Сè уште се размислува за судбината на „Македонска пошта“, односно дали таа ќе биде приватизирана или пак склучен договор по принципот на јавно-приватно партнерство. Од Владата најавуваат дека во 2021 година ќе има конечна одлука.
Пошта е само еден од загубарите за кои Владата ќе треба да најде решение. Со години се натрупуваат само долгови, а тоа беше и потврдено со објавата на последниот ревизорски извештај. Вицепремиерот Битиќи, вели дека процесот е започнат, но одлука нема.
„Моделот кој ќе биде избран е јавно-приватно партнерство или евентуално приватизација. Станува збор за процес кој што само што е почнат. Мислам дека во првиот или вториот квартал на 2021 година ќе имаме конечна одлука. Не е процес кој завршува во една краток период, рече Битиќи, кој е дел од владиниот тим задолжен за подготовка на физибилити студија со која ќе се утврди моделот за натамошниот статус на поштата“, вели Фатмир Битиќи – Вицепремиерот за економски прашања.
На Владина седница,Битиќи, министерот за економија Крешник Бектеши и директорот на Национални пошти, Ејуп Рустеми ба задолжени заедно да изготват физибилити студија на кој начин да започне постапката за преземање на компанијата. Но сега, товарот за се ова ќе падне врз Јани Макрадули кој треба да биде именуван за нов директор.
Ова не е прв обид за продажба на Македонска пошта. Во 2009 година неславно заврши обидот за влез на Канадска пошта во Македонска поштa.
ИДНИНА ПО ПРИМЕРОТ НА ЕВРОПСКИ ДРЖАВИ
Преземање со јавно-приватно партнерство или пак целосна приватизација. Ова се дилемите за Владата околку „Македонска пошта“. Премиерот Заев вели дека јавно-приватното партнерство ќе биде една од преокупациите на Владата во делот на креирањето на економските политики со што би се максимизираме сите ефекти за економски раст.
„Многу институции самите се за јавно-приватно партнерство, бидејќи не можат да се борат со отворените пазари. Такви примери има многу во Словенија, Австрија, Полска, Германија итн. Тоа е потребно за да имаме квалитетен поштенски сообраќај. Истото може да се случи со ТЕЦ Неготино, Македонски Железници, Еврокомпозит, Колска Велес. Тоа ќе биде една од преокупациите на Владата во следниот период“, смета премиерот Заев.
Според статистичките податоци на Агенцијата за пошти во извештајот за 2018 година, бројот на вработени во поштенскиот сектор кај сите даватели на поштенски услуги изнесува 2,971 лица, од кои 2,141 се вработени во Пошта на Северна Македонија, а останатите 830 во компаниите на останатите даватели на поштенски услуги. Бројот на вработени во Пошта на Северна Македонија во 2018 година е намален во однос на претходната година за 4,6 %, додека бројот на вработени кај останатите даватели на поштенски услуги е намален за 0,7%.
ЕУРОСТАНДАРД БАНКА ЈА БЛОКИРА И ПОШТА
Секој ден Македонска пошта вршела од 60 до 80 илјади банкарски трансакции. Со одењето во стечај на Еуростандард банк, бројот на трансакции сега засега е 0. Повеќето од експозитурите се затворени бидејќи немаат што да работат, а тие кои се отворени, како што е ова во центарот на Скопје примаат само писма.
Работата со пратки и писма во и надвор земјата тече нормално, но тоа што предизвика револт кај граѓаните е тоа што не можат да ги платат сметките за електрична енергија, вода и други комунални услуги.
Загриженост има и кај Синдикатот на оваа институција. Претседателот тврди дека одењето во стечај на Еуростандард Банка направи штета врз работата на Пошта која последните 20 дена има голема финансиска загуба.
„Не работењето на 330 поштенски единици на македонска пошта како и статус кво состојбата со неработењето на платниот промет претставува директна закана за егистенцијата 2.300 вработени и нивните семејства воедно, неработењето на поштенските филијали има големи последици и врз граѓаните, вели Боро Велигденов – претседател на синдикат на „Македонска пошта“.
КОРОНАВИРУСОТ НАНЕСЕ ДОПОЛНИТЕЛНИ ПРОБЛЕМИ
Во текот на 2018 година Пошта на Северна Македонија остварила вкупен обем од 35 милиони поштенски пратки, при што може да се забележи намалување во однос на 2017 година. Пошта на Северна Македонија има ексклузивно право да обезбедува пратки за кореспонденција во внатрешниот поштенски сообраќај и пратки за кореспонденција кои пристигнуваат во Република Северна Македонија од меѓународен поштенски сообраќај, со тежина до 50 гр.
„Со оглед на работењето во вонредни околности со намалени капацитети во сите поштенски управи и начинот на транспорт на поштата, се известуваат корисниците да имаат разбирање за доцнењето во преносот, испораката и доставата на пратките“, велат АД „Пошта на Северна Македонија“ преку испратено соопштение.
Има и рестрикции за пратки во меѓународен поштенски сообраќај.
„Напоменуваме дека, заради актуелната ситуација со COVID – 19 вирусот, авиокомпаниите преку кои се транспортираат поштенските пратки вршат промени на летовите на дневна основа. Со оглед на тоа, а и заради редуцираниот број на летови, очекувани се поголеми задоцнувања во транспортот“, велат од „Македонски пошти“.
Обемот на поштенскиот пазар во Република Северна Македонија во 2018 година изнесувал 39,025,313 милиони поштенски пратки податок кој сметајќи на ниво на вкупниот пазар изнесува намалување од 3,87 % во споредба со 2017 година. Процентот на намалување на вкупниот обем е резултат на намалувањето на обемот кај Пошта на Северна Македонија за 7%, додека обемот кај давателите на слободниот пазар се забележува значително зголемување од 44% на вкупниот обем на поштенски пратки.