Манипулациите, хибридните операции и изборите во Словенија под бранот на странско мешање – тест за демократската отпорност на регионот и Европа.
Џабир Дерала
Во соработка со тимот на ЦИВИЛ за мониторинг на хибридни закани (ЦХТМ)
„Скопскиот хаб“
Наративите се само половина од приказната. Другата половина е инфраструктурата.
„Технологијата“ на пропагандата што во моментов ги таргетира словенечките избори на 22 март 2026 година претставува софистициран, повеќеслоен екосистем. Тоа не е само збир од лажни веб-страници, туку координирана средина на влијание што ги поврзува приватните разузнавачки практики, медиумските екосистеми поврзани со држави и политичките и бизнис интереси во Северна Македонија, Унгарија и Србија.
Во неговото јадро се наоѓа нешто што повеќе не може да се игнорира: скопскиот хаб – простор каде што политичкиот капитал се канализира, наративите се конструираат, а операциите се координираат пред да бидат пласирани во информациските простори на Европската унија.
Основата на овој систем ја сочинува мрежа на компании финансирани од Унгарија, регистрирани во Северна Македонија, кои – според истражувачки извештаи низ годините – функционираат како посредници во прекуграничното медиумско финансирање и влијание.
Меѓу најчесто споменуваните субјекти се Target Media DOOEL Скопје, во сопственост на унгарскиот бизнисмен Петер Шац, како и Adinamic Media, поврзана со Агнеш Адамик. Достапните извештаи укажуваат дека овие компании учествувале во пренасочување на средства — често потекнувајќи од структури поврзани со унгарската држава или политички кругови — кон словенечки медиуми како Nova24TV и Demokracija.
Преку овој механизам, удели во овие медиуми се стекнуваат и одржуваат, со што се обезбедува платформата за политички пораки усогласена со оската Орбан–Јанша не само да биде присутна, туку и структурно вградена.
Во овој бизнис нема случајности. Ова е структура. Врската со политичките актери во Северна Македонија е помалку видлива — но не и помалку значајна.
Односот меѓу овие бизнис-мрежи и политичките актери во Северна Македонија останува нетранспарентен, но не и целосно непознат за јавноста. Документираните интеракции и преклопувања во комуникациските обрасци — особено по враќањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт во периодот 2024–2025 — укажуваат на високо ниво на усогласеност меѓу медиумските структури, политичките пораки и прекуграничните наративи.
Стратегија на креирање содржини: Бомба 2.0
Методологијата што се користи за дестабилизација на политичките актери во Словенија претставува препознатлива еволуција на претходните тактики веќе видени во Северна Македонија. Она што некогаш беше познато како моделот „Бомба“ – објавување на протечени аудио-снимки во домашни политички пресметки – во последните години еволуираше во покомплексен, технолошки унапреден пристап.
Во неговото јадро е фабрикувањето на „протекувања“: употреба на високо доверливи дипфејкови генерирани со вештачка интелигенција и „хибридни“ аудио-записи, во кои автентични фрагменти од глас се комбинираат со фабрикувана содржина за да се создаде материјал што изгледа веродостојно, но суштински е манипулативен.
Подеднакво важен елемент е и „перењето“ на содржината — синџирот што ѝ дава привид на легитимност. Во забележани случаи, содржината најпрво се појавува на словенечки Телеграм канали или македонски портали, често со тактиката „прочитај и исчезни“ (burn after reading / burner tactic), пред да биде преземена од западни медиуми како италијанскиот весник La Verità, а потоа повторно да се врати во словенечкиот јавен простор како „меѓународна потврда“ за наводен скандал.
Наративните куки што циркулираат во овој модел се конзистентни и прецизно насочени: обвинувања за велепредавство, тајни миграциски договори и корупција во енергетскиот сектор — формулирани така што ја поткопуваат довербата во словенечкиот премиер Роберт Голоб и, пошироко, во институционалниот систем.
Во тековниот изборен циклус во март 2026 година, еден од највидливите обрасци се однесува на серија „откритија“ објавени од La Verità, кои беа брзо реувезени во словенечкиот дигитален простор преку Телеграм каналите како Resnica 2026, дополнително зајакнувајќи ја перцепцијата за прекугранична „потврда“.
Жив пример: „Green Scam“
Оваа недела, синџирот на „перење“ на содржина следеше еден доста препознатлив образец. Еден од највидливите примери е таканаречениот „Green Scam“ (зелена измама), што се заснова на сторија пласирана во 2023 година.
