Тел Авив: Израелски цивил бил уапсен минатиот месец под сомнение дека бил регрутиран од Иран за да изврши атентат врз израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, министерот за одбрана Јоав Галант или шефот на безбедносната служба Шин Бет, Ронен Бар, соопштија денеска Шин Бет и полицијата.
Претставници на Шин Бет и полицијата информираа дека осомничениот двапати бил прошверцуван во Иран и дека добил пари за мисијата. Осомничениот, кој не е именуван, денеска е обвинет.
Истрагата покажала дека израелскиот цивил, кој е евреин и бизнисмен, долго време живеел во Турција каде што воспоставил деловни и социјални односи со турски и ирански државјани.
Во април 2024 година тој прифатил да се сретне со богат бизнисмен по име Еди од Иран, со помош на двајца Турци, Андреј Фарук Аслан и Џунејд Аслан.
Израелецот се сретнал со иранските разузнавачи во куќата на Еди, кои побарале од него „да ги унапреди подготовките за атентат“ против премиерот Нетанјаху.
Шин Бет соопшти дека иранските власти ги планирале убиствата како одмазда за убиството на политичкиот лидер на Хамас Исмаил Ханије во Техеран во јули, за што го обвинија Израел.