Во 1921 година Кафка му остава аманет на Макс Брод да ги спали сите негови ракописи, но истовремено своите дневници, како подарок, и ги предава на Милена. Таа година Милена повеќепати тајно го посетува во Прага, а тоа го прави и следната година. Во мај 1922 година најверојатно за последен пат биле заедно.
По смртта во санаториумот во Карлинг, Австрија, на први јуни 1924 година, посмртните останки на четириесетиедногодишниот писател Франц Кафка биле пренесени во Прага. Десет дена подоцна на погребот во новите еврејски гробишта присуствувале околу сто луѓе. Меѓу нив секако и Дора Дијамент, последната негова невенчана жена, со која се запознал една година претходно во Берлин. Кога го спуштале ковчегот во гробот, Дора Дијамант стравотно вриснала, а нејзините лелеци ги заглушиле еврејските погребни молитви. Притоа, во воздухот во тој миг како да лебдела онаа позната реченица од романот „Процес“:
„Бездруго некој го наклевети Јозеф К, зашто, без да направи нешто лошо, едно утро го уапсија”. Mногумина сигурно знаат дека ова е првата реченица на романот, а со неа, би можело да се рече, почна новата ера во светската историја на прозата. Замислете каква голема и непоправлива штета би била направена на книжевноста, доколку неговиот најблизок пријател Макс Брод ја исполнел молбата на Кафка, спалувајќи ги сите негови ракописи. А Кафка со два тестамента го молел, всушност го обврзувал да го направи токму тоа: „Драги Макс, мојата последна молба до тебе е да спалиш се што ќе најдеш во мојата оставнина – во ормарот за книги, во ормарот за алишта, во масата за пишување, дома или во канцеларијата, или на кое и да е друго место, а тебе ти падне во очи. Дневници, ракописи, писма, туѓи и мои, прибелешки и слично – запали се без остаток, заедно со сите ракописи и белешки што од мое име ќе замолиш да ти ги дадат. Писмата што не ќе сакаат да ти ги дадат, барем нека се задолжат пред тебе дека сами ќе ги изгорат. Твојот,Франц Кафка.”
Ете тоа е аманетот што Кафка му го оставил на својот пријател. И, за среќа, Макс Брод, кој и самиот бил писател, не го послушал својот пријател и не ги изгорел неговите ракописи. Не само што не ги уништил, туку веднаш по смртта на Кафка, работејќи деноноќно и со невидена одговорност, успеал да ги среди, дешифрира и предаде во печат сите ракописи што нашол. Најпрво бил отпечатен романот „Процес”, а потоа, во 1926 година, романот „Замок”, следната година –„Америка”, а во 1931 година и сите раскази што успеал да ги пронајде по списанијата и оставнината. Од 1935 до 1958 година, Макс Брод дури трипати ги преобјавил собраните дела на Кафка, а во нив и писмата до Милена, зачувани во нејзината приватна архива. Самата Милена Јесенска, за жал, завршила во еден од фашистичките концентрациони логори, но писмата останаа вечно да го спомнуваат нејзиното име.
Обични, лесно достапни еротски објекти!?
Големиот Франц Херман Кафка е роден во 1883 година во Прага, а Милена Јесенска, жената на која и напишал цел том писма, била петнаесет година помлада од него: „Вие сте така млади, – пишува тој во едно од своите писма, – одвај имате 23 години, а јас имам веќе 38 години, речиси цел еден човечки век сум постар од вас, и веќе сум побелен од долгите ноќи и главоболките. Имав две жени со кои трипати се свршував. Заедничко на тие мои три веридби е тоа што за се сум виновен јас, без сомнение јас – двете девојки ги унесреќив”.
Две девојки, а три веридби! А сето тоа траело се на се само неколку месеци. Направил две веридби со Фелиција Бауер и една со Дора Дијамант, иако во некои сведоштва стои дека татко и на Дора одбил неговата ќерка да се венча со Кафка. Како и да е, пред веридбата со Фелиција Бауер, во јули 1912 година, во својот дневник тој ќе запише:
„Неспособноста сам да го поднесувам животот, не значи дека не сум способен да живеам сам. Напротив – мислам дека дури е и неверојатно дека би умеел да живеам заедно со некој друг. Сепак, од друга страна, признавам дека сум неспособен сосема сам да го издржам притисокот на својот сопствен живот; барањата што ми ги поставува мојата комплицирана личност, бремето на староста и притисокот на вољата за пишување, плус несоницата и близината на лудилото. Немам сила сето тоа сам да го издржам.”
