се надеваше дека ќе дојде до ембарго за руското оружје. Романија, која дели граница со Украина, се обиде да биде порационална и побара САД и Велика Британија да бидат гаранти на безбедноста на Украина. Романија е земјата која е најблиску до Крим и сака излез од кризата, но Букурешт не е зависен од рускиот гас.
Според поранешниот шеф на НАТО Клас, Западот и Русија не влегуваат во нова студена војна но повеќе во “студен мир”.
Поранешниот генераен секретар на НАТО Вили Клас добро ја познава ситуацијата
“Путин знае дека Европјаните без Америка се преслаби воено. И знае дека Американците немаат никаква намера да влезат во воена операција и особено не против земја која има нуклеарно оружје”, вели Клас. Според него решението е во преговори. “Мислам дека сите ќе седнат на иста маса и јасно е дека Путин ќе добие гаранции за да остане во Крим и да биде на извесен начин присутен во Киев”, прогнозира Клас.
Американско-руските односи треба да останат добри
Покрај сите заканувачки пораки од ЕУ и САД најновата изјава на Путин ги потврдува зборовите на Клас. Путин рече дека односите помеѓу САД и Русија не треба да се влошат поради Украина: “Рускиот претседател потсети дека важноста на американско-руските односи е да се обезбеди стабилност и безбедност во светот. Овие односи не треба да бидат жртвувани поради изолирани меѓународни проблеми иако и тие се многу важни”, рече Кремлин преку соопштение.