Неговото потекло, според податоците од мониторингот, се поврзува со јазли во Скопје и Белград. На 17 март, форензичките мониторинг групи регистрираа значителни трансфери на податоци меѓу дигитално студио во Белград — наводно поврзано со Израел Ајнхорн и сервери поврзани со Target Media во Скопје.
Деновиве, беа забележани објави на Телеграм во кои се тврди дека енергетските реформи на премиерот Голоб се параван за повеќемилионска корупциска шема поврзана со нафта од Иран, што произлегува од текст во италијанскиот весник La Verità од 2023 година, експлозивна статија со наслов „The Green Black Hole of Ljubljana“ (Зелената црна дупка на Љубљана).
Во рок од неколку минути по објавата, Telegram каналот Resnica 2026 дистрибуираше високо-резолутивни „протечени документи“ на словенечки јазик што наводно ги потврдуваат тврдењата на La Verità. Со повикување на западен медиум во земја членка на ЕУ, каналот ѝ обезбеди на содржината дополнителен слој на привидна легитимност.
До 20 март, словенечки десничарски медиуми како Nova24TV веќе ја засилуваа приказната со наслови како: „Странски медиуми потврдуваат: Голоб под истрага за меѓународна енергетска измама.“
Овој редослед ја илустрира оперативната логика на системот: Фабрикација → Валидација → Амплификација. Словенечката влада веќе изрази загриженост за овој пропаганден образец, идентификувајќи ги ваквите прекугранични информациски текови како потенцијална закана за изборниот интегритет и повикувајќи на истрага на ниво на ЕУ.
Употребата на медиуми како La Verità не е случајна. Таа има стратешка функција. Уредувачката позиција на овој весник е во широка линија усогласена со политички струи поврзани со фигури како Матео Салвини, Виктор Орбан и Јанез Јанша, додека неговиот статус како етаблиран италијански медиум обезбедува правна и репутациска заштита што помалите медиуми во регионот ја немаат. Ова значително ја отежнува брзата правна реакција во текот на изборен циклус.
Во исто време, ваквите медиуми обезбедуваат нешто што може да се опише како „стратешка кредибилност“: за многу читатели, информација што доаѓа од „италијански печат“ носи поголема тежина отколку содржина што циркулира низ отворени партиски или анонимни дигитални канали.
Ова е модел во кој наративите се конструираат, има се придава валидност од надворешен, странски извор, а потоа повторно се внесуваат во таргетираниот (во случајов, словенечкиот) информациски простор со зголемена убедливост.
Она што започнува како обвинување, се враќа како потврда.
Ова е „Бомба“ моделот во неговата најразвиена форма. Тој веќе не е ограничен на домашни политички конфликти, туку како прекуграничен механизам што вклучува актери и платформи од ЕУ и од средини надвор од Унијата.
Технолошкиот мускул „Велес 2.0“
Она што некогаш беше децентрализиран хаос на „Велес“ еволуираше во многу поцентрализиран и структуриран систем на компјутерска пропаганда, сè повеќе поврзан со политички консалтинг, таргетирање базирано на податоци и прекугранична координација. За разлика од феноменот во 2016 година, пејзажот во 2026 година одразува премин кон професионализација и стратешко управување.
Ова вклучува мрежи на автоматизирани и полуавтоматизирани профили што ги засилуваат наративите на платформи како ТикТок, Телеграм и X; таргетирање на специфични групи публика со помош на вештачката интелигенција, како и координирано преплавување на дигитални простори со висока видливост, вклучувајќи ги и официјалните изборни хаштагови. Ефектот не е само дистрибуција на пораки, туку заситување (сатурација) со информации, односно обем на содржини со цел да ги замагли, разреди или потисне проверените информации во јавниот простор.
Импровизација во сево ова речиси и нема повеќе. Она што сега е водечка сила е, всушност, индустриски модел на влијание, во кој гласачите, било во Словенија, Унгарија, САД или Северна Македонија, се сè повеќе изложени на постојани, алгоритамски засилени пораки дизајнирани да го намалат нивниот капацитет за информиран избор.
Во контекст на словенечките избори на 22 март, податоците од мониторингот и аналитичките проценки укажуваат дека коридорот Белград–Скопје игра значајна улога во овој екосистем. Додека делови од медиумската инфраструктура се базирани во Скопје, елементи на дигиталната амплификација, вклучувајќи бот-активности и координирано ангажирање на социјалните мрежи, се поврзуваат со мрежи што оперираат од Белград и други регионални „сајбер хабови“, со дополнителни компоненти во Северна Македонија.
