Со меѓусебни обвинувања на власта и опозицијата попладнево продолжи собраниската седница за Информацијата од Владата по Предлог преговарачката рамка за почеток на пристапните преговори на Македонија со Европската унија (ЕУ).
Меѓу многуте пратеници од говорницата беше и лидерот на Левица, Димитар Апасиев кој на претседателот Талат Џафери му порача „за последен пат да му мафта со прст“.
„Претседателе Талат Џафери, прв и последен пат да ви биде со прст да ме карате, оти јас не сум ви дојден дома. Вие тука сте прв меѓу еднаквите и како таков не треба да го узурпирате столчето на коешто седите. Ако имате реплика кон некој пратеник, тогаш ќе си земете реплика, ќе си притиснете на копчето и ќе си кажете што мислите“, рече Апасиев од говорницата.
Уште додека беше на говорницата Џафери му возврати со зборовите: „Кој си па ти со прст да ми мафташ?“
„Кој си ти овде прст да ми покажуваш? – Ај зборувај ако зборуваш и не ми мафтај со раката. Не мафтај со прстот оти може тој прст да ти биде скршен. Пробај следен пат и ќе видиш“, му возврати Џафери.