Сана: Најмалку 57 цивили го загубија животот во големите поплави во Јемен во последните неколку дена, соопшти денеска Меѓународната организација за миграција.
„Поплавите што започнаа на крајот на јуни и се засилија на почетокот на август однесоа најмалку 57 животи и погодија повеќе од 34.000 семејства, а многу луѓе се исчезнати или повредени“, се вели во соопштението на агенцијата на ОН.
Мет Хубер, вршител на должноста шеф на мисијата на организацијата во Јемен, рече дека обемот на катастрофата и хуманитарните потреби се „огромни“.