Диксвил Ноч: Традиционално прв резултат на претседателските избори во САД во 2024 година е од малото село Диксвил Ноч, во северниот дел на Њу Хемпшир, јавија американските медиуми.
Резултатот е т.н. мртва трка: три гласа за Камала Харис и три за Доналд Трамп.
За само 12 минути беа пребројани и потврдени гласовите на шестмина жители на таа мала заедница во близина на канадската граница, кои со децении гласаат на полноќ на денот на изборите.
Резултатот означува значително поместување од пред четири години, кога пет гласови му припаднаа на Џо Бајден.
Диксвил Ноч, во Белите Планини го започна своето рано гласање во 1960 година.
Традицијата потекнува од блискиот град Хартс Локација за да се сместат железничарите кои морале да бидат на работа пред вообичаеното време за гласање.