Некои мониторинг извештаи и истражувачки наоди упатуваат на поединци како Израел „Срулик“ Ајнхорн во контекст на пошироки регионални мрежи на влијание. Иако точниот обем и структура на овие врски остануваат предмет на понатамошно истражување, забележаните обрасци се конзистентни со координирани, прекугранични дигитални кампањи, вклучително и таргетирање на словенечката публика на платформи како ТикТок и Телеграм, секако, помогнато со вештачка интелигенција.
На оперативно ниво, оваа форма на дигитална пропаганда се потпира на автоматизирани скрипти и координирано однесување на објавување, способно да ги преплави клучните информациски канали. Една од најлесно забележливите тактики е заситување на официјалните изборни хаштагови со големи количини повторувачка или манипулативна содржина, со што се намалува видливоста на проверените информации од институциите, медиумите и граѓанското општество.
Оперативни јазли: платформи, обрасци и видливост
Иако официјалните листи на профили поврзани со координирани операции на влијание најчесто не се јавно достапни – ниту од националните разузнавачки тела како Словенечката служба за разузнавање и безбедност (SOVA), ниту од новите механизми на ЕУ како Европскиот штит за демократија – истражувачките извештаи и мониторингот на организации како ЦИВИЛ и други регионални дигитални набљудувачи идентификуваат повторливи обрасци, јазли и однесувања низ платформите.
До 21 март 2026 година, за време на изборниот молк, овие обрасци на информациско заситување се особено видливи.
Телеграм се наметна како примарна средина за дистрибуција на непроверени аудио-материјали и документи, пред сè поради ограничената модерација и слабата примена на правила во споредба со поголемите платформи. Мониторинг извештаите упатуваат на канали како Resnica 2026, SloveniaLeaks и Glas Ljudstva како илустративни примери на овој екосистем. Многу од овие канали функционираат со споменатата „burner“ тактика – се појавуваат кратко, дистрибуираат содржина и исчезнуваат, за потоа повторно да се појават под нови имиња или варијанти.
Овие канали најчесто дистрибуираат наводни „протекувања“ на содржини што се претставуваат како инсајдерски или „свиркачки“, и имитираат идентитет на легитимни актери – тактика позната во истражувањата за дезинформации како „имитација на идентитет“ или „кражба на бренд“.
Во исто време, ТикТок сè повеќе се користи за брза дистрибуција на емоционално набиена содржина, комбинирајќи визуелна симболика, музика и поедноставени наративи. Мониторингот идентификува кластери на профили, често краткотрајни или со чести промени на имиња, кои се фокусираат на наративи за миграција, користат повторливи хаштагови како #Veleizdaja и применуваат визуелни содржини генерирани со вештачка интелигенција, синтетички гласови и шаблонски видео формати. Иако откривањето на изворите е сложена постапка, повторливите стилски обрасци укажуваат на усогласеност со пошироки регионални екосистеми на пораки.
На X (поранешен Twitter), забележаната активност одговара на обрасци познати како координирано неавтентично однесување (CIB), насочено кон обликување на видливоста, влијание врз новинарите и забрзување на ширењето на наративите. Наместо стабилни профили, овој слој функционира преку променливи кориснички имиња, привремени профили, координирани кампањи со хаштагови како #Volitve2026 и #Slovenija2026, како и брзо споделување содржини од регионални портали. Мониторингот укажува на периоди на невообичаено висок обем на активност, карактеристичен за координирана амплификација, што влијае врз видливоста на проверените изборни информации.
Низ овие платформи се забележуваат неколку повторливи индикатори на координирана активност. Може да се забележи дека споделените фајлови носат конзистентни метаподатоци поврзани со претходно анализирана медиумска инфраструктура. Понатаму, добар индикатор за оваа операција претставува синхронизираното објавување, при што идентична или речиси идентична содржина се појавува на повеќе профили во рок од неколку секунди.
Понатаму, се бележи брза дистрибуција на повеќе различни платформи, при што содржината се движи од Телеграм кон X, а потоа кон ТикТок во кратки временски интервали. Забележливи се и скоковите на активност на социјалните мрежи за време на регулаторни празнини, особено во периодот на законскиот изборен молк.
Поединечно, ниту еден од овие елементи не претставува конечен доказ за централизирана контрола. Сепак, тие формираат образец што е конзистентен со координираните, операции на влијание низ платформите, како што се опишани во истражувањата и институционалните проценки за хибридни закани.
Така системот станува видлив, не преку еден профил, туку преку образецот што тие го создаваат заедно.
Факторот „Black Cube“
Како што претходно објави ЦИВИЛ Медиа, изборниот циклус во 2026 година изгледа дека вклучува дополнителен слој: учество на приватни разузнавачки актери кои дејствуваат паралелно со медиумските и дигиталните структури на влијание.
