Тренд на намалување на инциденцата на ковид-19 во 22 градови во земјава е регистриран во последните две недели. Најизразен е во Македонски Брод, во Демир Хисар, во Крива Паланка и во Ресен, покажуваат податоците од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Заклучно со 14 август оваа година, според ИЈЗ, пријавени се вкупно 335.451 случаи на ковид-19. Најголем дел од заболените се регистрирани во Скопје, Куманово и Битола, а највисок морбидитет е регистриран во Кавадарци (29.712,4/100.000) и Скопје (26.021,9/100.000). Највисок морталитет се регистрира во Охрид, во Прилеп и во Кавадарци. Највисок леталитет се регистрира во Струга и Крива Паланка.
Најголем број на заболени се на возраст над 60 години – 83.963 или 25 проценти, додека највисок специфичен морбидитет од 25.499,2/100.000 се регистрира кај возрасната група од 30-39 години (n=63.871). Најнизок специфичен морбидитет од 4.227,6 на 100.000 жители се регистрира кај деца на возраст од 0-9 години, каде се пријавени 8.702 лица.
Како што информираат од ИЈЗ, во текот на минатата недела се хоспитализирани 52 случаи, со што вкупниот број на хоспитализирани лица е 199. Од нив, 55 се на кислородна поддршка и еден пациент е на инвазивна механичка вентилација.
Заклучно со 14 август оваа година, вакцинирани се вкупно 875.431 лице со барем една доза вакцина против ковид-19. Со две дози се вакцинирани вкупно 856.460 лица.
Опфатот со две дози на вакцина кај населението над 18-годишна возраст изнесува 58,2 проценти, односно 54 отсто кај населението над 12-годишна возраст. Опфатот со две дози кај вкупното население изнесува 46,6 проценти.
Со трета доза се вакцинирани 11,1 проценти од населението над 18-годишна возраст, додека кај населението над 12-годишна возраст е 10,2 отсто. Опфатот со трета доза на вкупното население изнесува само 8,8 проценти.
Според категоризацијата на ризик и проценка на ситуацијата, земајќи ги предвид индикаторите на Светската здравствена организација (СЗО) за можноста за понатамошна трансмисија и капацитетите за одговор на земјата, се проценува дека Северна Македонија е во фаза на широка трансмисија, со соодветни капацитети за одговор.