Во секој случај, обидот да побегне од осаменоста со женење, завршува брзо и сосема неуспешно. Истото се случува и со втората, но и со третата веридба. Но, сепак, има нешто што трае многу подолго, не дозволувајќи му на лудилото да се „маскира“’ во генијалноста. Тоа е преписката со Милена Јесенска. Всушност ,тоа не е обична размена на писма – тоа е своевиден духовен брак. Тие низ писмата го живеат својот заеднички живот. Така е кога „разговараат“’ за раѓањето и за смртта, за болката и убавината, за љубовта и омразата:
„Постојано сакаш да знаеш, Милена, дали те сакам“, пишува тој. „Тоа е тешко прашање на кое човек не може да одговори во писмо. Кога ќе се видиме следниот пат, ќе ти кажам дали те сакам, ако не ми откаже гласот.”
Според она што може да се прочита во неговите романи, а меѓу редови и во дневникот, неговиот однос кон жените за денешните феминистки, на пример, веројатно би бил доста проблематичен. Сепак, пред да се анализираат неговите ставови за жените, можеби треба да се знае дека тој своето прво сексуално искуство го имал на дваесет година со една продавачка од соседството, а во 1905 година веќе интензивно живее со жена која е значително постара од него. Можеби затоа, велат некои од критичарите, женските ликови во прозата на Кафка во суштина се само обични, безживотни марионети, сведени по правило на лесно достапни еротски објекти. Исто така, пореметениот контакт со спротивниот пол е многу честа и мачна тема и во неговата коресподенција – жените за него се нешто „гадно и валкано“, но истовремено и нешто од што не може да се побегне. Токму со такви женски ликови е опкружен и геометарот К. во романот „Замок“Тоа е истовремено и најосамениот лик на Кафка, па не случајно иницијалот е ист со иницијалот на неговото презиме.
Негативниот однос кон жените всушност е само дел од неговиот негативен однос кон животот. Психолошките анализи направени во тој контекст говорат дека тоа се должи на неговиот однос кон татка си, односно кон татковата надмоќност во однос на него. Во „Писмата до таткото“, Кафка отворено ќе признае: „Моето пишување зборува за тебе; јас само се тажам за она што на твоите гради не можев да го истажам.”
Гулабот на Милена и букетот на Дора!
Според хронологијата за животот и творештвото на Франц Кафка од Жерар – Жорж Лемер, пролетта 1910 година, Кафка почнува да го пишува својот „Дневник“, кој во октомври 1921 година, по една тајна „неколкудневна љубовна романса“, и го подарува на Милена Јесенска. Истата година ги објавува и своите први пет прозни текстови. Есента со Макс Брод патува во Париз а потоа и во Берлин. Следната година, исто така со својот најблизок другар, почнуваат да го пишуваат заедничкиот роман „Рихард и Самуел“. Во Прага, навечер, се дружи со актерите од некоја источноеврејска театарска трупа што гостува во градот. Веќе следната година го пишува својот роман „Америка“ и го завршува својот антологиски расказ „Метаморфоза“. Во тоа време започнува интензивната преписка со Фелиција Бауер, а на почетокот на следната година три дена престојува кај неа во Берлин. Таму се запознава со пријателката на Фелиција – Грета Блох. Истата таа Грета во ноември 1913 година го посетува тајно, без да знае пријателката, во Прага. Врската на ист начин продолжува речиси до крајот на следната година. Таинствената врска го Грета Блох завршила исто како што почнала – одеднаш и без никаква трага. Ниту Кафка се интересирал за неа, ниту таа за него. Во март 1914 година писателот пак ја посетува Фелиција Бауер во Берлин И тогаш, набрзина, неочекувано, и предлага брак. На први јуни веќе е закажана веридбата. Тој брак траел само 42 дена. Цела една година потоа воопшто и не разговараат, а во јуни 1915 година повторно се сретнуваат во Карлови Вари, но само како познаници. Веќе следното лето го поминуваат заедно во Маријански Лазњи и повторно стануваат блиски. Во меѓувреме Кафка интензивно пишува раскази а добива и неколку значајни награди.
