Од:

Како лобито на ВМРО ја втурна САД во крстоносна војна против Сорос

Се до минатата година споменувањето на Македонја низ просториите на моќта во Вашингтон веројатно ќе предизвикаше индиферентност. Но, работите се променија во последните месеци откако американската десница одеднаш стана живо заинтересирана за битките кои се водат во малата балканска земја. На една страна е македонската, сега поранешна владејачка партија портретирана од новостекнатите американски медиумски пријатели како силен бранител на слободниот пазар и традиционалниот морал. На другата страна, како што тие тврдат, се криминалните левичари поддржани од милијардерот Џорџ Сорос.

Ова е заедничко истражување на НОВАТВ и Мрежата за известување за организиран криминал и корупција (OCCRP), со поддршка на Buzfeed. 

Анлиска верзија овде и овде.

Пишуваат: Сашка Цветковска и Аубри Белфорд

Конзервативните медиуми од САД , како што се „Брајтбарт“ и „Фокс Њус“, но и десничарската фондација „Херитиџ“ посветија значително многу покривање на таканареченото мешање на Сорос во Македонија. И уште дузина републикански конгресмени пишуваа критички писма каде што се доведуваше под прашање работата на американскиот амбасадор во Скопје Џес Бејли кого го обвинуваа дека е соработник на невладините и Сорос.

Но, зад насловите се крие една друга приказна: Интензивни лобистички напори од страна на ВМРО-ДПМНЕ, нациoналистичката партија којашто до скоро ја владееше земјата. Стотици нејзини членови се испрашувани во рамки на истраги, а десетици се соочуваат со обвиненија за нелегално прислушување на повеќе од 20.000 граѓани, како и широко распстространета корупција што ја направи партијата една од најбогатите во Европа.

Поднесоците и доверливите транскации до кои дојдоа НОВАТВ и Меѓународната мрежа за известување за криминал и корупција (OCCRP) покажуваат дека партијата платила повеќе од еден милион, наводно нелегално стекнати пари со оглед на процесите во Скопје, на американски лобисти и компании за односи со јавностa од 2015 година до сега. Партнерите ги прикажуваат само парите кои се одлеале од сметката на партијата, не и оние кои се уште не се платени, а за кои што имало испорачани услуги.

Од минатата година повисоки функционери на партијата лично лобираа кај конзервативните американски политичари и медиуми со цел да ги дискредитираат домашните противници и да го туркаат анти-сорос наративот.

Македонската влада ја најми про-републиканската лоби фирма „Меркјури Паблик Афаирс“ за работа која може да се однесува на партиските интереси на ВМРО-ДПМНЕ . Тие се чини дека сакале да ја затскријат нивната работа за партијата платена со пари од македонската влада преку користење на таканаречена фронт организација, што претставува можно кршење на Законот за регистрација на странски агенти во САД (ФАРА).

Жалбите на ВМРО-ДПМНЕ упатени кон американската десница почнуваат со еден ран обид да се влијае врз оние кои одлучуваат под администрацијата на поранешниот претседател Барак Обама. Договорите и доверливите трансaкции од партиските сметки до кои дојде тимот на НОВАТВ покажуваат дека од 2015 до почетоците на 2017 година исплатиле повеќе од еден милион долари на четири американски лоби фирми и фирми за односи со јавност од кои три се воглавно поврзани со Демократската партија.

Сето ова ја стави Македонија на агендата во Вашингтон. А од недомна ги поттикна американските конзервативци да се приклучат во анти-Сорос нападите фаворизирани од Русија и европските авторитарни националисти. Пријателското внимание од американските конзервативни медиуми беше помпезно пренесувано од македонските медиуми лојални на ВМРО-ДПМНЕ, но и од државните руски медиуми.

Балканско буре барут

Паралелно со кампањата на ВМРО-ДПМНЕ против опозицијата, медиуми, УСАИД и амбасадорот на САД Џес Бејли, течеше и една од најсилните политички кризи во земјава.  Конзервативната партија која на власт дојде во 2006 година на чело со поранешниот премиер Никола Груевски укина даноци и туркаше кон членство во НАТО и Европската Унија. Но, исто така ги замолчи критичките медиуми, го заплаши цивилниот сектор и целеше на проекти за кои постојат сомневања за криминал, како што е барокната преправка на главниот град Скопје, кој чинеше преку 760 милиони долари, како што пресмета БИРН.

