Пред седиштето на својата партија Српска напредна странка во Нови Сад и со силно полициско обезбедување, српскиот претседател Александар Вучиќ доцна вечерва се обрати пред членови на партијата со осуда на новосадските протести кои ги оквалификува како удар врз српската држава и врз српското знаме.
Вечерва во главниот град на Војводина се одржаа протести кои прераснаа во насилни врз зградата на градското собрание, а по повод трагичната несреќа на тамошната железничка станица од која падна бетонската настрешница под чии урнатини животот го загубија 14 луѓе, а уште тројца се борат за живот.