Меѓу субјектите што се споменуваат во овој контекст е „Black Cube“ (црна коцка), приватна разузнавачка компанија основана од поранешни израелски разузнавачки офицери. Според достапните извештаи и анализи, лица поврзани со вакви мрежи биле забележани во Љубљана во предизборниот период, при што наводно спроведувале активности што одговараат на она што вообичаено се опишува како „активни мерки“.
Овие активности, според истражувачките извештаи и експертските проценки, може да вклучуваат инсценирани интеракции, таргетирани активности за прибирање информации и различни форми на надзор насочени кон обезбедување политички компромитирачки материјал, познат како „компромат“. Иако целосниот обем и потврда на овие наводи остануваат предмет на понатамошна проверка, нивната усогласеност со познатите хибридни тактики е забележлива.
Во поширокиот екосистем, ваквите разузнавачки активности функционираат како „влезен“ слој: материјалот (без оглед на тоа дали е автентичен, манипулиран или изваден од контекст) влегува во истите дистрибутивни канали што веќе ги опишавме, каде што се преработува, засилува и циркулира преку усогласени медиумски и дигитални мрежи, вклучително и оние што дејствуваат во или се поврзани со Северна Македонија.
Она што го разликува овој слој не се само методите, туку степенот на интеграција. Прибирањето разузнавачки информации, конструирањето наративи и дигиталната амплификација сè повеќе функционираат како единствен, меѓусебно поврзан систем.
На структурно ниво, овој систем е дизајниран да биде отпорен. Содржината не зависи од една платформа или една јурисдикција. Ако словенечките власти ограничат пристап до еден медиум, истата содржина може да остане достапна преку сервери хостирани во други земји, вклучително и Северна Македонија. Ако еден канал на социјалните мрежи биде отстранет, алтернативни платформи (особено оние што се енкриптирани или се отворени во слабо регулирани средини како Телеграм) го продолжуваат циклусот на дистрибуција.
Резултатот е синхронизирана и адаптивна машинерија на влијание, во која Северна Македонија функционира како една од клучните логистички средини за складирање, обработка и редистрибуција на содржини насочени кон публиката во ЕУ.
Обемот на директна државна вклученост во ваквите операции, по својата природа, е тешко да се утврди со конечна сигурност. Но она што е појасно видливо е конвергенција на интереси, инфраструктура и резултати, што овозможува операциите на влијание да функционираат во простор кој е истовремено политички значаен и структурно негирачки.
Официјален одговор: препознавање без разрешница
Значајно е што словенечката влада, веќе препозна елементи од оваа прекугранична динамика и го покрена прашањето на европско ниво. Во формално обраќање, премиерот Голоб ја повика Европската комисија да ги разгледа новите извештаи за координирани информациски активности поврзани со странски актери и побара итна проценка на заканата.
Како што објави Courthouse News на 19 март 2026 година:
„Случајот во Словенија е најнов што ги засилува стравувањата дека растот на социјалните мрежи и вештачката интелигенција може да им овозможи на надворешни актери да влијаат врз изборите. Премиерот Голоб ја повика Европската комисија да ги истражи извештаите и го упати прашањето до Европскиот центар за демократска отпорност за итна проценка на заканата.“
Овој одговор е значаен поради две причини. Прво, тој претставува редок момент на експлицитно политичко признание дека операциите на влијание насочени кон изборите не се апстрактен ризик, туку активен и тековен процес. Второ, тој открива една постојана празнина: иако проблемот сè повеќе се препознава, одговорот останува претежно процедурален и институционален, потпирајќи се на механизми за истрага и координација што често се движат побавно од операциите што треба да ги адресираат.
Во таа смисла, случајот со Словенија ја илустрира пошироката европска дилема: свесност без соодветен одговор, препознавање без непосредно одвраќање.
Именување на актерите
Во овој момент, речиси и да нема простор за двосмисленост. Системот има структура. Има методи. Има инфраструктура. И има актери.
Предолго, дискусиите за странско влијание во Европа се потпираа на пасивни формулации од типот „надворешни фактори“, „малигни актери“, „хибридни закани“. Овие термини го опишуваат феноменот, но ја замаглуваат одговорноста. Време е за прецизност.
Москва е стратешкиот центар на овој систем. Русија не произведува само пропаганда, туку и стратешки наративи дизајнирани да ја ослабат демократската кохезија, да ги разнишаат сојузите и да ја нормализираат авторитарната логика. Војната против Украина е најјасната манифестација на оваа стратегија, но таа не е ограничена само на бојното поле. Истите наративи што ја оправдуваат агресијата, за „дегенерацијата“ на Западот, за провокацијата од НАТО и за нелегитимноста на демократските институции, континуирано и систематски се проектираат во европскиот политички и јавен простор.
