Kонсултациите со експертите и внатре во партијата за референдумското прашање „конвертираат“ кон она што го кажа и претседателот Стево Пендаровски. ВМРО-ДПМНЕ е за задолжителен референдум, порача денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Многу блиску сме до таа содржина што тој ја кажа во јавноста и јас очекувам, доколку конвергира суштината на тоа референдумско прашање, Пендаровски да излезе јавно со став и да каже дека ќе излезе и дека ќе гласа заедно со своите соработници, нормално според своето убедување, дали треба да продолжиме под овие услови, под услови на диктат или под некакви други услови како што мисли ВМРО-ДПМНЕ и некои други партии“, рече Мицкоски по посетата на Општина Петровец.
Мицкоски кажа дека очекува поддршка од претседателот Стево Пендаровски и ги повика сите политички партии, вклучувајќи ги партиите на Албанците во опозиција, како и од МАНУ, од универзитетите и од верските заедници.
Тој изрази подготвеност да се сретне и со претставници на Владата во врска со референдумското прашање или и на нова лидерска средба во Клубот на пратеници да разговараат и да го утврдат референдумското прашање.
„На наредниот состанок на Извршниот комитет ќе излезам со позиција откако ќе завршат консултациите и со коалициските партнери, бидејќи сакам да го слушнам и нивното мислење, многу значаен сегмент од коалицијата што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ, да излеземе пред членовите на ИК и пред ЦК и во секое време и стоиме на Владата на располагање“, вели Мицкоски.
Тој е убеден дека СДСМ и ДУИ сакаат референдумот да не успее од формално правен аспект, односно да нема 50 + еден глас од бројот на избирачи.
„Ние сме за задолжителен референдум. Нашата суштина е што е можно повеќе граѓани да излезат на референдум и да си го дадат својот глас. Доколку власта се одлучи да не го бојкотира и да не го попречува референдумот, јас сум убеден дека референдумот ќе биде успешен“, рече Мицкоски.
ВМРО-ДПМНЕ е подготвена за избори во кој било термин што нема да се доведе во врска со референдумското изјаснување.
Опозициската партија најави дека ќе собира 150.000 потписи за референдум за тоа дали граѓаните сакаат да одат во ЕУ под вакви услови, во контекст на потпишаниот протокол со Бугарија.
Мицкоски денеска, исто така, најави дека по 30 август, по годишниот одмор во Собранието, ќе продолжи активната блокада и оти ќе пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги заострат нивните чекори. Според Мицкоски, опозициските пратеници со активната блокада спречиле носење на штетни закони, за што реагирале и граѓаните.
За празникот Илинден, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ традиционално ќе се обрати во струшко Тасмаруништа.