Македонската политичка четворка при преговорите за Пржински договор

Земјата влезе во криза во февруари 2015 година кога лидерот на тогашната опозиција, Зоран Заев објави аудио снимки според кои наводно, Груевски издал наредба за прислушување на преку 20.000 Македонци.

По протестите на улиците, Европската Унија овозможи договор според кој Груевски поднесе оставка, а беа закажани нови избори во 2016 година. Во меѓувреме беше назначен нов независен јавен обвинител. Специјалното јавно обвинителство веднаш почна да ги истражува индициите за криминал од Груевски и други клучни луѓе во ВМРО-ДПМНЕ.

Изборите одржани во декември, резултираа со неодлучен Парламент. Земјата беше без Влада пет месеци додека Заев конечно формираше коалициона Влада со две албански партии на 31 мај. Во меѓувреме беше тензично, со секојдневни протести и упад во Парламентот на 27 април од страна на националистички демонстранти кои го тепаа Заев и останатите пратеници.

И покрај новата Влада, Македонија и понатаму е кревка бидејќи претставници на ВМРО „имаат многу што да загубат“, рече Флориан Бибер, професор на Универзитетот на Југоисточна Европа во Грац.

„Со тоа што ја загубија власта тие ризикуваат да завршат во затвор. Секој обид за истраги за криминал ќе биде потценет како недостаток од патриотизам и надворешна мешање“, рече тој.

За време на кризата, ВМРО-ДПМНЕ и своите поддржувачи се концентрираа на анти-Сорос кампања, гледајќи на моќниот американски филантроп како „газда“ на своите политички опоненти од левицата. Во декември Груевски повика на “десороизација“ на земјата, а демонстранти маршираа против американскиот амбасадор Бејли, обвинувајќи го дека работел со невладини поврзани со Сорос. За кратко време, поддржувачи на ВМРО отворија “глобална иницијатива“ наречена „Стоп операција Сорос“ која има и своја англиска верзија на сајтот.

Поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ на протестите кои беа дел од иницијативата „За Заедничка Македонија“

Ова и дојде добро на руската врска во Македонија. И руски и српски служби работат во земјата, шират пропаганда и промовираат национализам за да ја оттргнат земјата од НАТО, објави OCCRP заедно со своите партнери на 4 јуни во истражувањето оддржано со документи.

Од почетокот на кризата во Македонија во 2015 година, руската Влада јавно го поддржа Груевски, ги нападна неговите противници и порача дека Западот се меша во домашните работи во земјата. Рускиот државен сервис предупреди и дека има „Петта колона“ поддржана од Сорос која е активна во Македонија.

Кампањата е дел од пошироко анти-Сорос движење промовирано од авторитарните влади во Европа и десничарите популисти во САД. Владите на Полска и Унгарија исто така ги нападнаа институциите и организациите кои се финансирани од Сорос. Во соседската земја на Македонија, во Србија, националистичките медиуми го нападнаа Сорос тврдејќи дека имал план за дестабилизација на државата.

Антизападен и анти-сорос протест во Македонија, пролет 2017

Во март, на конференција во главниот град на Унгарија, популисти и активисти го адаптираа името од Македонија – „Стоп операција Сорос“.

Љупчо Златев, новинар кој ја претставуваше Македонија на таа конференција, за OCCRP вели дека Сорос бил одбран како цел бидејќи тој ги симболизира либералните вредности кои се глобална закана за традиционалниот национализам. Тој рече дека самиот не е дел „Стоп операција Сорос“, туку дека ги спојуваат одредени вредности за коишто се залагаат, како анти-глобализацијата.

„Џорџ Сорос не е единствениот,  но тој е симболот. Не може да протестирате против Британскиот Совет или Швајцарската агенција за развој, како да ви кажам“, вели Златев.