Овие наративи не остануваат таму каде што настануваат. Тие се преведуваат, адаптираат и засилуваат.
Во Западен Балкан, Србија под водство на претседателот Александар Вучиќ има централна улога во овој процес. Преку силно концентрирана медиумска средина, провладините медиуми редовно рециклираат и интензивираат пораки усогласени со Кремљ, при што ги интегрираат чувството на незадоволство и разочарување кај луѓето, идентитетските политики и историските наративи. Ова оди подалеку од политичко усогласување. Србија функционира како активна дистрибутивна платформа, каде геополитичките наративи се трансформираат во емоционално набиена политичка содржина и се шират преку границите.
Унгарија, под водство на Виктор Орбан, го обезбедува она што овој пропаганден систем најмногу го бара: инфраструктура внатре во Европска Унија. Преку финансиски мрежи, медиумски инвестиции и политички сојузи, структури поврзани со Унгарија овозможија проширување на операциите на влијание во земјите членки на ЕУ, често користејќи ја токму заштитата на европските правни и пазарни рамки. Медиумските инвестиции во Скопје не се исклучок, туку дел од поширок образец што ги поврзува капиталот, медиумската сопственост и политичките пораки преку границите. Унгарија не е надвор од овој систем. Таа дејствува одвнатре и, во клучни аспекти, го овозможува.
Во Словенија, овие динамики се вкрстуваат со домашната политичка стратегија. Усогласувањето меѓу Јанез Јанша, Орбан и други илиберални актери, создаде услови во кои надворешните наративи можат да се интегрираат со внатрешните политички агенди. Така успеваат хибридните операции. Тие не ги заменуваат домашните актери. Тие дејствуваат преку нив.
И така доаѓаме до Северна Македонија.
Со години, таа беше на првата линија на овие операции, изложена на дезинформации, политичка дестабилизација и надворешен притисок. Денес, сè повеќе е вградена во самиот систем. Под актуелната политичка конфигурација, и преку мрежи поврзани со ВМРО-ДПМНЕ, земјата станува простор каде наративите се локализираат, медиумските структури се злоупотребуваат, а дигиталните операции се координираат прекугранично.
Ова е структурна трансформација – процес во кој поранешен таргет станува функционален јазол во поширока мрежа на влијание. Така влијанието станува структура, а структурата станува моќ.
Непријатната вистина
Она што ги поврзува овие актери не е само идеологија. Тоа е конвергенција на интереси. Москва има цел да ги ослабне демократските системи. Белград ја засилува пораката низ регионот. Будимпешта овозможува и финансира. Локалните актери се усогласуваат, се адаптираат и профитираат.
Словенија влегува во својата завршна фаза. Унгарија е следна, за неколку недели.
Така функционира современата политичка војна. Не преку окупација, туку преку интеграција. Не преку замена на системите, туку преку нивно навлегување и преобликување одвнатре. Ништо од ова не е можно без домашна агенда.
Она што странското влијание го бара е едноставно: политички актери подготвени да се усогласат, медиуми подготвени да засилуваат, и институции неподготвени – или неспособни – да се спротивстават. Ова е делот што најчесто останува неискажан, затоа што е полесно да се зборува за надворешни закани отколку за внатрешна одговорност.
„Знаеме кои се актерите. Знаеме како функционира системот. Знаеме што е во прашање.“ И сепак, прашањето повеќе не е дали овие операции постојат, тоа одамна е утврдено. Прашањето е дали демократските општества се подготвени да се соочат не само со надворешниот притисок, туку и со внатрешните структури што му овозможуваат да расте и да опстојува.
Одамна ја надминавме фазата на свесност. Ова е момент на избор. Системите се видливи. Методите се документирани. Актерите се познати.
Она што останува е дали демократските актери се подготвени – и доволно независни – да се соочат со реалноста пред себе, или ќе продолжат да ја управуваат преку јазик што ја омекнува, одложува и, на некој начин, дури и ги штити одговорните.
Цената на колебањето повеќе не е апстрактна. Таа е висока и видлива, може лесно да се забележи ако се отворат очите. Колебањето води кон заробени институции, искривен јавен дискурс и избори обликувани не од граѓаните, туку од системи дизајнирани да ги манипулираат.
Нема повеќе неутрален простор. Само јасност – или соучесништво.
Текстот е сопственост на ЦивилМедиа.мк