Во почетокот на јули 1917 година – значи три година по првата веридба – Франц и Фелиција се свршуваат по вторпат. По свршувачката заминуваат на свадбено патување во Арад, каде што ја посетуваат и нејзината сестра, која е сосема збунета од бракот со „истиот, темен човек“. Наскоро, во август, Кафка веќе плука крв, а во септември лекарите потврдуваат дека станува збор за туберкулоза. Депресивен од своето здравје, зема неплатен одмор и полни три месеци живее кај својата сестра Отла во северозападна Чешка. Кон крајот на декември, истата година, 1917 година, се враќа во Прага и по вторпат ја раскинува веридбата со Фелиција Бауер. По таквите шокови што ги доживува од својот „двоен“ сопруг, Фелиција одлучува конечно и за сите времиња да крене раце од него, исчезнува од неговиот живот, се мажи и се преселува во Швајцарија, а во 1936 година заедно со својот сопруг се преселува во САД. Во 1956 година на една издавачка куќа во Њујорк ги продава правата за објавување на нејзината обемна преписка со Кафка, заедно со писмата од Кафка што и ги отстапила нејзината „таинствена“ пријателка Грета Блох.
Но да се вратиме назад, во 1919 година, летото по конечно се разделуваат со Фелиција Бауер, а тој ја запознава Јулија Вохризек. И веднаш, истото лето, се свршува со Јулија, а свадбата е закажана за ноември. Меѓутоа, до свадба не доаѓа. Во почетокот на 1920 година,тој е веќе на лекување во Мерано. Иако болеста му ги урива сите надежи, тој токму во тој период започнува нешто за што самиот вели дека го прави најсреќен во животот. Имено токму тогаш ја започнува преписката со Милена Јасенска, млада жена, сопруга на банкарски службеник. Со својот сопруг живеат во Виена. Таа со писмо му се обраќа на Кафка за да го замоли да и дозволи да преведе неколку негови раскази на чешки јазик. На 22 април веќе излегува нејзиниот прв превод на расказот „Ложач“. Тоа е прв превод на некое дело на Кафка. Во јуни тој е веќе во Виена, кај Милена, а од таму патува во Прага каде што дефинитивно ја раскинува веридбата со Јулија Вохризек. Во август истата година ја има својата прва интимна средби со Милена во Гмунд, се разбира без да знае нејзиниот сопруг, банкарски службеник кој копнее да се пресели во Париз. Во 1921 година Кафка му остава аманет на Макс Брод да ги спали сите негови ракописи, но истовремено своите дневници, како подарок, и ги предава на Милена. Таа година Милена повеќепати тајно го посетува во Прага, а тоа го прави и следната година. Во мај 1922 година најверојатно за последен пат биле заедно.
Потоа, следните две година, последните од неговиот живот, Милена и тој заедно се само во писмата. Тој се почесто е во постела или во некое лечилиште. Во јуни 1923 година во лечилиштето Мирица на Балтичкото море ја запознава Дора Дијамант, а веќе во септември заедно се Берлин, во нејзиниот стан. По упорното инсистирање на Кафка, Дора спалува многу негови ракописи, пишувани последните две година. Во почетокот на 1924 година, Кафка и Дора се селат во Целендорф, но набрзо, за жал, тој мора да биде сместен во санаториум, каде што набрзо ќе се утврди туберкулоза на гркланот. На трети јуни, Франц Кафка, писателот кој мислеше дека се што напишал ќе биде спалено, умира во санаториумот близу Виена. Пред последниот здив Дора Дијамант му донесува прекрасен букет цвеќе:
„Франц, погледни го ова цвеќе, помирисај го!“, му вели таа. Тој го помирисува и веднаш потоа засекогапш ги склопува очите. Десет дена подоцна Дора Дијамант е единствената негова жена што присуствува на погребот. Кога го спуштале ковчегот во гробот, Дора Дијамант стравотно вриснала а нејзините лелеци ги зглушиле еврејските погребни молитви. Милена нема да присуствува на погребот. По дознавање на веста за неговата смрт, со солзи во очите, сама во својата соба, ги прелистува неговите дневници и писма. И ќе прочита:
„Те фаќа страв при помислата на смртта? Мене ми е ужасно страв од болка. Тоа е лош знак. Да ја сакаш смртта, а да не сакаш болка. Тоа е лош знак. Човекот е библиски гулаб, кој не можел да најде ниедно зелено гранче, па затоа се вовлекува во мрачниот ковчег.” Од гулабот на Кафка до гулабот на Милена ќе поминат цели дваесет година. Нејзината душа ќе летне во потрага по душата на Кафка дваесет годони подоцна, на 17 мај 1944 година, од логорот „Равенсбрик“’. Исто како неа ќе завршат и трите сестри на Кафка. Зад нив ќе остане она што писателот го напишал, она што Макс Брод го спасил и неговата изјава запишана од Дора Дијамант: „Јас сум книжевност!“
Извор: Македонска медиумска агернција