Лобирање кон десно

Во време на најинтезивниот конфликт со домашните политички непријатели, функционерите на ВМРО-ДПМНЕ тргнуваат во САД за лично да се среќаваат со политичари и новинари.

Клучен во овие напори, според интервјуата, е Владимир Ѓорчев, млад, амбициозен и конзервативен политичар со силни врски со конзервативците надвор од земјава и особено во САД. Во периодот помеѓу 2016 и 2017 година тој неколку пати патува во САД.

„Така дознав за приказната за Македонија. Влад од македонскиот парламент лобираше за ова“, вели во телефонски разговор за НОВАТВ Ли Странахан, новинар којшто пишуваше на тема Сорос и Македонија за „Брајтбарт“ во февруари годинава.

„Тој зборуваше наоколу со луѓето кои не знаат многу за оваа тема. Ни  јас не знаев многу“, додава Странахан.

„Кога пишувате за конзервативен веб сајт, секогаш кога ќе го споменете Џорџ Сорос во насловот тоа е добар ден“, вели тој додавајќи дека е уверен дека неговото известување независно ги потврдило тезите на Ѓорчев.

Влатко Ѓорчев одби да разговара на темата и да одговара на прашања поврзани со ова истражување.

Истовремено, „Меркјури Паблик Афаирс“ потпиша нетранспарентен и потенцијално нелегален договор за лобирање кој ја вклучува Македонија. Документите поднесени во Американското министерство за правда од почетокот на февруари покажуваат дека „Меркјури“ била ангажирана од извесна „Либертас Фондација“, корпоративно друштво со  месечен договор со лобистите од 15,000 долари за „владини, надоврешни и јавни работи за Романија, Бугарија, Македонија, Србија и Грција“.

Се чини дека „Либертас“ е наменски отворена организација којашто нема никакви други активности. Основана е во август или само еден ден пред „Меркјури“ да ги поднесе финалните документи од Конгресот во САД каде што ја декларираат својата лоби активност. Адресата на којашто е регистрирана „Либертас“ во САД е во Бруклин, Њујорк, на истото место каде што има сметководствено биро.

Според поднесоците во ФАРА и документите за регистрација во Њујорк, единствено јавно објавено име од одговорните лица е 38-годишниот Узбекистанец, Бегзод Исакдјанов, којшто исто така живее во Бруклин. Тој не одговори на прашањата испратени до него.

Но, постои и друг доказ којшто ја врзува „Меркјури“ директно со Македонија. Владата на Македонија доделила договор во висина од околу 150,000 долари на фирма од Лондон “Меркјури“ чии што основачи се директорите на „Меркјури“ од САД. Договор бил склучен во ноември минатата година, но стана јавен дури во мај годинава или еден ден пред техничкиот премиер Емил Димитриев да замине од функција. Договорот се однесува на активности од сферата односи со јавност.

Не е јасно дали овој договор е поврзан со договорот на „Меркјури“ со „Либертас“ или, пак, е за некаква друга работа. Ова откритие го покрена прашањето дали можеби ВМРО-ДПМНЕ за своите услуги плаќало со народни пари.

Член на највисокиот орган на партијата, Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, разговараше со претставници на НОВАТВ и OCCRP под услов неговото име да остане анонимно вели дека „Меркјури“ работела за ВМРО-ДПМНЕ, а дека помеѓу другите, Влатко Ѓорчев бил контакт за овие активности.

„Не знам кој ја отворил фондацијата „Либертас““, но знам дека „Меркјури работи за ВМРО-ДПМНЕ“, вели тој. „И не само за нив, имаше и некаква координација со други групи од интерес во регионот и пошироко од други држави“, вели тој, но не елаборираше како тоа изгледало, велејќи дека тој не бил толку инволвран во овие нешта.

Кога ги прашавме „Меркјури“ дали и каква работа работеле за ВМРО-ДПМНЕ, партнерот во фирмата Вин Вебер рече: „Работевме нешто за нив, но не знам што точно бидејќи јас не бев вклучен во таа работа, така што морам да ве упатам кај друг партнер во фирмата за детали“.

Ајал Френк, заменик-претседател во „Меркјури“ рече само кратко дека „Либертас е невладина организација и тие работеле во согласност со регулациите од ФАРА“.

