Правилникот за угостителски трошоци му дава одврзани раце на министерот за економија за тоа колку пари ќе потроши за услуги во ресторани или во бифеа. Правилникот е донесен лани, во август, само два месеци откако на чело на министерството застанува Бектеши.
Според Правилникот што го објавува НОВА, освен министерот, право на угостителски услуги на товар на Буџетот имаат и заменик-министерот, државниот секретар, државниот советник, раководителот на сектор, помошник раководителот на сектор, раководителот на одделение, вработени лица кои се избрани за членови на комисии и лицата ангажирани за обезбедување на министерот, на заменик-министерот и на државниот секретар.
Министерот за економија Крешник Бектеши е со најмногу трошоци за угостителски услуги – за шест месеци потрошил околу 5.000 евра за угостителски услуги во ресторани во рамки на институциите, 7.300 евра за угостителски услуги во ресторани низ земјава и 1.570 евра за угостителски услуги во странство, или вкупно 14.000 евра.
Од Министерството за економија денеска на прашање на НОВА за што се потрошиле овие пари одговараат дека во вкупната сума на трошоци што биле ставена на товар на министерот има и сметки што ги доставиле раководителите на сектори или државните советници кои честеле пијалоци од бифето кога имале делегации или гости, а тој бил потписник на сметката. Оттука прашањето- зошто министерот нема контрола врз трошоците кои ги прават други и без проверка го става свој потпис.
Правилникот, според кој нема одредено граници на трошењето за угостителски услуги, единствено го лимитира министерот за луксузирање во странство – тој може да потроши 500 евра месечно за ресторани во странство. Секоја сума над оваа, се смета за личен трошок и тој ќе треба да си ја плати од сопствениот џеб.
Сличен е и Правилникот во Министерството за животна средина. И таму нема лимит на парите кои министерот може да ги троши во угостителски објекти. Новиот министер Садула Дураку, не го сменил правилникот што бил донесен од неговиот претходник во 2016 година.
Дураку, според објавените податоци за шест месеци потрошил 8000 евра за угостителски услуги, но во ресторани надвор од институциите, а не во бифето во Министерството. И во ова Министерство велат дека на сметката на Дураку има и трошоци направени од раководители и советници. Интересно е што заменикот на Дураку, Јани Макрадули потрошил само 3600 денари во угостителски објекти надвор од институциите и 2000 денари во угостителски објекти во рамки на институциите.
За разлика од Бектеши и Дураку, министерот за култура Роберт Алаѓозовски јасно ја навел сумата на пари кои ќе ги троши месечно за угостителски услуги.
Во Правилникот за користење на угостителски услуги од репрезентација на бифето во Министерството, пишува дека министерот има право месечно да потроши 500 евра, заменик министерот 400 евра, а државниот секретар 300 евра. Во Упатството пак за користење на правилникот уште пишува дека министерот има право да потроши и повеќе од оваа сума, ако имало важни настани во државата и во странство. Без потпис на министерот, секое пречекорување од сумата мора да се врати од сопствениот џеб.
Кабинетот на министерот има право на вакви услуги во висина од 10.000 денари, а Кабинетот на заменик министерот 6.000 денари. Право на користење услуги од бифето имаат и кабинетските службеници во висина од по 2.000 денари – иако не е наведено за колку лица станува збор. Таква ставка има и за за државните советници чиј број исто така не е познат. Тие имаат по 1.000 денари за трошење, раководителите на сектори исто така по 1.000 денари а помошник раководител на сектор по 800 денари.
Сепак, се поставува прашањето дали можеби станува збор за суми кои се превисоки- со оглед дека бројката лица кои имаат право на угостителски трошоци е преголема, како и прашањето- зошто воопшто се користат овие трошоци, без јавноста да има увид во вистинските причини?
Двојното зголемување на трошоците за само 6 месеци, од оваа пропишана сума, министерот за култура Алаѓозовски денеска го објасни како грешка во алатката објавена на сајтот на Владата. Тој вели дека неговите лични трошоци не се повисоки од 6.000 денари месечно.
„Грешката ја направиле во пласирање на отчетната информација од алатката бидејќи не се одвоени трошоците и не е расчленето кои трошоци се лични на министерот, а кои се трошоци потрошени во бифето за вода и кафе за сите кои не се вработени, а дошле како гости, како членови на комисии, тела, работни групи, амбасадори, синдикати, граѓани, уметници, рече Алаѓозовски.
Тој вели дека според одлуката за користење репрезентација во Министерството, министерот за култура ги потпишува и сите останати трошоци на, како што рече, десетина деловни и работни состаноци на работни тела, совети (Совет за култура и Совет за македонски јазик) и одбори за награди кои се случуваат во Министерството за култура.
– На тие состаноци јас не ни присуствувам, но јас ги парафирам, ги потпишувам нивните трошоци кои се најчесто за кафиња, вода и негазирани сокови, соопштува Алаѓозовски, но останува да виси во воздух прашањето зошто тој дозволува да стави потпис врз документи со трошоци врз кои нема никаква контрола ниту сознанија за вистинските податоци.
Сепак, Алаѓозовски најавува дека ќе иницира промена на Правилникот за трошоци, со цел да се намалат, иако не дава повеќе детали на кој начин ќе дојде до сериозна контрола.
Според податоците објавени на сајтот, заменикот министер за култура Владимир Лазовски, за угостителски услуги во ресторани или бифеа во рамки на институциите има потрошено околу 2.000 евра за шест месеци.
За експертите за спречување на корупцијата кои ги консултираше НОВА, драстичните разлики меѓу трошоците на министрите во Владата покажуваат дека дел од нив се однесувале несовесно со парите на граѓаните.
„ Тоа се само изговори. Треба да се воспостават принципи на транспаретно и отчетно практикување на функцијата, да се почитуваат правилата за интерното трошење на службената картичка. Ова ќе се постигне , ако сите министерства имаат унифицирани правилници , за да не може како сега да има различно толкување. Како е можно министерот за надворешни работи да има помалку потрошено од нив. Сега бараат начин да ескивираат , бидејќи се фатени во расипништво вели Драги Малиновски поранешен антикорупционер.
Според Малиновски редовното објавување на трошоците на функционерите може да спречи луксузирање на државен трошок, но на крајот останува на министерот дали ќе се однесува совесно и одговорно со парите на граѓаните.
По реакциите во јавноста за високите суми на пари потрошени за угостистелски услуги се огласи и Владата, со објаснување дека на сметка на министрите биле и трошоци направени од други лица.
„ Во дел од министерствата сите вакви трошоци се одобрени и потпишани од министрите, пријавени во извештаите за отчетност, а се користени од голем број административни службеници и граѓани исклучиво за потребите на работните состаноци за реализација на Програмата на Владата.
Ова е причината зошто кај некои носители на јавни функции трошоците за угостителски услуги се повисоки во однос на останатите. Со потписот на дел од министрите, одобрувани се трошоците направени во бифеата на сите раководители во институцијата, а вкупниот износ е претставен во Алатката за отчетност, во ставката Угостителски услуги, како службен трошок на функционерот“.
Во Алатката за отчетност, на сајтот на Владата, посебно се објавени трошоците на министрите, замениците и државните секретари и вкупната сума што ја потрошило секое министерство.
Трошоците на министрите, замениците и државните секретари ќе бидат ажурирани на секои 6 месеци, а според најавите транспаретност во трошењето треба да понудат и градоначалниците и судската власт.