Прашани за странските клиенти зад „Либертас“, Френк го прекина разговорот.

„Сега морам да ви спуштам, ок?“

Тие потоа не одговорија на прашањата испратени по маил.

Крег Холман, експерт по лобирање во вашингтонскиот тинк-тенк „Паблик Ситизен“ вели дека договорот помеѓу „Либертас“ и „Меркјури“ е можно кривично дело.

„ Навистина е сомнителна активност. ФАРА е кристално јасна за именувањето на странските клиенти и не е дозволено тие да се кријат за непрофитни друштва. Тоа е обврска, во овој случај на “Меркјури“ целосно да ги откријат имињата на странските ентитети кои ги најмил. Овде тоа не се случило“

Ова не е прв пат „Меркјури“ и Вебер да потфрлат во работата согласно правилата на ФАРА. Проблемот со неоткривањето на странските корисници на лоби услугите сега доби нов тек откакопоранешниот шеф на кампањата на Доналд Трамп, Пол Манафорт, како и поранешниот советник за национална безбедност Мајкл Флин, потфрлија да пријават дека работеле за странски интереси. Дел од работата на Манафорт за про-руската партија водена од поранешниот украински претседател Виктор Јанукович беше отпосле и под притисок од јавноста пријавена од страна на “Меркјури“ во формите на ФАРА.

Во април годинава, по тој принцип, „Меркјури“ и уште една моќна лоби фирма „Подеста Груп“, направија задоцнети пријави на нивните активности врзани со лоби работа направена во 2012 година за тогашниот претседател на Украина Јанукович, но претставуван преку НВО – „Европски центар за модерна Украина“. Исто како и во случајот со „Либертас“ тие не пријавиле дека работат за политичка партија, а на овој случај работел токму Манафорт.

Ако споредиме со украинскиот пример, тоа покажува дека работата на „Меркјури“ со „Либертас“ е во најмала рака неуредна, а во најлоша „тие учествувале во прикривање на странски клиент“, вели Холман додавајќи дека Министерството за правда во САД ретко ги гони прекршителите на законите.

До денеска не е јасно што точно моќната лоби групација работела за анонимната фондација „Либертас“.

Адам Ерели, поранешен амбасадор на САД во Бахреин којшто беше и заменик претседател во „Меркјури“ од 2013 до 2016 година, напиша најмалку два  текста за Македонија. Првиот, за Handelsblatt Global, се појави на 20 јули, кратко пред „Меркјури“ да ја започне својата работа  за „Либертас“ во август. Ерели е дури и регистриран како лобист во првиот поднесок на „Меркјури“ во Конгресот. Друг негов текст кој беше остар и критичен за работата на Специјалното јавно обвинителство се објави во американскиот медиум „The Hill“ во ноември, кратко откако Ерели ја напушти „Меркјури“. Ниту еден од овие текстови не споменува дали се дел од лоби напорите на „Меркјури“.

Во телефонски разговор, Ерели вели дека ниту еден од тие текстови не бил платен.

„Ги напишав затоа што ме интересира Македонија“, рече тој.

Патот до Конгресот

Најголемото влијание кое се постигна со лоби  напорите на ВМРО-ДПМНЕ беше она во Конгресот на САД кога дузина конгресмени и сенатори се потпишаа на писма кои беа критични кон работата на амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли и неговите наводни врски со организации поддржани од Сорос.

Средба помеѓу Груевски и Крис Смит

Лобирањето започна за време на американската претседателска изборна кампања. На 5 октомври минатата година, во пресрет и на македонските предвремени парламентарни избори, Ѓорчев организира средба помеѓу Груевски и Крис Смит, републикански конгресмен од Њу Џерси, велат извори за НОВАТВ и OCCRP. На едно видео  постирано онлајн може да се видат и Ѓорчев и Груевски на среба со Смит.

Зборувајќи за МТВ Смит предупреди: „Некои од левицата се склони да ги нарушуваат изборите…да фалсификуваат и да изнаоѓаат обвиненија кои немаат врска со реалноста“.

Конгресменот стана лидер во организирањето на писмото потпишано од шест конгресмени и испратено во американската канцеларија за владина одговорност од каде што побараа истрага за американската агенција УСАИД и нивната врска со Сорос групи во Македонија. Ренди Халтгрен, портпарол на Крис Смит, не одговори на нашите прашања.

Мајк Ли, републикански сенатор од државата Јута во САД, го надгледуваше испраќањето на две други писма до амбасадорот Бејли, едно во јануари годинава, а друго заедо со пет други сенатори во март годинава упатено до Секретарот на Стејт Департмент Рекс Тилерсон.

Индиициите беа тие, како што сугерира и договорот на „Меркјури“, дека Македонија не е единствената вмешана земја.

Кон Карол, портпарол за Ли, вели дека писмата биле напишани „откако на сенаторт му пришле групи од законодавци од повеќе странски држави“, вклучувајќи ја и Македонија, а дури „три континенти биле застапени“.

„Немаше лобисти кои ги договараа состаноците“, рече Карол.

Фондацијата „Херитиџ“, познат десничарски тинк тенк од САД, исто така е длабоко вмешана во приказната за Македонија и Сорос. Од почетокот на годинава нивниот медиум „The Daily Sygnal“ објави повеќе од 12 текстови на оваа тема. На настан организиран од фондацијата на 25 април гоинава, Ли ја критикуваше американската соработка со иницијативите  на Сорос во странство. „Judicial Watch“, правна група за застапување на конзервативците, објави дека ќе го тужи Стејт Департмент и УСАИД поради тоа што не им биле дадени документи за активности на Сорос во Македонија.

Мајк Гонзалес, виш научен соработник во „Херитиџ“ вели дека било смешно да се тврди дека работата на фондацијата е поврзана со некакви лоби напори.

Сепак, постои доказ за лични врски помеѓу „Херитиџ“ и функционери на ВМРО-ДПМНЕ. Филип Јолевски, син на доскорешниот министер за одбрана на Македонија и поранешен амбасадор во САД, Зоран Јолевски, работел за оваа фондација во 2013 и 2014 година. Зоран Јолевски имал средби во јули 2014 и со тогашниот претседател нан „Херитиџ“ Џим де Минт.

Лобирање на лево

Жалбите на ВМРО-ДПМНЕ упатени кон американската десница почнуваат со еден ран обид да се влијае врз оние кои одлучуваат под администрацијата на поранешниот претседател Барак Обама. Договорите и доверливите транскации од партиските сметки до кои дојде тимот на НОВАТВ покажуваат дека од 2015 до почетоците на 2017 година исплатиле повеќе од еден милион долари на четири американски лоби фирми и фирми за односи со јавност од коишто три се воглавно поврзани со Демократската партија.

По потпишувањето на таканаречениот Пржински договор во 2015 година којшто го принуди Груевски да ја предаде премиерската фотелја, партијата лансираше лоби кампања во САД за нивните интереси. Податоците од ФАРА покажуваат дека тие тогаш најмиле три лоби  фирми: „Дашл Груп“, Њу Партнерс“ и „Глобал Секјурити Иноватив Стратеџис“.

Транскациите обезбедени од НОВАТВ и OCCRP покажуваат дека партијата платила најмалку 721,000 долари на „Њу Партнерс“ и „Глобал Секјурити Иноватив Стратеџис“ помеѓу октромви 2015 и април 2016. Поднесоците од ФАРА за „Дашл Груп“ покажуваат дека тие биле исплатени 4332,637 долари помеѓу јануари 2016 и јануари 2017 година.

Според ФАРА, „Дашл Груп“ организирале состаноци со конгресмени и повисоки функционери од Стејт Департментот. ГСИС организирале средби со Алан Берсин од Американското биро за бебзедност, како и Пит Сешнс, конгресмен.

„Њу партнерс“ кои што за ВМРО-ДПМНЕ работеле нешто повеќе од еден месец, кон крајот на 2015 пишувале соопштенија за јавност за американските медиуми.

Нејтан Дешл, претседател на „Дешл Груп“, одби да коментира, освен што рече дека компанијата прекинала да работи за ВМРО-ДПМНЕ во февруари годинава. И ГСИС одбија да коментираат.

Кара Морис Стерн која што претходно беше надлежна за договорот на ВМРО-ДПМНЕ со „Њу Партнерс“ рече дека нивната работа била во комплетна согласност со ФАРА и дека нивната фирма „не би им плаќала на луѓе да пишуваат работи“.

Трансакциите на ВМРО-ДПМНЕ откриваат и една досега необјавена релација на ВМРО-ДПМНЕ и политички фирми од САД: Тие во 2016 им платиле 290,700 долари на „АКПД Месиџ анд Медиа“, фирма за политички маркетинг од Чикаго основана од поранешниот шеф и стратегист на Обама, Дејвид Акселроуд.

Нејасно е што АКПД работеле за партијата. Нивната работа не е регистрирана во ФАРА. Џое Голдберг, заменик претседател во фирмата, одби да одговори на нашите прашања.

Транснационална војна со медуими

Лобирањата на ВМРО-ДПМНЕ не беа  наменети само да влијаат врз  Американците. Настаните и текстовите организирани и објавувани таму беа наменети и за домашната јавност. Медиумската мрежа контролирана од ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои и јавниот сервиси и големите телевизии како Сител , Канал 5, Алфа и други, редовно ги преземаше тие текстови и ги презентираше пред помпезно пред  македонската јавност како да се објавувани во најугледни и највлијателни медуми во САД. Оваа пропаганда беше собирана од руските државни медиуми кои го таргетираа регионот со своите локални изданија.

„Сите медиуми кои се да речеме наши знаат за овие платени теекстови уште пред да се објават. Си има наш човек што ги информира околу објавувањето и преземањето, се комуницираат уредниците или директорите, некогаш дури ги добиваат преведени и нивната работа е само да ги објават да ги буткаат тезите во медиуми преку дебати да речеме“, вели нашиот извор во Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Во почетоците на лобирањата во декември 2015 година, тогашниот лобист на „Њу Партнерс“ објави сторија напишана од страна на медиумскиот консултант Мајкл Михан кој ја обвини македонската опозиција дека го напаѓа слободниот печат. Сторијата беше веднаш реобјавена од македонските медиуми блиски до тогашната власт и стана главна вест во десетина од нив.

Груевски и Ѓорчев се сретнаа со Михан, кој е претседтел на друга лоби фирма „Скуаред Комјуникејшн“. Михан не сакаше да одговори на нашите прашања.

Сличен ефект имаше и ноемврискиот текст на Адам Ерели, поранешен заменик претседател на „Меркјури“. Текстот во којшто тој на напаѓа Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева обвинувајќи ја дека работи за опозицијата беше преземан со брзина на светлината од водечките медиуми лојални на ВМРО-ДПМНЕ.

Монтажа од текстот од Ерели за Јанева и саматта Јанева којашто ја користеа македонските медиуми лојални на ВМРО-ДПМНЕ

Сличен ефект имаа и писмата на сенаторите и конгресмените – сите беа следени со голема помпа која беше претставувана како американска поддршка од влијателни медиуми за ВМРО-ДПМНЕ, но и креирање на впечатоци дека амбасадорот Џес Бејли е дел од таканаречената злокобна администрација на Обама и не постапува согласно идеите на новата администрација. Истата помпа на овие писма им ја посвети и руски „Спутник“.

Во еден од текстовите беше потпишан и Мајк Гонзалес од фондацијата „Херитиџ“. Насловот беше директен: „Не мора да бираме помеѓу Путин и Сорос“.

Дополнително известување од Алексеј Демјански, Вања Луковиќ, Бермет Талат и Џони Рајт. 

Специјална благодарност до македонската твитер заедница чии што архиви на твитови поврзани со објавите од САД за Македонија, но и други објави со активности на македонски функционери, ни помогнаа да идентификуваме одредени релации и други сомнителни околности. 

<a class=”twitter-timeline” href=”https://twitter.com/kraft_mk”>Tweets by kraft_mk</a> <script async src=”//platform.twitter.com/widgets.js” charset=”utf-8″></script>